Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јован 15:1-10

Јован 15:1-10 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Исус им рече на Своите ученици: „Јас сум вистинската Лоза, а Мојот небесен Татко е Лозарот. Секоја прачка на Мене, која не раѓа плод, Тој ја отсечува. А секоја прачка што раѓа плод, Тој ја чисти, за да дава уште повеќе род. Вие сте веќе чисти преку словото што ви го проповедав. Останете сврзани за Мене и Јас ќе останам сврзан за вас. Како што прачката не може да раѓа плод сама од себе, ако не е сврзана за лозата, така ни вие нема да можете да бидете плодотворни, ако не останете сврзани за Мене. Јас сум Лозата, а вие сте прачките. Ако останете сврзани за Мене и Јас за вас, ќе бидете многу плодотворни. А без Мене не можете да постигнете ништо. Ако не останете сврзани за Мене, ќе бидете исфрлени како отсечени прачки и ќе се исушите. А сувите прачки ќе бидат собрани и в оган изгорени. Ако останете сврзани за Мене и ако Моето учење се вкорени во вас, тогаш секоја ваша молитва ќе ви биде исполнета. Кога вие ќе станете Мои плодотворни ученици, тоа ќе Му донесе слава на Мојот небесен Татко. Јас ве сакам исто како што и Таткото Ме сака Мене. Останете под закрилата на Мојата љубов. Вие ќе останете под закрила на Мојата љубов, ако ги извршувате Моите заповеди, исто како што Јас ги исполнив заповедите на Мојот Татко и останувам под закрила на Неговата љубов.

Јован 15:1-10 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

„Јас сум вистинската лоза, Мојот Отец е лозарот. Секоја прачка во Мене, што не дава плод, Тој ќе ја исече; и секоја, што дава плод, ќе ја очисти, за да принесе повеќе плод. Вие сте веќе чисти преку словото, што сум ви го проповедал. Бидете во Мене, и Јас ќе бидам во вас. Како што прачката не може да роди плод сама од себе, ако не е на лозата, така и вие, ако не бидете во Мене. Јас сум лозата, а вие прачките; и кој е во Мене, и Јас во него, тој ќе даде многу плод; зашто без Мене не можете да на­правите ништо. Ако некој не остане во Мене, ќе би­де исфрлен надвор, како прачка, и ќе се исуши; а таквите ќе ги соберат, и во оган ќе ги фрлат, и ќе изгорат. Ако останете во Мене, и зборовите Мои во вас, тогаш, што и да посакате, барајте и ќе ви биде. Со тоа ќе се прослави Мојот Отец: да носите многу плод и да бидете Мои ученици. Како што Ме возљуби Отецот, и Јас ве возљубив вас. Останете во Мојата љубов! Ако ги запазите Моите заповеди, ќе останете во љубовта Моја, како што Јас ги запазив заповедите на Мојот Отец и останувам во љубовта Негова.

Јован 15:1-10 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Јас Сум вистинската лоза и Мојот Татко е лозарот. Тој ја отстранува секоја прачка на Мене, што не дава плод; а ја чисти секоја, што дава плод, за да даде повеќе плод. Вие сте веќе чисти заради Словото, кое ви го зборував. Останете во Мене како Јас во вас. Како што прачката не може да роди плод сама од себе, ако не остане на лозата, така ни вие, ако не останете во Мене. Јас Сум лозата, а вие сте прачките. Кој останува во Мене, и Јас во него, тој дава многу плод; зашто без Мене не можете да направите ништо. Ако некој не остане во Мене, тој ќе биде исфрлен надвор како прачката, која е исушена, - ги собираат, ги фрлаат во оган и ги горат. Ако останете во Мене и ако Моите зборови останат во вас, барајте што и да посакате, и ќе ви биде. Мојот Татко се прославува со тоа, што ќе давате многу плод и ќе бидете Мои ученици. Како што Таткото Ме возљуби Мене, така и Јас ве возљубив вас. Останете во Мојата љубов! Ќе останете во Мојата љубов, ако ги запазите Моите заповеди, како што и Јас ги запазив заповедите на Мојот Татко и останувам во Неговата љубов.