Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јован 18:28-38

Јован 18:28-38 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Беше рано наутро кога Го одведоа Исуса откај Кајафа до палатата на гувернерот. Евреите не влегоа во палатата, зашто секаква близина со неевреи би ги опоганила, и тие не би можеле да ја јадат Пасхалната вечера. Пилат излезе кај нив и ги праша: „Какво обвинение поднесувате против Овој човек?“ Тие му одговорија: „Да не беше Овој човек злосторник, зар ќе ти го доведовме!?“ Но Пилат им рече: „Земете Го и судете Му според вашиот Закон!“ „Нам не ни е дозволено да извршуваме смртна пресуда над никого“ - му рекоа Евреите. Така започна да се исполнува она што го рече Исус за начинот на кој Тој ќе умре. Тогаш Пилат се врати во палатата, Го повика Исуса, и Го праша: „Ти ли си царот на Евреите?“ Исус одговори: „Од тебе ли потекнува ова прашање, или други ти кажувале за Мене?“ „Зар сум јас Евреин?“ - одговори Пилат. „Твојот народ и свештеничките поглавари Те предадоа кај мене. Што си сторил?“ Исус одговори: „Моето царство не е од овој свет. Да беше Моето царство од овој свет, Моите следбеници ќе се бореа да не им паднам во рацете на еврејските верски водачи. Не, Моето царство не е одовде.“ Тогаш Пилат Му рече: „Значи, сепак Ти си цар!?“ „Ти рече дека сум цар“ - одговори Исус. „Јас се родив и дојдов на светот за да бидам сведок за вистината. Секој што ја сака вистината, ќе познае дека ја зборувам вистината и ќе Ме слуша.“ Пилат Го праша Исуса: „Што е тоа вистина?“ Штом го рече тоа, повторно излезе кај Евреите и им рече: „Јас не наоѓам никаква вина кај Него.

Јован 18:28-38 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И Го поведоа Исус од Кајафа во преторијата. Но беше утро, и тие не влегоа во неа, за да не се осквернат, за да можат да ја јадат Пасхата. Тогаш излезе Пилат пред нив и ре­че: „За што Го обвинувате Овој Човек?“ Одговорија и му рекоа: „Ако Тој не беше злосторник, немаше да ти Го предадеме!“ А Пилат им рече: „Земете Го вие и судете Му според вашиот закон!“ Ју­деј­ците му рекоа: „Нам не ни е дозволено да погубуваме никого“, за да се исполни зборот Исусов, што го рече, кажувајќи со каква смрт ќе умре. Тогаш Пилат влезе во судницата, па Го повика Исус и Му рече: „Ти ли си Царот Јудејски?“ Исус му одговори: „Сам ли го збо­руваш тоа или други ти кажаа за Ме­не?“ Пилат одговори: „Та јас Јудеец ли сум? Твојот народ и првосвештениците Те предадоа на мене. Што си направил?“ Исус одговори: „Моето царство не е од овој свет; ако беше царството Мое од овој свет, тогаш Моите слуги би Ме бранеле, за да не им бидам предаден на Јудејците; но царството Мое сега не е овде.“ А Пилат Му рече: „Ти, пак, Цар ли си?“ Исус одговори: „Ти велиш дека сум Цар. Јас за тоа се родив и за тоа дојдов на светот, за да сведочам за вистината; секој, кој е од вистината, го слуша гласот Мој.“ Пилат Го праша: „Што е тоа вистина?“ И кога го рече ова, излезе пак кај Јудејците и им рече: „Јас не наоѓам ни­каква вина во Него.

Јован 18:28-38 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Тогаш го одведоа Исуса од Кајафа во преторијата; а беше утро; и тие не влегоа во преторијата, за да не се осквернат, туку да можат да ја јадат Пасхата. Затоа Пилат излезе пред нив и рече: „Какво обвинение поднесувате против Човеков?“ Во одговор му рекоа: „Ако Овој не беше злодеец, немаше да ти Го предадеме.“ А Пилат им рече: „Земете Го и судете Му според вашиот Закон.“ Јудејците му рекоа: „Нам не ни е дозволено да убиеме некого,“ - за да се исполни Исусовиот збор, со кого навести со каква смрт ќе умре. Потоа Пилат се врати во преторијата, Го повика Исуса и Му рече: „Ти ли си Јудејскиот Цар?“ Исус одговори: „Го зборуваш ли тоа сам од себе, или други ти кажаа за Мене?“ Пилат одго-вори: „Јудеец ли сум јас? Твојот народ и првосвештениците Те предадоа на мене. Што си сторил?“ Исус одговори: „Моето Царство не е од светов; ако Моето Царство беше од овој свет, Моите воини би се бореле да не им бидам предаден на Јудејците; но Моето Царство не е оттука.“ Пилат на тоа му рече: „Сепак си Цар?“ Исус одговори: „Ти велиш дека Сум Цар. Јас се родив за тоа и за тоа дојдов на светот, за да сведочам за вистината. Секој - кој е од вистината - го слуша Мојот глас.“ Пилат Му рече: „Што е вистина?“ Штом го рече тоа, излезе пак при Јудејците и им рече: „Јас не наоѓам никаква вина во Него.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност