Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јован 20:21-31

Јован 20:21-31 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

А Исус пак им рече: „Мир вам! Ка­ко што Ме прати Отецот, така и Јас ве праќам.“ И кога им го кажа ова, дувна и им рече: „Примете Дух Свети! На кои ќе им ги простите гре­во­ви­те, ќе им се простат, а на кои ќе им ги за­држите, ќе им се задржат.“ А Тома, еден од дванаесетте, на­ре­чен Близнак, не беше со нив кога дојде Исус. Другите ученици му рекоа: „Го ви­довме Господа!“ А тој им рече: „Додека не ги видам раните од клинците на ра­цете Негови, и не го ставам прстот свој во раните од клинците, и не ја ставам раката своја во ребрата Негови, нема да поверувам!“ А по осум дена учениците Негови пак беа собрани, и Тома со нив. Дојде Исус, кога вратата беше заклучена, застана меѓу нив и рече: „Мир вам!“ Потоа му рече на Тома: „Дај го прс­тот свој овде и види ги рацете Мои; дај ја раката своја и стави ја во ребрата Мои; и не биди неверлив, туку поверувај!“ Одговори Тома и Му рече: „Господ мој и Бог мој!“ Исус му рече: „Тома, ти поверува затоа што Ме виде; блажени се оние кои не виделе, а поверувале.“ И многу други чуда изврши Исус пред учениците Свои, што не се за­пи­шани во оваа книга. А овие се запишани за да поверува­те дека Исус е Христос, Синот Божји, и верувајќи да имате живот во Неговото име.

Јован 20:21-31 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Исус повторно ги успокои, пренесувајќи им Го својот мир, а потоа им рече: „Како што Мене Ме прати небесниот Татко, така сега Јас ве праќам вас.“ Откако го рече тоа, Тој им вдахна од Својот Дух, велејќи: „Примете Го Светиот Дух! Ако на луѓето им ги простите гревовите - ќе им бидат простени, а ако не им ги простите - ќе им останат.“ Иако Тома (со грчки прекар Дидимус) беше еден од дванаесетте Христови ученици, тој не беше со нив кога Исус им се појави. Другите ученици го уверуваа: „Го видовме Господ!“ Но тој им велеше: „Додека на Неговите раце не ги видам лузните од клиновите и не ги ставам прстите во раните од клиновите, а раката под Неговите ребра - нема да поверувам!“ По осум дена, учениците повторно беа собрани внатре, а овојпат и Тома беше со нив. Иако вратата беше заклучена, Исус дојде, застана насреде и ги успокои со поздрав! Потоа му рече на Тома: „Стави ги своите прсти овде и погледни ги Моите раце; испружи ја раката и стави ја на лузната под Моите ребра. И престани да се сомневаш, туку верувај!“ Тогаш Тома Му се обрати со зборовите: „Ти Си мојот Господ и мојот Бог!“ А Исус му рече: „Ти поверува затоа што Ме виде; благословени се оние што веруваат, иако не Ме виделе!“ Исус пред Своите ученици направи уште многу други чуда кои не се запишани во оваа книга. А овие се запишани за да поверувате дека Исус е Месијата, Божјиот Син, и преку вера во Него да имате вистински живот.

Јован 20:21-31 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Тогаш Исус пак им рече: „Мир вам! Како што Ме прати Таткото и Јас ве праќам!“ Кога им го кажа ова, дувна во нив и им рече: „Примете Свети Дух! На кои ќе им ги простите гревовите - простени им се; на кои ќе им ги задржите - задржани им се!“ А Тома, наречен Близнак, еден од Дванаесетте, не беше со нив, кога дојде Исус. Затоа другите ученици му рекоа: „Го видовме Господа!“ А тој им рече: „Додека не ги видам раните од клинците на Неговите раце и не го ставам мојот прст во раните од клинците и не ја ставам мојата рака во Неговите ребра, нема да поверувам.“ А по осум дни, Неговите ученици пак беа внатре, и Тома со нив. Додека вратата беше затворена, Исус дојде, застана на средина и им рече: „Мир вам!“ Потоа му рече на Тома: „Испружи го твојот прст ваму и види ги Моите раце; и испружи ја твојата рака, и стави ја во Моите ребра; и не биди неверен - туку верен!“ Тома одговори и Му рече: „Мој Господ и мој Бог!“ Исус му рече: „Поверува, зашто Ме виде. Блажени се кои не виделе, а поверувале.“ И многу други чуда направи Исус пред учениците, кои не се запишани во книгава; а овие се запишани, за да верувате дека Исус е Христос, Божји Син, и верувајќи да имате живот во Негово име.