Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Авакум 2:1-20

Авакум 2:1-20 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Ќе застанам на стража, ќе се качам на кулата за да набљудувам за да разберам, што ќе ми каже Тој, и што ќе ми одговори на моите поплаки. Ми одговори Господ и ми рече: За­пиши го видението и одбележи го на плочи јасно, та оној, што ќе чита, да мо­же да го прочита; зашто видението се однесува на оп­ределеното време; тоа зборува за свр­шетокот и нема да излаже; па, и ако се забави, чекај го, зашто ќе наиде и нема да забави. И ете, гордата душа ќе пропадне, а праведникот ќе живее преку верата. Богатството е подмолно; гордели­виот нема да се одржи: тој ја раширува устата своја како пеколот, и ненаситен е како смртта; ги собира кај себе сите народи и ги ограбува сите племиња. Нема ли сите тие да го земат за при­каз и да испеат иронична песна: „Тешко му на оној што без мерка се збогатува, и тоа не со свое? До кога ќе се полниш со запленето богатство?“ Нема ли да станат наеднаш оние, што ќе те измачуваат, и нема ли против тебе да се кренат грабители и ти ќе им станеш за грабеж? Бидејќи си ограбил многу народи, и тебе ќе те ограбат сите други народи, зашто си пролеал човечка крв, зашто си ја разорил земјата, градот и сите што живеат во него. Тешко му на оној, што се лакоми кон неправедни печалби за домот свој, за да го изгради домот свој на високо и така да се запази од раката на злото. Си нанесол тој срам за домот свој, откако си истребил многу народи, згре­шил против душата своја. Камењата од ѕидовите ќе повикаат и гредите дрвени ќе им одговорат: „Тешко му на оној кој ѕида град врз крв, и што гради тврдини врз неправда!“ Ете, не е ли тоа од Господ Саваот што народите се трудат за оган и пле­мињата се измачуваат напразно? Зашто земјата ќе се исполни со пра­з­нување за славата Господова онака како што водите го исполнуваат морето. Тешко му на оној што го пои ближ­ниот свој со пијалок, измешан со злобата своја, за да ја види голотијата негова! Ќе бидеш презаситен со срам место со слава; пиј, пак, и ти и покажи ја голотијата своја и кон тебе ќе се сврти десницата Господова и срамот на славата твоја. Зашто твоето злосторство против Ливан ќе падне врз тебе, зашто си истребувал уплашени животни, бидејќи си пролевал човечка крв, си ги опустошувал земјата, градот и сѐ што живее во него. Каква корист има од резан лик, направен од уметник, од тој излеан ла­жен учител, макар што вајар, правејќи неми идоли, ќе се надева на делото свое? Тешко му на оној, кој на дрво вели – „Стани“ – и на нем камен – „Разбуди се.“ Ќе научи ли тој некого на нешто? Ете, тој е опкован со злато и сребро, но жив дух во него нема. А Господ е во Својот свет храм: нека замолкне целата земја пред лицето Негово!

Авакум 2:1-20 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Ќе застанам на својата стража, ќе се поставам на кулата, ќе внимавам да видам, што ќе ми рече Тој, и што да одговорам на мојот укор. Тогаш Господ ми одговори и рече: „Запиши го видението, врежи го врз плочки, та поминувачот да го чита лесно.“ Зашто видението е сепак за определеното време: брза кон исполнувањето, и нема да излаже; па, и ако се забави, чекај го, зашто навистина тоа ќе дојде и не ќе се забави. Ете: на горделивиот, душата не му е праведна, а праведникот ќе живее преку својата вера. Виното навистина го измамува и горделивиот, и не може да се одмори, оној, кој го отвора грлото како Подземје, кој е ненаситен како смртта, кој ги собира за себе сите народи, кој ги збира за себе сите племиња. Зар сите не ќе искажат изрека за него, потсмев и гатанка ќе пеат против него? Ќе речат: ‘Тешко му на оној, кој го умножува она, што не е негово! - и до кога ќе се натрупува со залози?’ Не ќе ли станат наеднаш твоите заемодавачи, не ќе ли се разбудат оние кои собираат од тебе? Тогаш ќе им бидеш плен! Зашто ограби многу народи, сиот остаток од луѓето ќе те ограби тебе, поради човечката крв, и насилството извршено над земјата, над градот и сите негови жители. Тешко му на оној, кој придобива неправедна печалба за својата куќа, за да го постави гнездото си на високо, и да се избави од раката на злото. Си смислил срам за својата куќа уништувајќи многу племиња, и си згрешил против себе. Зашто од самите ѕидови каменот вика, а гредата од дрвата му одговара. Тешко му на оној, кој гради град со крв и ја засновува тврдината врз неправда! Ете, не е ли тоа од Господ над Воинствата, за да се трудат народите само за оган, за да се изморуваат народите за ништо? Зашто земјата ќе се наполни со знаењето на Господовата слава, како што водите го покриваат морето. Тешко му на оној, кој го наведува ближниот на пиење, турува отров додека тој пие, за да ја набљудува неговата разголеност! Ти си се наситил со срам место со слава; само пиј и покажувај го срамот на своето необрезание. Чашата на Господовата десница ќе донесе срам на твојата слава. Насилството над Ливан ќе те покрие тебе; и истребувањето на ѕверовите ќе ги исплаши, поради човечката крв, и насилството извршено над земјата, над градот и сите негови жители. За што ползува делканиот лик, та уметникот да го делка? За што леаниот лик, учителот на лага, та неговиот творец да се доверува на делото свое, обликувајќи неми идоли? Тешко му на оној, кој вели на дел од дрво: ‘Разбуди се!’ На немиот камен: ‘Стани!’ Тој ли ќе поучува? Ете, тој е опточен и со злато и со сребро, но никаков здив нема во него. Но Господ е во Својот свет храм: сета земја нека замолчи пред Него!“

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност