Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јаков 3:2-10

Јаков 3:2-10 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Сите ние грешиме во многу работи, но ако умееме да си го зауздаме јазикот, тогаш сме зрели луѓе, па ќе можеме да го зауздаме и целото тело. На коњите им ставаме узда во устата, за да ги натераме да ни се покоруваат и да одат онаму каде што ние сакаме. Земете ги бродовите за пример. Тие се толку големи, а сепак кормиларот со мало кормило ги води онаму каде што сака, и покрај силните ветрови кои ги движат. Така е и со јазикот. Мал орган е, но голема штета може да направи. Едно жарче може цела шума да запали! Јазикот е оган, најопасен од сите наши органи. Во состојба е целото тело да го опогани. Јазикот може целиот наш живот да го запали, бидејќи се пали од самиот пекол. Секое животно, било да е ѕвер, птица, влечуга или морско животно, се припитомува, или било припитомено од човекот, но јазикот, ниеден човек не може да го припитоми. Тој е необуздано зло, полн е со смртоносен отров. Со јазикот Го величаме нашиот Господ и Татко, а со истиот тој јазик ги колнеме луѓето коишто се создадени според Божјо подобие. Од иста уста излегуваат и благослови и клетви. Треба ли, драги мои, така да биде!?

Јаков 3:2-10 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Сите ние многу грешиме. Но оној, кој во зборови не греши, тој е совршен човек, силен да го заузда и целото тело. Ете, ако и ние на коњите им ставиме узда на устите, за да ни се покоруваат, тогаш управуваме со целото нивно те­ло. Па, ете, и корабите: иако се толку многу големи и силно гонети од бурни ветрови, со мало кормило се управуваат онаму каде што кормиларот сака; а така и јазикот е мал орган, но го­леми работи зборува. Ете, мал оган, а колку голема гора запалува; и јазикот е оган, свет полн со не­правда; јазикот се наоѓа во таква по­ложба меѓу нашите органи, што го ос­квернува целото тело и го пали времето на нашиот живот, воспалувајќи се сам од пеколот. Секаков вид ѕверови и птици, лазачи и риби, се скротува и се припитомува од човечкиот род, а јазикот никој не може да го скро­ти: тој е немирно зло и полн со смрто­носен отров. Со него Го благословуваме Бога и Отецот, со него ги колнеме луѓето создадени според подобието Божјо. Од истата уста излегува и благослов и клетва. Не треба, браќа мои, тоа така да биде.

Јаков 3:2-10 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Зашто сите ние грешиме многу. Ако некој не греши во зборувањето, тој е совршен човек, способен да го заузда и целото свое тело. И кога на коњите им ставаме узда во устата, за да ни се покоруваат, и можеме да управуваме со целото нивно тело. Ете, и корабите, иако се толку големи и се гонети од силни ветрови, со нив управува мошне мала крмичка, каде што сака кормиларовата волја. Така и јазикот е мал член, но се фали со големи работи. Ете, како мал оган запалува голема шума! И јазикот е оган, свет на неправда; јазикот се наоѓа меѓу нашите членови: го онечистува целото тело и, потпален од пеколот, го запалува текот на нашиот живот. Зашто, секаков вид ѕверови и птици, лазачи и морски животни, се скротуваат и се скротени од човечкиот род, но никој од луѓето не може да го скроти јазикот, немирно зло, полн со смртоносен отров. Со него Го благословуваме нашиот Господ и Татко, и со него ги проколнуваме луѓето, кои се создадени според Божјо подобие. Од истата уста излегува благослов и проклетство. Тоа не смее, браќа мои, да биде така.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност