Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Создавање 42:29-38

Создавање 42:29-38 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И, откако дојдоа кај Јаков, таткото нивни, во земјата хананска, му рас­кажаа за сѐ, што им се случи, велејќи: „Остро зборуваше со нас човекот, кој заповеда во таа земја, и постапи со нас како со разузнавачи. А ние му рековме дека сме чесни луѓе, и дека никогаш не сме биле разузнавачи. Дванаесет браќа сме, синови на нашиот татко; едниот веќе го нема, а најмалиот е денес со таткото наш, во земјата хананска. Но човекот што заповеда во таа земја, ни рече: ‚Вака ќе дознаам дали сте чесни луѓе. Еден од браќата нека остане овде кај мене, а вие житото земете го и одете си кај вашите гладни семејства. А потоа доведете го кај мене вашиот најмал брат, за да се докаже дека не сте разузнавачи, туку чесни луѓе. Тогаш братот ваш ќе ви го пуштам, и ќе можете да тргувате во оваа земја.‘“ И празнејќи ги вреќите свои, за чудо, секој си го најде во вреќата своето ќесе со парите негови. Кога ги видоа ќесињата со парите нивни, тие и таткото нивни се уплашија. И им рече Јаков, нивниот татко: „Децата ми ги запустивте; Јосиф го нема, го нема и Симеон, па и Венијамин ли ќе ми го земете? Сето ова на мене се струпа!“ Тогаш проговори Рувим и му рече на таткото свој: „Двата мои сина убиј ги, ако не ти го доведам; дај го во мои раце, и јас ќе ти го вратам.“ А тој рече: „Нема да појде син ми со вас, зашто брат му негов умре и тој остана сам; па, ако се случи некоја несреќа на патот по кој ќе одите, стар ќе ме турнете со тага в гроб!“

Создавање 42:29-38 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Откако дојдоа при својот татко Јаков, во Ханаанската Земја, му кажаа што им се случи. „Човекот, кој е господар на онаа земја - рекоа - ни зборуваше остро и нѐ обвини како согледувачи. ‘Чесни луѓе сме - му рековме - и никогаш не сме биле извидници. Бевме дванаесет браќа, синови на ист татко, но едниот веќе го нема, додека најмладиот се наоѓа сега со нашиот татко во Ханаанската Земја.’ Но човекот, кој управува над таа земја, ни рече: ‘Вака ќе научам дали сте чесни луѓе: оставете еден брат кај мене, а вие другите земете жито заради гладот на вашите семејства, па одете си. И доведете ми го вашиот најмлад брат, така да знам дека не сте согледувачи, туку чесни луѓе. Па ќе ви го вратам вашиот брат, а вие ќе можете слободно да се движите низ земјава.’“ Кога ги празнеа своите вреќи, секој го најде своето сребро во вреќата. Забележувајќи го тоа, се исплашија и тие и нивниот татко. „Вие ме оставате мене без деца! - им рече татко им Јаков. - Јосифа го снема, Симеона го нема, а сега сакате да го одведете и Венијамина. Сѐ тоа паѓа врз мене!“ А Рувим му рече на татка си: „Убиј ги моите два сина, ако не ти го доведам назад! Предај го во мои раце, и јас ќе ти го вратам!“ „Син ми нема да дојде со вас! - им одговори. - Неговиот вистински брат веќе е мртов, и тој остана сам. Ако му се случи несреќа, на патот по кој ќе тргнете, ќе ја испратите со тага мојата седа глава во гробот!“

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност