Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Создавање 44:1-13

Создавање 44:1-13 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Потоа му заповеда Јосиф на управителот на домот, велејќи: „Напол­ни им ги на овие луѓе вреќите со жито, колку што можат да носат, и на секого во отворот на вреќата стави им го среброто нивно; а чашата моја сребрена стави му ја на најмалиот во вреќата, заедно со среб­рото негово за купеното жито!“ И тој направи така, како што му рече Јосиф. А утредента, на осамнување, ги испратија луѓето со нивните магариња. Уште не беа изминале многу пат од градот, му рече Јосиф на човекот, кој управуваше со домот негов: „Стани, оди брзо по оние луѓе, а, кога ќе ги сти­г­неш, кажи им: ‚Зошто враќате зло за добро‘. Не е ли тоа чашата, со која пие мојот господар? А тој на неа ги чита и претскажувањата! Тоа што го направивте е лошо.“ И тој ги стигна, и им ги рече овие зборови. А тие му одговорија: „Зошто зборуваш, господаре, такви зборови? Не, слугите твои такво нешто не би напра­виле. Дури и среброто, што го најдовме при отворот на вреќите, го вративме од хананската земја, па како можеме да украдеме од куќата на господарот твој сребро или злато? А при кого од слугите твои ќе се најде чашата, тој нека загине; а ние, пак, ќе му бидеме робови на господарот наш.“ А тој, пак, рече: „Добро, нека биде така, како што рековте; но во кого ќе се најде чашата, тој нека ми биде роб, а вие другите нема да бидете виновни.“ И тие брзо ги симнаа вреќите свои, и ги одврзаа секој својата вреќа. А тој почна да бара, почнувајќи од најстариот, и завршувајќи со најмалиот; и се најде чашата во вреќата Венијаминова. Тогаш ја раскинаа облеката своја, па го натоварија секој товарот на своето магаре, и се вратија во градот.

Создавање 44:1-13 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Тогаш Јосиф му нареди на управителот на своето домаќинство: „Наполни ги вреќите на луѓево, со храна, колку што можат да носат, а сребрениците на секого стави ги при отворот на неговата вреќа. А мојата чаша - онаа од сребро - стави ја во отворот на вреќата на најмладиот, заедно со неговото сребро за житото.“ Тој направи како што му нареди Јосиф. Кога се раздени, ги испратија луѓето и нивните ослиња. Точно по излегување од градот - не беа заминати далеку - кога Јосиф му рече на началникот на својот дом: „На нозе! Тргни по луѓето! Кога ќе ги стигнеш, речи им: ‘Зошто враќате зло за добро? Зар мојот господар не пие од онаа чаша и не чита пророштва од неа? Направивте зло!’“ Откако ги стигна, ги повтори зборовите. Тие одговорија: „Зошто господарот ни зборува така? Далеку да е од твоите слуги да сторат нешто такво! Па и сребрениците што ги најдовме во своите вреќи, ти ги вративме назад од Ханаанската Земја. Како би можеле тогаш да украдеме сребро или злато од куќата на твојот господар! Оној, од твоите слуги, во кого ќе се најде, нека биде убиен, а ние другите ќе му станеме робови на твојот господар.“ „Иако е право тоа што го предлагате - рече тој - сепак само оној, кај кого ќе биде најдено украденото, ќе биде мој роб, а другите ќе бидете слободни.“ Бргу ги спуштија вреќите на земја и секој ја отвори својата вреќа. Тој пребаруваше, почнувајќи од највозрасниот и завршувајќи со најмладиот, чашата беше најдена во Венијаминовата вреќа. Тогаш тие ги скинаа своите облеки; секој повторно го натовари своето осле и се вратија во градот.