Јаков 2:14-18
Јаков 2:14-18 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Каква е ползата, браќа мои, ако некој рече дека има вера, а дела нема? Може ли верата да го спаси? Ако некој брат или сестра се голи и немаат што да јадат, па некој од вас им рече: „Одете си со мир, грејте се и наситете се!“, а не им даде што им е потребно за телото – каква полза? И така, верата, ако нема дела, сама по себе е мртва. Но може некој да рече: ти имаш вера, а јас имам дела. Покажи ми ја својата вера без дела, а јас преку моите дела ќе ти ја покажам мојата вера.
Јаков 2:14-18 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Драги пријатели, каква корист има да велите дека имате вера, ако тоа не се гледа од вашите постапки? Може ли таква вера да ве спаси? Да претпоставиме дека некој ваш брат или сестра нема доволно облека или храна. Дали е доволно да му кажете: „Оди си спокојно, Господ нека ти даде облека и храна!“, наместо да му го дадете она што му е неопходно за да преживее!? Така е и со верата. Ако не е поткрепена со соодветни постапки, таквата вера е мртва вера. Можеби некој ќе рече: „Некои луѓе имаат вера, а некои - дела.“ Покажете ми, како може да имате вера, а од тоа да не произлегуваат соодветни постапки, а јас, преку моите постапки ќе ви покажам дека имам вера.
Јаков 2:14-18 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Каква е ползата, браќа мои, ако некој рече дека има вера, а нема дела? Може ли верата да го спаси? Ако некој брат или сестра се голи и без секојдневната храна, па некој од вас им рече: „Одете си во мир, стоплете се и наситете се!“ а не им даде она, што им е потребно за телото, каква е ползата? Така и верата: ако нема дела, мртва е сама по себе. Но ако некој рече: ти имаш вера, а јас имам дела. Покажи ми ја својата вера без дела, а јас ќе ти ја покажам верата од моите дела.