Јован 4:21-26
Јован 4:21-26 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Исус и рече: „Верувај ми, жено, дека доаѓа време кога нема да биде важно дали Му се поклонувате на небесниот Татко во Ерусалим или на оваа гора. Вие Самарјанците не Го познавате Оној на Кој Му се поклонувате. А ние Евреите знаеме на Кого Му се поклонуваме, бидејќи спасението доаѓа преку Евреите. Но доаѓа време, и веќе е дојдено, кога вистинските поклоници ќе бидат воведени во вистината од Божјиот Дух и ќе Му се поклонуваат на небесниот Татко онака како што тоа го сака небесниот Татко. Бог е Дух и оние што Му се поклонуваат мораат да го прават тоа сходно со вистината која им ја открива Божјиот Дух.“ Жената му рече: „Знам дека треба да дојде Месијата, Помазаникот. Кога ќе дојде, Тој ќе ни објасни се.“ „Тоа Сум Јас - Овој што сега разговара со тебе!“ - и рече Исус.
Јован 4:21-26 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Исус ѝ рече: „Жено, верувај Ми дека доаѓа време кога ни на оваа планина, ниту во Ерусалим не ќе се поклонувате на Отецот. Вие му се поклонувате на она што не го знаете, а ние се поклонуваме на она што го знаеме; зашто спасението е од Јудејците. Но иде време и веќе дошло кога вистинските поклоници ќе Му се поклонуваат на Отецот со дух и вистина, зашто Отецот сака такви да бидат оние кои Му се поклонуваат. Бог е Дух и оние што Му се поклонуваат, треба да се поклонуваат со дух и со вистина.“ Жената Му рече: „Знам дека ќе дојде Месија, наречен Христос; кога ќе дојде Тој, сѐ ќе ни каже.“ А Исус ѝ рече: „Јас сум, Кој зборува со тебе.“
Јован 4:21-26 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Исус ѝ рече: „Верувај Ми жено, дека иде часот кога не ќе Му се поклонувате на Таткото ниту на оваа пла-нина ниту во Ерусалим. Вие не знаете на што му се поклонувате; ние знаеме на што му се поклонуваме, зашто Спасението доаѓа од Јудејците. Но доаѓа час - и веќе е тука - кога вистинските поклоници ќе Му се поклонуваат на Таткото во дух и вистина, зашто Таткото сака такви поклоници. Бог е Дух, и кои Му се поклонуваат, треба да Му се поклонуваат во дух и вистина.“ Жената Му одговори: „Знам дека ќе дојде Месија, Кој се вика Христос. Кога ќе дојде Тој, ќе ни објави сѐ.“ Исус ѝ рече: „Јас Сум, Кој зборувам со тебе.“