Евреите 4:12-16
Евреите 4:12-16 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Божјата порака е жива и делотворна, поостра и од најостриот меч со две сечила. Таа се пробива длабоко во нас, до нашите најдлабоки мисли и намери, соголувајќи ги и душата и духот во нас. Таа не разоткрива точно онакви какви што навистина сме. Никој не може да се скрие од Бог! Се е докрај соголено и разоткриено пред Неговите очи. Пред Него сите ќе полагаме сметка! Затоа да се држиме непоколебливо до верата што ја исповедаме, бидејќи Го имаме највозвишениот Првосвештеник - Исус, Божјиот Син, Кој отиде на небото! Нашиот Првосвештеник не е некој што не може да сочувствува со нашите слабости; напротив, имаме Првосвештеник Кој беше искушуван во се, како и ние, но Тој не згреши. Затоа, ние треба да пристапуваме кон престолот на Божјата благонаклоност со целосна доверба. Таму ќе добиеме милост и благонаклоност кои ќе ни бидат од голема помош кога ќе затреба.
Евреите 4:12-16 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Зашто, словото Божјо е живо и дејствува и е поостро од секаков меч со две острици; и навлегува до разделување на душата и духот, до зглобовите и мозокот, и ги проценува мислите и намерите на срцето. И нема создание сокриено за Него, туку сѐ е голо и откриено за очите на Оној пред Кого ние ќе одговараме. Имајќи Го големиот Првосвештеник Кој преминал преку небесата, Исус, Синот Божји, ние треба да се држиме за исповедувањето на верата. Зашто, ние немаме таков Првосвештеник, што не може да сочувствува во нашите слабости, туку таков Кој искусил сѐ како и ние, освен грев. И така, слободно да пристапуваме кон престолот на благодатта, за да примиме милост и да најдеме благодат за благовремена помош.
Евреите 4:12-16 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Зашто Божјото Слово е живо, и делотворно, и поостро од секој меч остар од двете страни, и навлегува до разделувањето на душата и духот, на зглобовите и на мозокот; и ги суди мислите и намерите на срцето, и нема создание кое е невидливо пред Него; туку сѐ е голо и откриено пред очите на Оној, пред Кого ние ќе дадеме сметка. И така, бидејќи имаме Голем Првосвештеник, Кој поминал низ небесата - Исуса, Божјиот Син, да се држиме цврсто за исповедувањето! Зашто, немаме првосвештеник кој не може да сочувствува со нашите слабости, туку Кој бил искушуван во сѐ како нас, освен гревот. И така да пристапуваме смело кон престолот на благодатта, за да примиме милост и за да најдеме благодат, за помош, во време на потреба.