Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Јаков 1:1-27

Јаков 1:1-27 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Од Јаков, служител на Бог и на нашиот Господ Исус Христос. Поздрав до дванаесетте племиња, распрснати низ целиот свет. Радувајте се, христијани, кога минувате низ разни искушенија, зашто знаете дека колку повеќе вашата вера се проверува, толку поистрајни станувате. Морате да научите се да издржите, за да станете зрели, целосни и ништо да не ви недостасува. Ако на некој од вас му недостасува мудрост, нека бара од Бог и Тој ќе му даде. Бог е дарежлив спрема сите и не се лути кога бараме нешто од Него. Но, кога барате, треба да барате со вера, без да се сомневате. Оној што се сомнева е како морски бран што ветрот го носи и го разбива. Таквиот човек нека не очекува дека ќе добие нешто од Господ, бидејќи е нерешителен и непостојан во се. Христијаните што се сиромашни треба да се гордеат со својот возвишен позив, а богатите - со понизност. Богатите ќе прецветаат како дивите цветови. Ќе огрее жешкото сонце, ќе ја исуши тревата, па дивите цветови ќе се исушат и сета нивна убавина ќе исчезне. Така е и со богатите. Ќе овенат презафатени со она што го работат. Благословен е оној човек, што и покрај искушенијата низ кои минува, останува верен. Откако ќе го помине испитот, Бог ќе го награди со вечен живот, како што им вети на сите што Го сакаат. Никој, кога е во искушение да направи нешто грешно, нека не вели: „Бог ме искушува со грев!“ Ниту Бог Себеси се проверува со грев, ниту пак вас ве проверува со грев. Секој паѓа во искушение тогаш кога ќе го намамат и ќе го фатат во стапица неговите сопствени, необуздани страсти. Кога необузданата страст ќе се зачне, таа раѓа грев, а растењето на гревот доведува до смрт. Мили мои, не дозволувајте да бидете измамени. Секој добар и совршен дар доаѓа од небото, од Бог, од Оној што ги создал небесните светила. Но за разлика од нив, Тој никогаш не се менува, кај Него нема сенка која би била резултат на поместување! Тој сакаше ние да бидеме првнина меѓу сите Негови созданија и затоа ни ја испрати вистинската порака, за да ни даде ново раѓање. Драги мои пријатели: повеќе слушајте, а помалку зборувајте и воздржувајте се од гневење. Гневот не води кон правичност каква што Бог очекува од нас. Затоа отфрлете ја сета нечистотија и сето зло што е во вас, па понизно прифатете ја пораката што Бог ја насади во вашите срца и што може да ве спаси. Немојте само да слушате и со тоа да се залажувате. Исполнувајте го тоа што ќе го чуете! Тој што слуша, а не исполнува, е како човек што ќе се погледне во огледало, и ќе си замине, заборавајќи како изгледа! Само оној што ќе се задлабочи во совршениот Закон, Законот што ослободува, и секогаш ќе се придржува до него, не заборавајќи го она што го слушнал, туку исполнувајќи го, ќе биде благословен од Бог во се што работи. Ако се сметаш за побожен, а не го обуздуваш својот јазик, ти само се залажуваш - твојата побожност е безвредна! Побожност што Бог, нашиот Татко, ја прифаќа како чиста и непорочна е оваа: Да се грижиш за сирачињата и вдовиците што се во невола и да се одржиш неизвалкан од овој свет.

