Јован 18:19-40
Јован 18:19-40 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Во меѓувреме, Првосвештеникот Го испрашуваше Исуса за Неговите ученици и за Неговото учење. „Јас отворено му зборував на светот“ - му одговори Исус. „Секогаш поучував во синагога или во храмот, каде што сите Евреи се собираат. Ништо не сум зборувал во тајност. Зошто ме прашуваш Мене, што сум им зборувал? Прашај ги оние што Ме слушаа! Тие знаат што зборував!“ Штом го рече тоа, еден од гардистите, кој стоеше во близина, Му удри шлаканица на Исус, велејќи: „Така ли се одговара на Првосвештеник!?“ Исус му одговори: „Ако реков нешто лошо, кажи што е тоа, а ако ја кажав вистината, зошто Ме удираш?“ Тогаш Анан Го испрати Исуса врзан кај Првосвештеникот Кајафа. Додека Симон Петар се уште стоеше таму и се грееше, некој го праша: „Да не си и ти еден од учениците на Оној човек?“ Петар вторпат одрече, велејќи: „Не сум!“ Еден од слугите на Првосвештеникот, кој му беше роднина на Малхус, на кого Петар му го отсече увото, рече: „Зар не те видов и тебе во градината со Оној човек?“ Петар третпат одрече и во тој момент запеа петел. Беше рано наутро кога Го одведоа Исуса откај Кајафа до палатата на гувернерот. Евреите не влегоа во палатата, зашто секаква близина со неевреи би ги опоганила, и тие не би можеле да ја јадат Пасхалната вечера. Пилат излезе кај нив и ги праша: „Какво обвинение поднесувате против Овој човек?“ Тие му одговорија: „Да не беше Овој човек злосторник, зар ќе ти го доведовме!?“ Но Пилат им рече: „Земете Го и судете Му според вашиот Закон!“ „Нам не ни е дозволено да извршуваме смртна пресуда над никого“ - му рекоа Евреите. Така започна да се исполнува она што го рече Исус за начинот на кој Тој ќе умре. Тогаш Пилат се врати во палатата, Го повика Исуса, и Го праша: „Ти ли си царот на Евреите?“ Исус одговори: „Од тебе ли потекнува ова прашање, или други ти кажувале за Мене?“ „Зар сум јас Евреин?“ - одговори Пилат. „Твојот народ и свештеничките поглавари Те предадоа кај мене. Што си сторил?“ Исус одговори: „Моето царство не е од овој свет. Да беше Моето царство од овој свет, Моите следбеници ќе се бореа да не им паднам во рацете на еврејските верски водачи. Не, Моето царство не е одовде.“ Тогаш Пилат Му рече: „Значи, сепак Ти си цар!?“ „Ти рече дека сум цар“ - одговори Исус. „Јас се родив и дојдов на светот за да бидам сведок за вистината. Секој што ја сака вистината, ќе познае дека ја зборувам вистината и ќе Ме слуша.“ Пилат Го праша Исуса: „Што е тоа вистина?“ Штом го рече тоа, повторно излезе кај Евреите и им рече: „Јас не наоѓам никаква вина кај Него. Но, кај вас постои обичај секоја година да барате да ви ослободам по еден затвореник за време на Пасхата. Сакате ли да ви Го ослободам царот на Евреите?“ Тие му одговорија со викотница: „Не Него, туку Бараба!“ А Бараба беше бунтовник и убиец, кој се наоѓаше в затвор.
