Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Исаија 51:1-16

Исаија 51:1-16 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Послушајте Ме вие, што копнеете за правда, вие кои Го бара­те Господа! Погледајте ја карпата, од која сте исечени, и длабочината на јамата, од која сте извлечени. Погледајте го Авраам, вашиот тат­ко, и Сара, која ве родила; зашто Јас го повикав него кога беше сам, го благо­словив и го умножив. Така, Господ ќе го утеши Сион, ќе ги утеши сите негови урнатини и ќе ги направи пустините негови како рај и степите негови – како градина Господо­ва; радост и веселба ќе има во него, славопои и пеење на песни. Послушајте Ме, народе Мој и племе Мое, приклонете го увото кон Мене! Зашто од Мене ќе излезе закон и Моја­та правда ќе ја поставам за светлина на народите. Мојата правда брзо ќе стигне; Моето спасение изгрева и Мојата рака ќе ги суди народите; островите ќе се надеваат на Мене и ќе се надеваат на силата Моја. Кренете ги очите кон небото и по­гледајте на земјата долу: зашто небото ќе исчезне како дим, и земјата ќе из­ветви како облека, а жителите нејзини исто така ќе изумрат; а Моето спасение е вечно, правдата Моја нема да прес­тане. Послушајте Ме, вие, кои ја познавате правдата, народе, Кој во срцето свое го имаш Мојот закон! Не плашете се од прекорување на луѓето, ниту стравувајте од нивните навреди. Зашто молец ќе ги изеде како облека и црв ќе ги изеде како волна; а Мо­јата правда ќе трае засекогаш, и Моето спасение – од род во род. Крени се, крени, облечи се во сила, рако Господова! Дигни се, како во древ­ните дни, во дамнешните родови! Зар не го уништи ти Рахав, зар не го порази змејот? Не го исуши ли морето, водите и големата бездна, не ги претвори ли морските длабочини во пат, за да поминат искупените? Ќе се вратат избавените од Господ, и ќе дојдат на Сион со пеење, и вечна радост ќе има над главата нивна; тие ќе најдат радост и веселба; скрбта и воздишките ќе исчезнат. Јас, Јас Самиот сум ваш Утешител. Кој си ти, та се плашиш од човек, кој умира, и од човечки син, кој е како трева? Го забораваш Господа, својот Тво­рец, кој го прострел небото и ја основал земјата; и непрестајно, секој ден се пла­шиш од јароста на угнетувачот, како да е готов тој да истреби. Но каде е сега јароста на угнетувачот? Скоро ќе биде ослободен заробениот, и нема да умре во јамата, ниту ќе му недостига леб. Јас сум Господ твој, Кој го бранува морето, та брановите негови бучат – Јахве Саваот е името Негово. И Јас ги ставив Моите слова во ус­тата твоја, и со сенката на раката Своја те покрив кога го простирав небото и ја утврдував земјата и му реков на Сион: „Ти си Мој народ.“