Јаков 1:1-27 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Јаков, слуга на Бога и на Господ Исус Христос, испраќа поздрав до дванаесетте племиња, кои живеат раселени. Радувајте се, браќа мои, кога ќе паднете во разни искушенија, знаејќи дека проверката на вашата вера создава трпеливост: трпеливоста, пак, нека биде со­вр­ше­но дело за да бидете совршени и целосни, без никаков недостаток. Ако некому од вас му недостига муд­рост, нека ја побара од Бога, Кој на сите им дава изобилно и без приговарање – и ќе му се даде. Но да моли со вера и никако да не се сомнева; зашто оној кој се сомнева, при­ле­га на морски бран, кого ветрот го издига и растура; таков човек нека не мисли дека ќе добие нешто од Господ. Човек што се двоуми во сите свои патишта е непостојан. Братот, кој е на пониска положба, нека се фали со возвишеноста своја, а богатиот – со својата понизност, бидејќи тоа е минливо како цвет од тре­ва; зашто како што сонцето огрева и со својата жега ја исушува тревата, и цветот нејзин отпаѓа, и убавината на нејзи­ниот изглед исчезнува, така ќе овене и богатиот во својот пат. Блажен е оној човек кој издржува искушение, бидејќи откако ќе биде проверен, ќе добие венец на животот, што Господ им го ветил на оние кои Го сакаат. Ниеден, кога е во искушение да не вели: „Бог ме искушува“, бидејќи Бог со зло не се искушува, и Тој никого не искушува, но секого го искушува неговата по­хота која го влече и мами. Потоа похотта, откако ќе се зачне, раѓа грев, а гревот, извршен, раѓа смрт. Не мамете се, браќа мои возљубени. Секој добар дар и секој совршен по­дарок иде озгора, симнувајќи се од Оте­цот на светлината, во Кого нема про­мени ни сенка од измена. Зашто Тој нѐ роди по својата волја преку словото на вистината, за да би­деме првина меѓу Неговите созданија. И така, мои возљубени браќа, секој човек нека биде брз за слушање, а спор за зборување, и бавен за гнев, бидејќи човечкиот гнев не ја извр­шува Божјата правда. Затоа, отфрлувајќи од себеси секаква нечистота и насобрана злоба, со кроткост примете го насаденото слово, кое може да ги спаси вашите души. Бидете извршители на словото, а не само слушатели, мамејќи се сами себе. Зашто, кој го слуша словото, а не го извршува, тој прилега на човек кој го гледа своето сопствено лице во огледало; ќе се погледне, па ќе си замине, и веднаш заборава каков бил. Но кој ќе се задлабочи во совр­ше­ниот Закон на слободата и остане во не­го, тој, бидејќи не е заборавлив слу­шател, туку извршител кој дејствува, ќе биде блажен во своето дејствување. Ако некој од вас мисли дека е по­бо­жен, а не го зауздува јазикот свој, туку го мами срцето свое, неговата по­бож­ност е суетна. Чиста и непорочна вера пред Бога Отецот е оваа: да се грижиш за сираци и вдовици во нивните маки и да се па­зиш да останеш неосквернет од светот.

Јаков 1:1-27 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Јаков, слуга на Бога и на Господа Исуса Христа, до дванаесетте распрснати племиња, поздрав. Сметајте ја за чиста радост браќа мои, кога ќе паднете во разни искушенија, знаејќи дека испитувањето на вашата вера создава трпение! А трпението нека има совршено дело, за да бидете совршени и потполни: без никаков недостаток. Ако некому од вас му недостига мудрост, нека ја моли од Бога, Кој им дава на сите изобилно и без укор - и ќе му се даде. Но да моли со вера, без никакво сомнение; зашто оној кој се сомнева е сличен на морскиот бран кого ветерот го издига и го тера. Таквиот човек да не мисли, дека ќе прими нешто од Господа. Човекот со разделена душа е непостојан во сите свои патишта. Бедниот брат да се фали во својата возвишеност, а богатиот во својата понизност, зашто ќе помине како цветот на тревата. Зашто сонцето изгреа со жега и ја осуши тревата, па нејзиниот цвет отпадна и исчезна убавината на нејзиниот изглед. Така и богатиот ќе овене во своите патишта. Блажен е човекот, кој поднесува искушение, зашто кога ќе биде испитан, ќе прими венец на живот, што Бог им го ветил на оние, кои Го љубат. Ниеден, кој е искушуван, да не рече: „Бог ме искушува.“ Зашто, Бог не се искушува од злото, и Самиот никого не искушува. Туку, секого го искушува неговата сопствена похот, која го влече и го мами. Потоа похотта зачнува и раѓа грев, а направениот грев раѓа смрт. Не заблудувајте се, возљубени браќа мои. Секој добар дар и секој совршен подарок доаѓа одозгора, од Таткото на светлината, во Кого нема измени, ниту сенка од промена. Тој нѐ роди според Својата волја преку Словото на вистината, за да бидеме првина на Неговите созданија. Знајте го ова, возљубени браќа мои: секој човек да биде брз во слушањето, а бавен во зборувањето, бавен на гнев, зашто човечкиот гнев не создава правда пред Бога. Затоа отфрлете од себе: секаква нечистота, и последниот остаток на злобата, и примете го со кротост во вас насаденото Слово, кое може да ги спаси вашите души. Но бидете извршители на Словото, а не само слушатели, кои се измамуваат себеси. Зашто, кој го слуша Словото, а не го извршува, сличен е на човек, кој го набљудува своето природно лице во огледало; ќе се погледне и ќе замине, и веднаш заборава каков бил. А кој ќе се загледа во совршениот закон на слободата и остане во него, не како заборавлив слушател, туку како вистински извршител, тој ќе биде блажен во својата дејност. Ако некој мисли дека е побожен, а не го зауздува својот јазик, туку го мами своето срце, неговата побожност е суетна. Ова е чиста и неизвалкана побожност пред Бога и Таткото: да бидат посетувани сираците и вдовиците во нивните неволји, и самиот да се пази себеси непорочен од светот.