Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јаков 2:14-25

Јаков 2:14-25 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Каква е ползата, браќа мои, ако не­кој рече дека има вера, а дела нема? Може ли верата да го спаси? Ако некој брат или сестра се голи и немаат што да јадат, па некој од вас им рече: „Одете си со мир, грејте се и наситете се!“, а не им даде што им е потребно за телото – как­ва полза? И така, верата, ако нема дела, сама по себе е мртва. Но може некој да рече: ти имаш вера, а јас имам дела. Покажи ми ја сво­ја­та вера без дела, а јас преку моите дела ќе ти ја покажам мојата вера. Ти веруваш дека Бог е еден: добро правиш; но и злите духови веруваат, а треперат. Не сакаш ли да разбереш, о суетен човеку, дека верата без дела е мртва? Нели со дела беше оправдан Авра­ам, нашиот татко, откако врз жртве­ни­кот го положи својот син Исак? Гледаш ли дека верата дејствуваше заедно со делата негови, и дека преку делата, верата стана совршена? И се изврши Писмото, кое вели: „Му поверува Авраам на Бога, и тоа му се сметаше за праведност“, и тој се на­рече – пријател Божји. Гледате ли дека човекот се оправдува со дела, а не само со вера? А така не се оправда ли со дела и блудницата Раав, откако ги прими извидувачите и ги изведе по друг пат?

Јаков 2:14-25 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Драги пријатели, каква корист има да велите дека имате вера, ако тоа не се гледа од вашите постапки? Може ли таква вера да ве спаси? Да претпоставиме дека некој ваш брат или сестра нема доволно облека или храна. Дали е доволно да му кажете: „Оди си спокојно, Господ нека ти даде облека и храна!“, наместо да му го дадете она што му е неопходно за да преживее!? Така е и со верата. Ако не е поткрепена со соодветни постапки, таквата вера е мртва вера. Можеби некој ќе рече: „Некои луѓе имаат вера, а некои - дела.“ Покажете ми, како може да имате вера, а од тоа да не произлегуваат соодветни постапки, а јас, преку моите постапки ќе ви покажам дека имам вера. Вие верувате дека има само еден Бог. Тоа е добро, но дури и демоните веруваат во тоа и се тресат од страв! Зар не сакаш да сфатиш, површен човеку, дека од вера без дела нема никаква корист!? Врз основа на што Бог го прогласи за праведен, нашиот прататко Авраам? Зарем тоа не беше преку дела, кога го стави својот син Исак врз жртвеникот? Гледате ли дека неговата вера беше сообразена со неговите постапки? Со таа своја постапка тој потврди дека има совршена вера. Токму на тоа се мисли кога Светото Писмо вели: „Авраам Му веруваше на Бог и заради неговата вера Бог го прогласи за праведник“, па го нарече и Свој пријател. Значи, очигледно е дека човек станува праведен пред Бог преку своите постапки, а не само преку вера. Така беше и со блудницата Рахаба. Бог ја прифати како праведна, зашто таа ги прифати израелските разузнавачи и ги упати на безбеден излез.

Јаков 2:14-25 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Каква е ползата, браќа мои, ако некој рече дека има вера, а нема дела? Може ли верата да го спаси? Ако некој брат или сестра се голи и без секојдневната храна, па некој од вас им рече: „Одете си во мир, стоплете се и наситете се!“ а не им даде она, што им е потребно за телото, каква е ползата? Така и верата: ако нема дела, мртва е сама по себе. Но ако некој рече: ти имаш вера, а јас имам дела. Покажи ми ја својата вера без дела, а јас ќе ти ја покажам верата од моите дела. Ти веруваш дека има само еден Бог. Добро правиш; и бесовите веруваат и треперат. Сакаш ли пак да сознаеш, суетни човеку, дека верата без дела е мртва? Нашиот татко Авраам не беше ли оправдан од делата, кога го принесе на жртвеникот својот син Исак? Гледаш дека верата соработуваше со неговите дела, и дека верата преку делата стигна до совршенството. И така се исполни Писмото, кое вели: „Авраам Му поверува на Бога, и тоа му се засмета за правда, и се нарече Божји пријател.“ Гледате дека човекот се оправдува преку дела, а не само преку вера. Исто така и блудницата Раав не се оправда ли преку дела, кога ги прими согледувачите и кога ги испрати по друг пат?