Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Создавање 48:1-14

Создавање 48:1-14 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Потоа му јавија на Јосиф: „Ене, татко ти е болен.“ А тој ги по­веде со себе двајцата синови свои, Ма­насија и Ефрем. И го известија Јаков, велејќи му: „Ете, синот твој Јосиф доаѓа кај тебе.“ А Израел собра сили и седна на постелата своја. И му рече Јаков на Јосиф: „Се­силниот мој Бог Ел-Шадај ми се јави во Луз, во земјата Ханан, ме благослови, и ми рече: ‚Ќе те направам плоден и многуброен; и ќе направам од тебе да произлезат многу народи, ќе ја дадам оваа земја и на твоето потомство по тебе во вечна сопственост.‘ А сега, двајцата синови твои, Ефрем и Манасија, кои ти се родија во египетската земја, пред да дојдам во Египет, нека бидат мои, како што ми се Рувим и Симеон. Децата, пак, кои ти се родија по нив, нека останат твои; а во наследството свое нека се викаат според имињата на браќата нивни. А кога се враќав од рамнината Арам, ми умре Рахила во хананската земја, по пат, близу до Ефрат, и јас ја погребав таму на патот за Ефрат, сега наречен Витлеем.“ А, откога ги виде Израел синовите Јосифови, праша: „Кои се овие?“ А Јосиф му рече на својот татко: „Тоа се моите синови, кои ми ги даде Бог овде.“ И рече Јаков: „Доведи ги кај мене, да ги благословам.“ Зашто очите на Израел му беа ослабеле од староста, па не можеше добро да гледа. А кога му ги доведе, ги прегрна и ги бакна. И му рече Израел на Јосиф: „Не се надевав дека ќе го видам лицето твое; но, ете, Бог ми ги покажа и твоите деца.“ Тогаш Јосиф ги истави од колената негови и се поклони со лицето доземи. Па ги зеде Јосиф обајцата, Ефрем во својата десна рака, спроти левата на Израел, а Манасија во својата лева рака, спроти десната на Израел, и ги приближи до него. А Израел ја пружи десната рака своја и ја стави врз главата на Ефрем, иако тој беше помал, а левата врз главата на Манасија. Така ги стави рацете намерно, макар што Манасија беше прво­роден.

Создавање 48:1-14 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

По некое време му јавија на Јосифа: „Ене, татко ти се разболе.“ Тогаш тој ги зеде со себе своите два сина Манасиј и Ефрем. Кога му рекоа на Јакова: „Еве ти дојде синот Јосиф“, Израел ја собра својата сила и седна на постелата. Јаков му рече на Јосифа: „Ел Шадај (Сѐмоќниот Бог) ми се јави во Луз, во Ханаанската Земја; и ме благослови, а потоа ми рече: ‘Ќе те направам плоден и многуброен, и ќе произведам од тебе мноштво народи, и на твоето потомство, по тебе, ќе му ја дадам оваа земја во вечна сопственост.’ Сега, двата твои сина, кои ти се родија во Египетската Земја, пред да дојдам јас при тебе во Египет, нека бидат мои - Ефрем и Манасиј нека бидат мои, како и Рувим и Симеон! А децата кои ти се родија по нив нека останат твои; а во нивното наследство нека се викаат со името на своите браќа. Имено, кога се враќав од Падан (Месопотамија), за моја жалост, почина мајка ти Рахила при патувањето во Ханаанската Земја, на сосем мала оддалеченост од Ефрат. Јас ја погребав таму покрај патот за Ефрат, денешниот Витлеем. Забележувајќи ги Израел Јосифовите синови, праша: „Кои се овие?“ Јосиф му одговори на татка си: „Тоа се моите синови, кои ми ги даде Бог тука.“ „Доведи ми ги да ги благословам“, рече. Израелевите очи беа ослабени, од старост, не гледаше. Затоа му ги приведе синовите, а тој ги пољуби и ги прегрна. И Израел му рече на Јосифа: „Не се надевав да го видам твоето лице; но, ете, Бог ми даде да ги видам и твоите деца.“ Тогаш Јосиф ги слезе од неговите колена и му се поклони со лицето до земја. И Јосиф ги зеде двајцата - Ефрема со својата десница: одлево на Израел, а Манасиј со својата левица: оддесно на Израел - па ги приближи до него. Но Израел ја протегна својата десна рака и ја стави врз Ефремовата глава, иако беше помлад, а левицата врз Манасиевата глава - иако Манасиј беше првороденец.