Јован 12:20-36
Јован 12:20-36 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
А меѓу оние што дојдоа на поклонение за време на празникот имаше и некои Грци. Тие му пристапија на Филип, кој беше од Бетцаида во Галилеја, и му рекоа: „Господине, сакаме да се сретнеме со Исус!“ Филип отиде и му кажа на Андреј. Потоа, Андреј и Филип отидоа заедно и Му кажаа на Исус. Тогаш Исус им одговори: „Дојде време Синот Човечки да влезе во Својата слава. Ве уверувам дека, доколку пченичното зрно не падне во земјата и не умре, тоа ќе остане само едно зрно. Ако, пак, умре, тоа ќе произведе многу нови зрна. Човек што себично сака да си го задржи животот, ќе го загуби, а оној што мрази да го живее својот живот само на овој свет, ќе добие вечен живот. Кој сака да Ми служи, тој мора да Ми се придружи, зашто и Мојот слуга треба да биде таму каде што сум Јас. А секој што Мене Ми служи, ќе биде почитуван од Мојот небесен Татко.“ „Сега душата Ми е длабоко потресена, но што да кажам? Зар да се молам: ,Татко, поштеди Ме од ова што Ме очекува?‘ Па токму за таа цел дојдов на овој свет! Татко, прослави го Своето име!“ Тогаш се чу глас од небото: „Веќе Го прославив и одново ќе го прославам!“ Многубројниот народ што стоеше и го слушна гласот, велеше: „Загрме!“ Други велеа: „Ангел Му проговори!“ Исус им одговори: „Овој глас не се јави заради Мене, туку заради вас. Сега е време за суд над овој свет. Владетелот на овој свет сега ќе биде соборен. А кога Јас ќе бидам подигнат над земјата - ќе ги привлечам сите кон Себе.“ Исус го рече ова за да објави со каква смрт ќе умре. Народот, пак, Му возврати: „Ние сме слушнале од Светото Писмо дека Месијата ќе остане вечно. Зошто Ти велиш дека Синот Човечки треба да умре и да биде подигнат над земјата? Кој е Тој Син Човечки?“ „Светлината ќе биде меѓу вас уште малку време“ - им рече Исус. „Дојдете кај Светлината, додека ја имате, за да не ве зафати слепо талкање во темнина. Верувајте во Светлината, додека ја имате меѓу вас, за да станете деца на Светлината.“ Исус го изговори ова, па си замина и се скри од нив.
Јован 12:20-36 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Меѓу дојдените за празникот на поклонение имаше и некои Елини. Тие пристапија кон Филип, кој беше од Витсаида Галилејска, и го молеа, велејќи: „Господине, сакаме да Го видиме Исус.“ Дојде Филип и му кажа на Андреј, а Андреј и Филип Му кажаа на Исус. Исус, пак, им одговори, велејќи: „Дојде часот да се прослави Синот Човечки. Вистина, вистина ви велам: ако зрното пченично, што паднало на земја, не умре, останува само; а ако умре – ќе донесе голем плод. Кој го сака животот свој, ќе го загуби; а кој го мрази животот свој на овој свет, ќе го запази за вечен живот. Кој Ми служи Мене, нека врви по Мене, и каде што сум Јас, таму ќе биде и Мојот слуга. И кој Ми служи Мене, него ќе го уважува и Мојот Отец. Душата сега Ми се нажали, и што да кажам? Оче, избави Ме од овој час! Но, заради тоа и дојдов за овој час. Оче, прослави го името Свое!“ Тогаш дојде глас од небото: „И Го прославив, и пак ќе Го прославам.“ А народот што стоеше, кога го чу тоа, велеше: „Загрми!“, други, пак, рекоа: „Ангел Му проговори!“ Исус одговори и рече: „Овој глас не беше заради Мене, туку заради вас. Сега е судот на овој свет; сега кнезот на овој свет ќе биде исфрлен надвор. И кога Јас ќе бидам издигнат од земјата, сите ќе ги привлечам кон Себе.“ А ова го зборуваше за да покаже со каква смрт ќе умре. Народот Му одговори: „Сме слушале од Законот дека Христос вечно ќе остане, а како Ти велиш дека Синот Човечки треба да биде издигнат? Кој е Тој Син Човечки?“ Тогаш Христос им рече: „Уште малку време Светлината е со вас; одете додека има Светлина за да не ве опфати темнина; а кој оди по темнина, не знае каде оди. Додека ја имате Светлината, верувајте во светлината, за да бидете синови на Светлината!“ Штом го рече тоа, Исус си замина и се сокри од нив.
Јован 12:20-36 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Меѓу поклониците, дојдени на празникот, имаше и некои Грци. Тие му пристапија на Филипа, кој беше од Галилејска Витсаида, и го помолија, велејќи: „Господине, сакаме да Го видиме Исуса. Филип отиде и му кажа на Андреја; потоа Андреј и Филип отидоа и Му кажаа на Исуса. А Исус им одговори: „Дојде часот да се прослави Човечкиот Син. Вистина, вистина ви велам, ако пченичното зрно не падне во земјата и не умре, останува само; а ако умре, донесува многу плод. Кој го љуби својот живот, ќе го изгуби, а кој го мрази својот живот на овој свет - ќе го запази за вечен живот. Ако некој Ми служи Мене - нека Ме следи; каде Сум Јас, таму ќе биде и Мојот слуга. Ако некој Ми служи Мене; Мојот Татко ќе го почитува него.“ Сега, Мојата душа е вознемирена, и што да кажам? Татко, избави Ме од овој час! - Но, заради тоа и дојдов до овој час! Татко, прослави го Твоето име! Тогаш дојде глас од небото: „Го прославив и пак ќе го прославам.“ А народот, кој стоеше и го чу, рече: „Загрми!“- а други рекоа: „Ангел Му говори!“ Исус во одговор рече: „Овој глас не дојде заради Мене, туку заради вас. Сега е судот на овој свет. Сега кнезот на светов ќе биде исфрлен надвор! А Јас - кога ќе бидам издигнат од земјата - ќе ги привлечам сите кон Себе.“ Тоа го рече за да покаже со каква смрт ќе умре. Тогаш народот Му одговори: „Ние чувме од Законот дека Христос останува вечно. Тогаш, како велиш Ти дека Човечкиот Син треба да биде издигнат? Кој е тој Човечки Син?“ Тогаш Исус им рече: „Уште малку време Светлината е меѓу вас! Одете додека имате светлина, за да не ве опфати темнината! Кој оди по темнина, не знае каде оди. Додека ја имате Светлината, верувајте во Светлината, за да бидете синови на Светлината.“ Исус го рече тоа, па отиде и се сокри од нив.