Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Евреите 4:1-11

Евреите 4:1-11 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Божјото ветување за влегувањето во местото на Неговото спокојство се уште важи, но постои опасност некој од вас да задоцни да влезе, и тоа е сериозна причина за страв. Зашто и ние ја чувме Радосната вест исто како и тие, но таа порака ним не им беше од никаква полза, бидејќи не поверуваа во тоа што им го порача Бог. Само ние што веруваме ќе влеземе во спокојството што го ветува Бог. За тие што не веруваат Бог рекол: „Разгневен се заколнав: Никогаш нема да влезат во местото на Моето спокојство!“ Бог го рече ова иако Неговото место на спокојство беше подготвено уште од создавањето на светот. По што, всушност, знаеме дека навистина било подготвено уште од самиот почеток? Па Бог во Светото Писмо за седмиот ден вели вака: „Откако ги заврши сите Свои дела, Бог си отпочина во седмиот ден.“ Но на друго место го рече и следново: „Тие никогаш нема да влезат во местото на Моето спокојство!“ Според тоа, Божјото спокојство е отворено за да влегуваат луѓето, но тие што порано ја слушнаа Радосната вест не влегоа, поради непослушност. Затоа Бог повторно определува време кога може да се влезе во Неговото спокојство и тоа време е денес. Бог ова по долго време го објави преку Давид, со веќе претходно цитираните зборови: „Ако денес го слушнете Божјиот глас, не стврднувајте ги вашите срца.“ Ако тоа место на спокојство беше земјата Канаан, каде што Јошуа ги одведе, Бог немаше подоцна да зборува за друго место на спокојство. Според тоа, за Божјиот народ ќе има саботна починка. Зашто оние што ќе влезат во Божјата починка ќе се одморат од своите дела, како што Бог се одмори откако го создаде светот. Затоа треба да се потрудиме да влеземе во тоа место на спокојство, зашто секој што Му е непослушен на Бог, како што беа Израелците, ќе отпадне.

Евреите 4:1-11 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Да внимаваме пак, додека уште ни е оставено ветувањето за влегување во Неговиот спокој, да не би се открило дека некој од вас би можел да задоцни. Зашто и нам ни се соопшти, како и ним. Но словото, што го беа чуле, не им донесе полза, бидејќи оние што го беа чуле не поверуваа. А ние, кои поверувавме, влегуваме во Неговиот спокој, како што рекол Тој: „Затоа се заколнав во гневот Свој дека тие нема да влезат во Мојот спо­кој“, иако Неговите дела беа завршени уште при создавањето на светот. Зашто негде за седмиот ден е речено вака: „И во седмиот ден Бог се одмори од сите Свои дела.“ И на тоа место пак: „Не ќе влезат во спокојот Мој.“ И така, на некои им се отвори да влезат во него, а оние, на кои им беше порано проповедано Евангелието, не влегоа поради непослушност. Затоа Тој пак определи еден ден „Денес“, велејќи преку Давид, по толку време, како што е речено погоре: „Денес, кога ќе го чуете гласот Негов, не стврднувајте ги срцата ваши.“ Зашто, ако Исус Навин им беше дал спокој, Бог немаше да зборува веќе потоа за друг ден. Но, за народот Божји сѐ уште ос­та­нува саботна починка. Зашто, кој ќе влезе во спокојот Не­гов, тој ќе се одмора од делата свои, ка­ко и Бог од Своите. И така, да се погрижиме да влеземе во оној спокој, та да не би некој да падне во слична непослушност.

Евреите 4:1-11 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

И така, да страхуваме да не е изостанал некој од вас, додека е уште оставено ветувањето за влегувањето во Неговата починка. Зашто и ние ја чувме Радосната Вест како и тие; но немаа полза од словото што го чуја, зашто не беше придружено со вера, кај оние кои го беа чуле. Имено, во починката влегуваме ние, кои поверувавме, како што рекол: „Така се заколнав во Мојот гнев и нема да влезат во Мојата починка“, иако делата беа свршени уште при основањето на светот. Зашто некаде за седмиот ден е речено вака: „И Бог почина во седмиот ден од сите Свои дела.“ И пак на тоа место: „Нема да влезат во Мојата починка.“ И така, ако останува некои да влезат во неа, а оние кои порано го чуле Евангелието не влегле заради непослушност; пак определува некој ден, „денес“, кога по толку време зборува преку Давида, како што е речено порано: „Денес ако го чуете Неговиот глас, не закорувајте ги вашите срца.“ Зашто, ако Исус Навинов можеше да ги доведе во починка, не би зборувал после тоа за друг ден. Значи, на Божјиот народ му остана починката. Имено, кој влегол во Неговата починка, тој се одморил од своите дела, како и Бог од Своите. И така, да се погрижиме да влеземе во Христовата починка, за да не падне некој по примерот на истата непослушност!