Јован 18:28-32
Јован 18:28-32 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И Го поведоа Исус од Кајафа во преторијата. Но беше утро, и тие не влегоа во неа, за да не се осквернат, за да можат да ја јадат Пасхата. Тогаш излезе Пилат пред нив и рече: „За што Го обвинувате Овој Човек?“ Одговорија и му рекоа: „Ако Тој не беше злосторник, немаше да ти Го предадеме!“ А Пилат им рече: „Земете Го вие и судете Му според вашиот закон!“ Јудејците му рекоа: „Нам не ни е дозволено да погубуваме никого“, за да се исполни зборот Исусов, што го рече, кажувајќи со каква смрт ќе умре.
Јован 18:28-32 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Беше рано наутро кога Го одведоа Исуса откај Кајафа до палатата на гувернерот. Евреите не влегоа во палатата, зашто секаква близина со неевреи би ги опоганила, и тие не би можеле да ја јадат Пасхалната вечера. Пилат излезе кај нив и ги праша: „Какво обвинение поднесувате против Овој човек?“ Тие му одговорија: „Да не беше Овој човек злосторник, зар ќе ти го доведовме!?“ Но Пилат им рече: „Земете Го и судете Му според вашиот Закон!“ „Нам не ни е дозволено да извршуваме смртна пресуда над никого“ - му рекоа Евреите. Така започна да се исполнува она што го рече Исус за начинот на кој Тој ќе умре.
Јован 18:28-32 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Тогаш го одведоа Исуса од Кајафа во преторијата; а беше утро; и тие не влегоа во преторијата, за да не се осквернат, туку да можат да ја јадат Пасхата. Затоа Пилат излезе пред нив и рече: „Какво обвинение поднесувате против Човеков?“ Во одговор му рекоа: „Ако Овој не беше злодеец, немаше да ти Го предадеме.“ А Пилат им рече: „Земете Го и судете Му според вашиот Закон.“ Јудејците му рекоа: „Нам не ни е дозволено да убиеме некого,“ - за да се исполни Исусовиот збор, со кого навести со каква смрт ќе умре.