Еремија 29:4-11
Еремија 29:4-11 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
– вака вели Господ Саваот, Бог Израелов, до сите заробени, кои Јас ги преселив од Ерусалим во Вавилон – правете куќи и живејте во нив, садете градини и јадете ги плодовите нивни; женете се и раѓајте синови и ќерки; и на синовите земајте им жени и ќерки и мажете ги, за да раѓаат синови и ќерки, па размножувајте се таму, а не да се намалувате. Грижете се за доброто на градот, во кој ве преселив, и молете Му се на Бога за него; зашто ако му е нему добро, и вие ќе имате мир. Зашто, така вели Господ Саваот, Бог Израелов: нека не ве мамат вашите пророци, кои се меѓу вас и вашите бајачи; и не верувајте им на соништата што ги сонувате. Лажно ви пророкуваат во Мое име; Јас не сум ги пратил, вели Господ. Бидејќи така вели Господ – кога во Вавилон ќе исполните седумдесет години, тогаш ќе ве посетам и ќе го исполнам Мојот добар збор за вас, за да ве вратам на ова место. Зашто само Јас ги знам замислите, што сум ги смислил за вас, вели Господ, замислите за добро, а не за зло, за да ви дадам иднина и надеж.
Еремија 29:4-11 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
„Вака зборува Господ над Воинствата, Израелевиот Бог: ‘До сите заточеници, кои ги одведов од Ерусалим во Вавилон! Градете куќи и населете се, садете градини и уживајте го нивниот род! Женете се и раѓајте синови и ќерки, за да раѓаат и тие синови и ќерки! Множете се за да не се намалите! Барајте мир во земјата во која ве заточив, молете Му се на Господа за неа, зашто врз нејзиниот мир почива и вашиот мир!’ Вака зборува Господ над Војските, Израелевиот Бог: ‘Не оставајте да ве измамуваат вашите пророци, кои се меѓу вас, вашите гатачи! Не поведувајте се по соништата што тие ги сонуваат! Зашто тие пророкуваат лажно во Мое Име, а Јас не ги испратив’ - зборува Господ. Зашто Господ зборува вака: ‘Токму кога на Вавилон ќе му се исполнат оние седумдесет години, Јас ќе ве посетам та ќе ви го исполнам доброто ветување за да ве вратам на ова место. Зашто Јас ги знам Своите замисли за тоа што имам намера со вас - зборува Господ - замисли за мир, а не за несреќа: да ви дадам иднина и надеж.