Јован 18:1-18
Јован 18:1-18 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Откако заврши со молитвата, Исус отиде со Своите ученици од другата страна на сезонскиот поток Кидрон, каде што имаше една овошна градина. Тој и Неговите ученици влегоа во неа. А предавникот Јуда го знаеше тоа место, зашто Исус и Неговите ученици често се собираа таму. Тогаш дојде и Јуда, предводејќи еден одред војници и гардисти на храмот, испратени од свештеничките поглавари и од фарисеите. Тие беа вооружени, а носеа и факли и фенери. Иако знаеше што се мора да Му се случи, Исус излезе и ги праша: „Кого барате?“ Тие Му одговорија: „Исусa од Назарет!“ “Јас сум Тој“ - им рече Исус. Таму, со групата, стоеше и предавникот Јуда. Кога Исус им рече, „Јас сум Тој“ - тие се повлекоа и испопаѓаа по земјата. Тогаш Исус повторно ги праша: „Кого барате?“ “Исусa од Назарет“ - повторија тие. Исус им одговори: „Ви реков дека Јас сум Тој. Штом Мене Ме барате, пуштете ги овие луѓе да си одат!“ Тој го направи ова за да се исполнат зборовите што ги рече: „Не загубив ниту еден од оние што Ми ги даде.“ Тогаш Симон Петар, кој имаше меч, го извлече и го удри слугата на Првосвештеникот, отсекувајќи му го десното уво. Името на слугата му беше Малхус. Исус му заповеда на Петар: „Врати го мечот во канијата! Зар да не ја испијам чашата што Ми ја даде Таткото?“ Тогаш римскиот заповедник, со својот одред и со гардистите на храмот, Го уапси Исуса. Го врзаа и Го одведоа најнапред кај Анан, кој му беше дедо на Кајафа, Првосвештеникот за таа година. Тоа беше истиот оној Кајафа што ги посоветува Евреите дека е подобро еден човек да умре за народот. Симон Петар и еден друг ученик одеа по Исус. Тој ученик се познаваше со Првосвештеникот, па влезе заедно со Исус во дворот на Првосвештеникот, а Петар остана надвор, пред влезот. Тогаш другиот ученик, кој се познаваше со Првосвештеникот, излезе и откако зборуваше со вратарката, го внесе и Петар внатре. А вратарката му рече на Петар: „Да не си и ти еден од учениците на Овој човек?“ „Не сум!“ - и одговори тој. Беше студено, па слугите и гардистите стоеја околу огнот што го запалија и се грееја. И Петар дојде кај нив, за да се стопли.
Јован 18:1-18 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И штом го рече ова, Исус отиде со учениците Свои преку потокот Кедрон, каде што имаше градина, и во неа влезе Тој и учениците Негови. А тоа место го знаеше и Јуда, кој сакаше да Го предаде, зашто Исус често се собираше со учениците Свои таму. Тогаш Јуда, откако зеде една чета војници и слуги од првосвештениците и фарисеите, дојде таму со фенери, со светила и со оружје. А Исус, знаејќи сѐ што ќе стане со Него, излезе и им рече: „Кого барате?“ Му одговорија: „Исус од Назарет!“ Исус им рече: „Јас сум.“ Со нив стоеше и Јуда, кој Го предаде. А кога им рече: „Јас сум“ – тие се повлекоа назад и паднаа на земјата. Тогаш пак ги праша: „Кого барате?“ А тие рекоа: „Исус од Назарет!“ Исус одговори: „Ви реков дека сум Јас; па, ако Ме барате Мене, оставете ги овие да си одат;“ за да се изврши словото кажано од Него: „Од оние што си Ми ги дал, никого не загубив.“ А Симон Петар, кој имаше нож, го извади, го удри слугата на првосвештеникот и му го отсече десното уво. Името на слугата му беше Малх. Но Исус му рече на Петар: „Стави го ножот во ножницата. Зар да не ја испијам чашата што Ми ја даде Отецот?“ Тогаш четата и заповедникот, и слугите јудејски, Го фатија Исус и Го врзаа. И Го одведоа најнапред кај Ана, зашто тој беше дедо на Кајафа, кој во таа година беше првосвештеник. А Кајафа беше оној што ги посоветува Јудејците дека подобро е да умре еден човек за народот. По Исус одеше Симон Петар и еден друг ученик. Тој ученик му беше познат на првосвештеникот, па влезе со Исус во дворот на првосвештеникот. А Петар стоеше надвор, покрај портата. Другиот, пак, ученик, што му беше познат на првосвештеникот, излезе, ѝ рече на вратарката и го воведе Петар. Тогаш слугинката вратарка му рече на Петар: „Да не си и ти од учениците на Овој Човек?“ Тој рече: „Не сум.“ А слугите и стражарите беа запалиле оган и стоеја, па се грееја, зашто беше студено. Со нив стоеше и Петар и се грееше.
Јован 18:1-18 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Штом го рече тоа, Исус излезе со Своите ученици преку потокот Кедрон, каде има-ше градина, во која влезе со Своите ученици. А Јуда, Неговиот предавник, го знаеше тоа место, зашто Исус често се состануваше со Своите ученици таму. Тогаш Јуда зеде чета и служители од првосвештениците и од фарисеите, и дојде таму со светилки, факли и оружје. А Исус, знаејќи сѐ што ќе стане со Него, истапи и им рече: „Кого го барате?“ Му одговорија: „Исуса Назареецот.“ Исус им рече: „Јас Сум.“ А со нив стоеше и Јуда, Неговиот предавник. А кога им рече: „Јас Сум“, се тргнаа назад и паднаа на земјата. Тогаш пак ги праша: „Кого го барате?“ А тие рекоа: „Исуса Назареецот!“ Исус им одговори: „Ви реков дека Сум Јас; и така, ако Ме барате Мене, пуштете ги овие да си одат!“ За да се исполни словото, што го рече: „Не изгубив ни еден од оние, кои си Ми ги дал.“ А Симон Петар имаше меч, го извлече, го удри слугата на првосвештеникот и му го отсече десното уво; а името на слугата му беше Малх. Тогаш Исус му рече на Петра: „Стави го мечот во ножницата! Зар да не ја пијам чашата, што ми ја даде Мојот Татко?“ Тогаш четата, заповедникот и јудејските слуги Го фатија Исуса и Го врзаа, и Го одведоа првин при Ана; имено, тој му беше тест на Кајафа, кој беше првосвештеник во онаа година. А Кајафа беше оној, кој ги посоветува Јудејците, дека е подобро да умре еден човек за народот. По Исуса одеа: Симон Петар и еден друг ученик. Ученикот му беше познат на првосвештеникот, и влезе со Исуса во првосвештениковиот двор. А Петар стоеше надвор, пред вратата. Тогаш другиот ученик, кој му беше познат на првосвештеникот, излезе, проговори со вратарката и го воведе Петра. Тогаш слугинката, вратарка, му рече на Петра: „Да не си и ти еден од учениците на Човеков?“ Тој рече: „Не сум.“ А слугите и служи-телите беа запалиле оган и стоеја, и се грееја, зашто беше студено; и Петар стоеше со нив и се грееше.