Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јован 1:1-15

Јован 1:1-15 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Уште на почетокот постоеше Зборот. Зборот беше со Бог и Зборот беше Бог. Од самиот почеток, Зборот беше со Бог. Се што постои беше создадено преку Зборот. Не постои ништо создадено, кое не беше создадено преку Зборот! И самиот живот беше во Зборот, и Тој живот им дава светлина на луѓето. Оваа Светлина свети во темнината, и темнината никогаш не може да ја изгаси. Се појави еден човек, по име Јован Крстител, кој беше испратен од Бог. Тој дојде како сведок, за да им каже на сите за Светлината и да ги упати луѓето во верата. Јован не беше Светлината; тој беше само сведок за Светлината. Вистинската Светлина, која го осветлува секој човек, стапуваше на светската сцена. Иако Зборот беше во светот и светот беше преку Него создаден, светот не Го позна. Кај Своите дојде, но тие не Го прифатија. А на сите што Го прифатија - на оние што поверуваа во Него - им даде право да станат Божји чеда. Тие се нановородени, но овојпат не физички, не од телесна похота, или пак од волјата на маж, туку се родени од Бог. Зборот стана човек и живееше меѓу нас. Ние ја видовме Неговата слава - славата што Тој ја прими како Единороден Син од небесниот Татко. Тој беше полн со љубов и искреност. Јован посведочуваше за Него и викаше, велејќи: „Ова е Оној за Кого реков: ,По мене доаѓа еден Човек, Кој е поголем од мене, зашто Тој постоеше уште пред да се родам јас!‘“

Јован 1:1-15 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Во почетокот беше Словото, и Словото беше во Бога и Словото беше Бог. Тоа во почетокот беше во Бога. Сѐ стана преку Него и без Него ништо не стана, од она што постана. Во Него беше Животот и Животот им беше светлина на луѓето. Светлината свети во темнината и темнината не ја опфати. Имаше еден човек по име Јован, ис­пратен од Бога; тој дојде за сведоштво, да сведочи за Светлината, та сите да поверуваат пре­ку него. Тој не беше Светлината, туку дојде да сведочи за Светлината. Беше Вистинска Светлина, Ко­ја го осветлува секој човек, што доа­ѓа­ше во светов. Во светот беше и светот преку Него постана, но светот не Го позна. Дојде кај Своите, но Своите не Го примија. А на сите што Го примија – на сите што веруваа во Неговото име – им даде моќ да станат чеда Божји; кои не по крв, ни по желба на телото, ни од похот машка, туку од Бога се родија. И Словото стана тело и се всели ме­ѓу нас, полно со благодат и вистина; и ние ја видовме Неговата слава, слава како на Единороден од Отецот. Јован сведочеше за Него и велеше зборувајќи: „Ова е Тој за Кого реков: Оној, Кој иде по мене, Тој е пред мене, бидејќи постоеше порано од мене!“

Јован 1:1-15 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Во почеток беше Словото, и Словото беше во Бога, и Словото беше Бог. Тоа беше во почетокот во Бога. Сѐ стана преку Него, и ништо, што стана, не стана без Него. Во Него беше живот и животот им беше светлина на луѓето. И светлината свети во темнина, и темнината не ја опфати. Се јави човек, испратен од Бога, по име Јован. Тој дојде за сведоштво, за да сведочи за Светлината, та сите да поверуваат преку него. Тој не беше светлина, туку да сведочи за Светлината. Вистинската Светлина, Која го осветлува секој човек, доаѓаше во светот. Беше во светот, и светот стана преку Него, но светот не Го позна. Дојде при Своите, но Неговите не Го примија. А на сите кои Го примија, им даде власт да станат Божји деца, на оние кои веруваат во Неговото име: кои не се родија ниту од крв, ниту од телесна похот, ни од волја на маж, туку од Бога. И Словото стана тело и се настани меѓу нас и ја видовме Неговата слава, славата што ја има како Единороден од Таткото - полн со благодат и вистина. Јован сведочи за Него и вика: „Еве Го Оној, за Кого реков: Оној, Кој доаѓа после мене, пред мене е, зашто беше пред мене!“