Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Исаија 53:1-12

Исаија 53:1-12 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Кој поверува на тоа, што го чул од нас и кому му се откри силата Господова? Зашто изникна Тој пред него како младо дрвце и како стебленце од сува земја; нема во Него ни убавина, ниту величие; ние Го видовме, и во Него не­маше изглед, што ќе нѐ привлекува кон Него. Тој беше презрен и отфрлен меѓу луѓето, човек на болки и свикнат на страдања, и ние го одвраќавме од Него лицето свое; Тој беше презиран, и ние за ништо не Го сметавме. Но Тој ги зеде врз Себе нашите болки и ги понесе нашите слабости; а ние мислевме дека Тој беше поразуван, казнуван и понизуван од Бога. А Тој беше изнаранет за нашите гревови и мачен заради нашите беззаконија; казната за нашиот мир падна врз Него, а преку Неговите рани ние се излекувавме. Сите ние бевме заблудени како овци, секој си одеше по својот пат, – и Господ ги натовари врз Него гревовите на сите нас. Тој беше измачуван, но страдаше доброволно и устата Своја не ја отвораше; како јагне Тој беше одведен на колење, и како што е овцата пред стри­жачите свои безгласна, така и Тој не ја отвори устата Своја. Тој беше лишен од праведен суд. Кој може да зборува за Неговите наследници? Зашто беше отсечен од земјата на живите; заради беззаконијата на Мојот народ беше осуден на смрт. Му определија гроб со злодејци, но Тој беше погребан кај богатиот, иако Тој не беше направил грев и во устата Негова немаше лага. Но волјата Господова беше да Го казни, и Го предаде на мачење; а кога ќе го принесе Својот живот како милос­тивна жртва, Тој ќе види долговечно потомство, и волјата Господова ќе на­предува преку Неговата рака. Ќе се зарадува поради трудот на душата Своја и ќе види светлина. Пра­ведниот Слуга Мој ќе ги оправда мно­зина и гревовите нивни врз Себе ќе ги понесе. Затоа Јас ќе Му дадам големо нас­ледство, со силните плен ќе дели, зашто Себеси на смрт се предаде, и меѓу зло­дејците беше вброен и ги понесе врз Се­бе гревовите на мнозина и за престапниците стана посредник.

Исаија 53:1-12 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

„Кој да му поверува на она што ни е објавено, кому му се откри Господовата рака?“ Израсте пред Него како нежно стебло, како корен од сува земја. Немаше на Него ни убавина ни блесок за да би сме се загледале во Него, ни милозливост за да би ни се допаднал. Беше презрен, отфрлен од луѓето, човек на болката, свикнат на страдањата, од Кого секој го отстранува лицето, беше презрен, и за ништо го сметавме. А Тој ги понесе нашите болести, ги зеде врз себе нашите болки, додека ние сметавме дека Бог Го бие и Го понижува. За нашите престапи беше прободен, сотрен, за нашите беззаконија. Казната за нашиот мир падна врз Него, преку Неговите рани ние се исцеливме. Сите скитавме како овци, и секој одеше по својот пат. А Господ ги возложи на Него беззаконијата на сите нас. Го измачуваа, а Тој оставаше, и не ја отвори Својата уста. Го одведоа како јагне на колење; како овца нема, пред оние што ја стрижат, не ја отвори Својата уста. Со сила и со суд се ослободија од Него, и кој ќе го искаже Неговиот род? Да, од земјата на живите го отстранија Него, за гревовите на Неговиот народ, го ранија на смрт. Му го одредија погребението меѓу злочинците, а Неговиот гроб беше при богатите, иако не направи неправда, ниту пак устата Му изусти лага. Но на Господа му беше угодно да Го порази, и Тој Го предаде Него на мачење; кога го жртвува Својот живот како принос за грев, ќе види потомство, ќе ги продолжи своите денови, и Господовата волја ќе се исполни преку Него. Заради страдањата на Својата душа ќе види светлина и ќе се насити со нејзиното сознавање. Мојот праведен Слуга ќе оправда мнозина и нивната вина ќе ја земе на Себе. Затоа ќе Му дадам мноштво во наследство, и со силните ќе го дели пленот, зашто Сам се понуди на смрт и беше вброен меѓу злосторниците, за да ги понесе гревовите на мнозина на Себе и за да се заземе за злочинците.