Јован 3:3-17
Јован 3:3-17 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Исус му одговори и рече: „Вистина, вистина ти велам: ако некој не се роди одозгора, не може да го види царството Божјо.“ Никодим Му рече: „Како може човек да се роди кога е стар? Зар може по вторпат да влезе во утробата на мајка си и да се роди?“ А Исус му одговори: „Вистина, вистина ти велам: ако некој не се роди од вода и Дух, не може да влезе во царството Божјо; зашто, роденото од тело, е тело; а роденото од Дух, е дух. Затоа, не чуди се што ти реков: вие треба да се родите одозгора. Ветрот дува каде што сака и гласот негов го слушаш, но не знаеш од каде иде и на каде оди; така е со секој човек роден од Духот.“ Никодим Му одговори и рече: „Како може тоа да биде?“ Исус одговори и му рече: „Ти си учител во Израел, па тоа ли не го знаеш? Вистина, вистина ти велам: ние зборуваме за она што знаеме, и сведочиме за она, што сме виделе; а вие нашето сведоштво не го примате. Кога за земни работи ви зборувам и не верувате, како ќе поверувате кога би ви говорел за небесните? Никој не се искачил на небото, освен Синот Човечки, Кој слезе од небото и Кој е на небото. И како што Мојсеј ја подигна змијата во пустината, така треба да се издигне и Синот Човечки, та секој што верува во Него да не загине, но да има живот вечен. Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не загине, туку да има вечен живот. Зашто Бог не Го испрати Својот Син во светот за да му суди на светот, туку светот да се спаси преку Него.
Јован 3:3-17 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Исус му одговори: „Најсериозно ти велам: ако човек наново не се роди, не може да го види Божјото царство!“ „Како може стар човек наново да се роди!?“ - праша Никодим. „Може ли да се врати во утробата на својата мајка и повторно да се роди!?“ Исус му одговори: „Ти велам и ти нагласувам: ако човек не се роди од вода и Дух, не може да влезе во Божјото царство! Телото може да роди само тело, додека Светиот Дух раѓа нов, духовен живот, од небото. Не чуди се што ти реков: ,Морате наново да се родите!‘ Ветрот дува каде што сака. Звукот му го слушаш, но не знаеш од каде доаѓа и каде оди. Така е со секој што е роден од Духот.“ „Како може тоа да биде!?“ - праша Никодим. Исус му рече: „Како можеш да му бидеш учител на израелскиот народ, а да не го знаеш тоа!? Најсериозно ти велам: ние знаеме што зборуваме и сведочиме за она што сме го виделе, а вие нашето сведоштво не го примате. Ако не Ми верувате кога ви зборувам за земни работи, како ќе Ми верувате ако ви зборувам за небесни работи!? Никој не бил горе на небото, освен Синот Човечки, Кој слезе од небото. Исто како што Мојсеј ја подигна бронзената змија во пустината, така ќе мора и Јас, Синот Човечки, да бидам подигнат. Тогаш секој што ќе поверува во Мене, ќе се здобие со вечен живот. Зашто Бог толку ги засака луѓето од овој свет, што Го даде Својот Единороден Син, за да не загине ниту еден што верува во Него, туку да има вечен живот. Бог не Го испрати Својот Син во светот за да го осуди светот, туку да го спаси преку Него.
Јован 3:3-17 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Исус му одговори и рече: „Вистина, вистина, ти велам, ако некој не се роди одозгора, тој не може да го види Божјото Царство.“ Никодим Му рече: „Како може да се роди човек, кога е стар? Зар може по вторпат да влезе во утробата на мајка си и да се роди?“ Исус му одговори: „Вистина, вистина, ти велам: ако некој не се роди од вода и Дух, тој не може да влезе во Божјото Царство. Роденото од тело, тело е; а роденото од Дух, дух е. Не чуди се што ти реков: треба да се родите одозгора. Ветерот дува каде што сака, и го слушаш неговиот шум, а не знаеш од каде доаѓа и каде оди. Така е со секој, кој е роден од Дух.“ Никодим Му одговори и рече: „Како може да биде тоа?“ Исус му одговори и рече: „Ти си Израелев учител, и не го знаеш ли тоа? Вистина, вистина, ти велам: зборуваме за она, што знаеме; сведочиме за она што сме виделе; а сепак не го примате нашето сведоштво. Не верувате кога ви зборував за земните работи, како ќе верувате ако ви кажувам за небесните? И никој не отишол во небо, освен Оној, Кој слезе од небото, Човечкиот Син Кој е во небото.“ И како што Мојсеј ја издигна змијата во пустината, така треба да биде издигнат Човечкиот Син, та секој, кој верува во Него да не загине, но да има вечен живот. Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Едино-роден Син, та секој, кој верува во Него, да не загине, туку да има вечен живот. Зашто Бог не Го испрати Својот Син во светот за да му суди на светот, туку светот да се спаси преку Него.