Јован 18:19-40 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Првосвештеникот, пак, Го праша Исус за учениците Негови и за Неговото учење. Исус му одговори: „Јас му зборував на светот јавно; Јас секогаш поучував по синагогите и во храмот, каде што секојпат се собираат Јудејците, и тајно ништо не сум зборувал. Зошто Ме прашуваш Мене? Прашај ги оние кои слушале што сум зборувал; тие знаат што сум говорел.“ Кога Тој го рече тоа, еден од слугите, кој стоеше близу, Го удри Исус по образ и рече: „Така ли му одговараш на првосвештеникот?“ Исус му одговори: „Ако реков нешто лошо, докажи го лошото; ако ли, пак, добро – зошто Ме удираш?“ Тогаш Ана Го прати врзан кај првосвештеникот Кајафа. А Симон Петар стоеше и се грееше. И му рекоа: „Да не си и ти од учениците Негови?“ Тој порекна и рече: „Не сум.“ Еден од слугите на првосвештеникот, што му беше роднина на оној кому Петар му го беше отсекол увото, рече: „Нели те видов и тебе во градината со Него?“ А Петар пак порекна; и веднаш запеа петел. И Го поведоа Исус од Кајафа во преторијата. Но беше утро, и тие не влегоа во неа, за да не се осквернат, за да можат да ја јадат Пасхата. Тогаш излезе Пилат пред нив и рече: „За што Го обвинувате Овој Човек?“ Одговорија и му рекоа: „Ако Тој не беше злосторник, немаше да ти Го предадеме!“ А Пилат им рече: „Земете Го вие и судете Му според вашиот закон!“ Јудејците му рекоа: „Нам не ни е дозволено да погубуваме никого“, за да се исполни зборот Исусов, што го рече, кажувајќи со каква смрт ќе умре. Тогаш Пилат влезе во судницата, па Го повика Исус и Му рече: „Ти ли си Царот Јудејски?“ Исус му одговори: „Сам ли го зборуваш тоа или други ти кажаа за Мене?“ Пилат одговори: „Та јас Јудеец ли сум? Твојот народ и првосвештениците Те предадоа на мене. Што си направил?“ Исус одговори: „Моето царство не е од овој свет; ако беше царството Мое од овој свет, тогаш Моите слуги би Ме бранеле, за да не им бидам предаден на Јудејците; но царството Мое сега не е овде.“ А Пилат Му рече: „Ти, пак, Цар ли си?“ Исус одговори: „Ти велиш дека сум Цар. Јас за тоа се родив и за тоа дојдов на светот, за да сведочам за вистината; секој, кој е од вистината, го слуша гласот Мој.“ Пилат Го праша: „Што е тоа вистина?“ И кога го рече ова, излезе пак кај Јудејците и им рече: „Јас не наоѓам никаква вина во Него. Но кај вас е обичај да ви пуштам по еден за Пасха. Сакате ли да ви Го пуштам Царот Јудејски?“ И пак повикаа сите, велејќи: „Не Овој, туку Варава.“ Варава, пак, беше разбојник.
Јован 18:19-40 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Првосвештеникот пак Го праша Исуса за Неговите ученици и за Неговата наука. Исус му одго-вори: „Јас му зборував на светот јавно; секогаш поучував во синагогите и во Храмот, каде се собираат сите Јудејци, и ништо не говорев тајно. Зошто Ме прашуваш Мене? Прашај ги оние, кои чуја, што Сум им зборувал тие знаат што Сум говорел.“ Кога го рече тоа, еден од присутните службеници Го удри Исуса по образ и рече: „Така ли му одговараш на прво-свештеникот?“ Исус му одго-вори: „Ако реков лошо, докажи дека е лошо; а ако реков добро, зошто Ме удираш?“ Тогаш Ана Го прати врзан при првосвеште-никот Кајафа. А Симон Петар стоеше таму и се грееше. И му рекоа: „Да не си и ти од Неговите ученици?“ Тој одрече: „Не сум.“ Еден од слугите на првосвештеникот, роднина на оној, кому Петар му го отсече увото, рече: „Нели јас те видов во градината со Него?“ Но Петар одрече повторно, и веднаш запеа петел. Тогаш го одведоа Исуса од Кајафа во преторијата; а беше утро; и тие не влегоа во преторијата, за да не се осквернат, туку да можат да ја јадат Пасхата. Затоа Пилат излезе пред нив и рече: „Какво обвинение поднесувате против Човеков?“ Во одговор му рекоа: „Ако Овој не беше злодеец, немаше да ти Го предадеме.“ А Пилат им рече: „Земете Го и судете Му според вашиот Закон.“ Јудејците му рекоа: „Нам не ни е дозволено да убиеме некого,“ - за да се исполни Исусовиот збор, со кого навести со каква смрт ќе умре. Потоа Пилат се врати во преторијата, Го повика Исуса и Му рече: „Ти ли си Јудејскиот Цар?“ Исус одговори: „Го зборуваш ли тоа сам од себе, или други ти кажаа за Мене?“ Пилат одго-вори: „Јудеец ли сум јас? Твојот народ и првосвештениците Те предадоа на мене. Што си сторил?“ Исус одговори: „Моето Царство не е од светов; ако Моето Царство беше од овој свет, Моите воини би се бореле да не им бидам предаден на Јудејците; но Моето Царство не е оттука.“ Пилат на тоа му рече: „Сепак си Цар?“ Исус одговори: „Ти велиш дека Сум Цар. Јас се родив за тоа и за тоа дојдов на светот, за да сведочам за вистината. Секој - кој е од вистината - го слуша Мојот глас.“ Пилат Му рече: „Што е вистина?“ Штом го рече тоа, излезе пак при Јудејците и им рече: „Јас не наоѓам никаква вина во Него. А при вас е обичај да ви пуштам по еден на Пасхата. И така, сакате ли да ви Го пуштам Јудејскиот Цар?“ Тогаш повто-рно извикаа, велејќи: „Не Овој, туку Варава!“ А Варава беше разбојник.