Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Создавање 45:16-28

Создавање 45:16-28 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Тогаш се слушна во домот на фараонот дека пристигнале браќата на Јосиф. И се зарадуваа фараонот и слугите негови. И му рече фараонот на Јосиф: „Кажи им на браќата твои – еве што ќе направите: ‚Натоварете го добитокот ваш, и вратете се во хананската земја. Па земете го таткото ваш и вашите семејства и дојдете кај мене, и ќе ви ја дадам најубавата земја што ја има во Египет, и така вие ќе живеете во изобилие во оваа земја.‘ А тебе, пак, ти заповедам да им кажеш – Вака направете: ‚Земете со себе од египетската земја коли за децата ваши и за жените ваши, и поведете го таткото ваш, и дојдете ваму. И немојте да жалите за покуќнината ваша, зашто сѐ што е најубаво во египетската земја, ќе биде ваше.‘“ И синовите Израелови така постапија. А Јосиф им даде коли, по наредба на фараонот; им даде и храна за по пат. И на сите им даде облека за преоблекување, а на Венијамин му даде триста сребреници и пет нови облеки. А и на татко си му испрати десет магариња, натоварени со најубави работи, што имаше во Египет, и десет магарици, натоварени со жито и храна на татко му за по пат. Тогаш ги испрати браќата свои, и тие тргнаа; а им порача: „Немојте да се карате по патот!“ И така тие излегоа од Египет, и стигнаа во земјата хананска кај Јаков, нивниот татко. И му раскажаа сѐ, велејќи: „Јосиф е жив, и тој е господар над целата еги­петска земја!“ А неговото срце се воз­немири, зашто не им веруваше. Но, кога му раскажаа за сѐ, што им беше рекол Јосиф, и кога ги виде ко­лите, што му ги беше испратил Јосиф, за да го земат, тогаш живна духот на Јаков, нивниот татко. И рече Израел: „Доволно е што уште е жив синот мој Јосиф; ќе појдам да го видам, пред да умрам.“

Создавање 45:16-28 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Гласот се расчу во фараоновиот дворец: „Јосифовите браќа стигнаа!“ Тоа им беше мило на фараонот и на неговите царедворци. А фараонот му рече на Јосифа: „Кажи им на своите браќа нека го направат ова: ‘Натоварете ги своите добичиња и тргнете веднаш во Ханаанската Земја. Земете ги татка си и своите семејства и дојдете при мене! Јас ќе ви ја дадам најдобрата земја во Египет, па ќе уживате во изобилството на земјава.’“ А го заповеда и ова: „Направете вака: Од Египетската Земја, спотерајте коли за своите деца и за своите жени, земете го таткото и дојдете. Нека вашите очи не се натажат за вашите работи, зашто сѐ што е најдобро во Египет, ќе биде ваше.“ Израелевите синови направија така. Според фараоновата повелба Јосиф им даде коли и храна за по пат. Секому од нив му даде нова облека, а на Венијамина му даде триста сребреници и пет облеки. Исто така, му испрати на татка си: десет ослиња натоварени со најдобри египетски плодови, и десет ослиња натоварени со жито, леб и прехранбени производи, за по пат на таткото. Испраќајќи ги своите браќа на пат, им рече: „Не се препирајте патем!“ И така, тие си отидоа од Египет и стигнаа во Ханаанската Земја, при татка си Јакова. Кога му рекоа: „Јосиф е жив и уште повеќе - владее над целата Египетска Земја!“ Неговото срце се скамени, зашто не можеше да им верува. Но кога му раскажаа сѐ што им рече Јосиф, и кога ги видоа колите, што ги испрати Јосиф, за да го превезат, духот на татка им Јакова оживе. „Доста - рече Израел. - Мојот син Јосиф уште е жив. Треба да тргнам и да го видам пред да умрам.“