Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јаков 1:21-27

Јаков 1:21-27 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Затоа отфрлете ја сета нечистотија и сето зло што е во вас, па понизно прифатете ја пораката што Бог ја насади во вашите срца и што може да ве спаси. Немојте само да слушате и со тоа да се залажувате. Исполнувајте го тоа што ќе го чуете! Тој што слуша, а не исполнува, е како човек што ќе се погледне во огледало, и ќе си замине, заборавајќи како изгледа! Само оној што ќе се задлабочи во совршениот Закон, Законот што ослободува, и секогаш ќе се придржува до него, не заборавајќи го она што го слушнал, туку исполнувајќи го, ќе биде благословен од Бог во се што работи. Ако се сметаш за побожен, а не го обуздуваш својот јазик, ти само се залажуваш - твојата побожност е безвредна! Побожност што Бог, нашиот Татко, ја прифаќа како чиста и непорочна е оваа: Да се грижиш за сирачињата и вдовиците што се во невола и да се одржиш неизвалкан од овој свет.

Јаков 1:21-27 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Затоа, отфрлувајќи од себеси секаква нечистота и насобрана злоба, со кроткост примете го насаденото слово, кое може да ги спаси вашите души. Бидете извршители на словото, а не само слушатели, мамејќи се сами себе. Зашто, кој го слуша словото, а не го извршува, тој прилега на човек кој го гледа своето сопствено лице во огледало; ќе се погледне, па ќе си замине, и веднаш заборава каков бил. Но кој ќе се задлабочи во совр­ше­ниот Закон на слободата и остане во не­го, тој, бидејќи не е заборавлив слу­шател, туку извршител кој дејствува, ќе биде блажен во своето дејствување. Ако некој од вас мисли дека е по­бо­жен, а не го зауздува јазикот свој, туку го мами срцето свое, неговата по­бож­ност е суетна. Чиста и непорочна вера пред Бога Отецот е оваа: да се грижиш за сираци и вдовици во нивните маки и да се па­зиш да останеш неосквернет од светот.

Јаков 1:21-27 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Затоа отфрлете од себе: секаква нечистота, и последниот остаток на злобата, и примете го со кротост во вас насаденото Слово, кое може да ги спаси вашите души. Но бидете извршители на Словото, а не само слушатели, кои се измамуваат себеси. Зашто, кој го слуша Словото, а не го извршува, сличен е на човек, кој го набљудува своето природно лице во огледало; ќе се погледне и ќе замине, и веднаш заборава каков бил. А кој ќе се загледа во совршениот закон на слободата и остане во него, не како заборавлив слушател, туку како вистински извршител, тој ќе биде блажен во својата дејност. Ако некој мисли дека е побожен, а не го зауздува својот јазик, туку го мами своето срце, неговата побожност е суетна. Ова е чиста и неизвалкана побожност пред Бога и Таткото: да бидат посетувани сираците и вдовиците во нивните неволји, и самиот да се пази себеси непорочен од светот.