Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јаков 5:1-8

Јаков 5:1-8 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Слушнете ме сега вие што сте богати! Плачете и лелекајте заради многубројните неволи што ве очекуваат! Гнило е вашето богатство, вашите облеки молци ги изедоа. Вашето сребро и злато ’рѓосаа. Таа ’рѓа ќе биде сведоштво против вас. Ќе ги изеде вашите тела како оган. Напластивте богатство во овие последни денови. Не им плативте на оние што ги косеа вашите ливади и тие неисплатени пари сега викаат против вас, а лелекот на оние што ги жнееја вашите ниви дојде до ушите на Семоќниот Господ. Живеевте раскошно и разуздано на Земјата, си ги угоивте телата како добиток готов за клање. Осудивте и убивте праведни луѓе, кои не можеа да ви се противстават. Имајте трпение, драги пријатели, додека чекате да се врати Господ. Погледнете како земјоделецот трпеливо чека скапоцениот плод на земјата да узрее за жетва, како трпеливо го чека пролетниот и есенскиот дожд. Бидете и вие трпеливи како него и охрабрете ги вашите срца: Господ брзо ќе дојде!

Јаков 5:1-8 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Ајде сега вие, богати, плачете и липајте за страшните маки што идат на вас. Богатството ваше изгни, а алиштата ваши молци ги изгризаа. Златото ваше и среброто ви за'рѓаа, и 'рѓата нивна ќе биде сведоштво против вас и ќе го изеде телото ваше како оган! Сте насобрале богатство за пос­ледните дни. Ете, платата што сте ја задржале од работниците, кои работеле на вашите ниви, и извиците на жетварите дојдоа до ушите на Господ Саваот. Се веселевте на земјата и се насладувавте, ги згоивте срцата ваши како за ден на клање. Го осудивте, Го убивте праведникот; и тој не се спротивставуваше. Бидете трпеливи, браќа мои, до доа­ѓањето на Господ! Ете, земјоделецот чека драгоцен плод од земјата и долго трпи за него, додека не добие дожд, ран или доцен. Па трпете и вие, укрепете ги срцата свои, зашто доаѓањето на Господ се приближи.

Јаков 5:1-8 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Послушајте сега, вие богати: плачете и ридајте над неволјите, што идат на вас. Вашето богатство изгни, и молците ги изедоа вашите раскошни облеки. Вашето злато и сребро за’рѓа; и нивната ‘рѓа ќе биде сведоштво против вас, и како оган ќе ги проголта вашите тела. Насобравте богатство во последните денови. Еве, платата на работниците, кои ги ожнија вашите ниви, што вие им ја скусивте, вика, и извиците на жетварите дојдоа до ушите на Господ над Силите. Вие живеевте на земјата раскошно и разуздано; ги потхранивте своите срца, како за денот на клање. Го осудивте, го убивте праведникот; и тој не ви се противи. И така, бидете трпеливи, браќа, до Господовото доаѓање! Ете, земјоделецот го чека скапоцениот род од земјата, чека трпеливо додека не го прими раниот и доцниот дожд. Чекајте трпеливо и вие, зацврстете ги своите срца, зашто е близу Госповото доаѓање.