Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јован 10:10-18

Јован 10:10-18 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Крадецот доаѓа само за да украде, да убие и да уништи. Јас дојдов за да дадам живот - и тоа живот во сета негова полнота. Јас сум добриот Пастир. Добриот пастир го дава Својот живот за овците. Наемникот не е вистински пастир; овците не се негови, и кога тој ќе забележи дека се приближува волк ги остава овците и бега. Тогаш волкот го напаѓа стадото и го распрснува. Наемникот бега, зашто е наемник и не му е грижа за овците. Јас сум добриот Пастир. Јас ги познавам Моите овци и тие Ме знаат Мене, како што Таткото Ме знае Мене, и како што Јас Го знам Таткото. И Својот живот го давам за овците. Имам и други овци, кои не се од ова стадо. И нив треба да ги приберам, кога ќе го слушнат Мојот глас. Тогаш ќе има едно стадо и еден Пастир. Таткото Ме сака, бидејќи Јас го давам Својот живот за повторно да си го земам. Никој не ми го одзема животот, туку Јас доброволно го давам. Имам моќ да го дадам Својот живот и имам моќ повторно да си го вратам. Ова овластување го примив од Мојот Татко.“

Јован 10:10-18 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Крадецот доаѓа само да украде, да убие и да погуби. Јас дојдов за да имаат живот и да го имаат во изобилие. Јас сум добриот Пастир. Добриот пастир си ја полага својата душа за ов­ците; а наемникот, кој не е пастир и не е сопственик на овците, ако види дека до­аѓа волк, ги остава овците и бега; и вол­кот ги разграбува и ги распрснува ов­ци­те. Наемникот бега, зашто е наемник, и не се грижи за овците. Јас сум добриот Пастир; и ги знам Моите, и Моите Ме знаат Мене. Како Мене што Ме познава Отецот, така и Јас Го познавам Отецот; и ду­ша­та Своја ја полагам за овците Свои. И други овци имам, што не се од ова трло, и нив треба да ги приберам; и ќе го чујат гласот Мој и ќе биде едно стадо и еден пастир. Затоа Ме љуби Отецот, зашто Јас животот Свој си го полагам за да го примам пак. Никој не Ми го одзема, туку Јас Сам од Себе го давам. Имам власт да го дадам и власт имам пак да си го земам. Оваа заповед ја примив од Својот Отец.“

Јован 10:10-18 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Крадецот влегува само да украде, да заколе и да погуби. Јас дојдов за да имаат живот и да го имаат изобилно.“ “Јас Сум Добриот Пастир. Добриот пастир го дава својот живот за овците. Наемникот, кој не е овчар, кому овците не му припаѓаат, го гледа волкот како доаѓа, ги остава овците и бега; а волкот ги разграбува и ги распрснува; зашто е наемник и не се грижи за овците. Јас Сум Добриот Пастир: и ги познавам Моите и Моите Ме познаваат Мене. Како што Татко Ми Ме познава Мене, и Јас Го познавам Мојот Татко; и Јас го давам Мојот живот за овците. И други овци имам, што не се од овој овчарник; и нив треба да ги доведам, па ќе го слушаат Мојот глас и ќе биде едно стадо и еден Пастир. Таткото Ме љуби затоа, што Јас го давам Својот живот, за да го земам пак. Никој не Ми го одзема, туку Јас го давам Сам од Себе. Имам власт да го дадам, и имам власт да го земам пак. Оваа заповед ја примив од Мојот Татко.“