Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Создавање 41:15-36

Создавање 41:15-36 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

А фараонот му рече на Јосиф: „Сонив сон, а никој не може да ми каже што значи: а за тебе слушам дека умееш да толкуваш соништа.“ Јосиф му одговори на фараонот и рече: „Тоа не е од мене, туку Бог ќе му даде одговор на фараонот за негово добро.“ И му рече фараонот на Јосиф, ве­лејќи: „Сонив, како стојам крај брегот на реката; и одеднаш – од реката излегоа седум дебели и убави крави, па почнаа да пасат во мочуриштето; и ете, по нив други седум крави излегоа, многу грди и слаби во телото, не сум видел толку грди во целата земја египетска. И оние крави, слаби и грди, ги изедоа оние седум дебели. А кога им беа во стомакот, не се познаваше дека им се во стомакот, туку пак беа така грди како порано. Тогаш се разбудив. Па пак сонив, а тоа – седум класја израснаа од едно стебло, јадри и убави; а по нив израснаа седум тенки и празни класја, исушени од ветар. И празните класја ги проголтаа седумте убави класја. И сево ова им го раскажав на гаталците, но ниеден не знаеше да ми објасни.“ А Јосиф му рече на фараонот: „Со­нот фараонов е еден: Господ му јавува на фараонот, што ќе направи. Седумте убави крави се седум години, и седумте убави класја се пак седум години; обата сона се еден сон. Седумте слаби и грди крави, кои излегоа по оние, се седум години; и седумте класја празни и исушени од ветар се седум години глад. Тоа е она што веќе му го реков на фараонот: Бог му кажува на фараонот што ќе прави. Ете, ќе дојдат седум години многу родни по целата земја египетска; а по нив ќе настапат седум гладни години; ќе се заборави сето она изобилство во земјата египетска, и глад ќе настапи во земјата. И нема да се знае дека во земјата порано имало изобилие – поради гладот – што ќе дојде, зашто ќе биде многу голем. А тоа, што фараонот сонил двапати едноподруго, значи дека Божјиот збор е вистински и дека Бог наскоро ќе го направи тоа. А сега фараонот нека побара човек мудар и разумен, па да го постави над египетската земја. И нека заповеда фараонот да бидат поставени старешини по земјата, па да собираат петина од сите жетви по земјата египетска во текот на седумте родни години; нека собираат тие секаква зрнена храна во седумте родни години што доаѓаат; житото да го собираат во градовите со овластување од фараонот и храната во градовите да се чува. И таа храна да биде запазена за седумте гладни години што ќе настапат во египетската земја, за да не пропадне земјата од глад.“

Создавање 41:15-36 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Тогаш фараонот му рече на Јосифа: „Сонував сон, но никој не може да го протолкува, чув за тебе дека можеш да го протолкуваш сонот, штом ќе го чуеш.“ „Јас не можам ништо - му одговори Јосиф на фараонот - туку Бог ќе му даде вистински одговор на фараонот.“ Тогаш фараонот му раскажа на Јосифа: „Во својот сон стоев на брегот на Нил. И ете! Седум дебели и убави крави излегоа од Нил, пасеа низ трските. По нив излегоа седум други крави, беа слаби, многу грозни, костенливи, никогаш не видов толку грди крави во целата Египетска Земја! И седумте слаби и грозни крави ги изедоа првите седум дебели крави. Па иако ги проголтаа, не се гледаше дека имаат нешто во утробата: беа грозни како и порано. Тогаш се разбудив. Потоа видов на сон како на едно стебленце израснаа седум полни и убави класови. Но после нив израснаа седум згрчени, празни, класови, опалени од источен ветер. И слабите класови ги изедоа седумте полни класови. Ова им го раскажав и на вражалците, но нема никој да ми објасни.“ Тогаш Јосиф му рече на фараонот: „Фараоновиот сон е само еден: Бог му јавува на фараонот што сака да направи. Седумте убави крави, тоа се седум години; седумте убави класови пак се седум години. Тоа е само еден сон. Седумте слаби и грозни крави по нив, а исто така и седумте празни, од источник опалени, класови, означуваат седум гладни години. Тоа е она што веќе му го реков на фараонот: Бог му јавува на фараонот што сака да направи. Ете, настапуваат седум години на големо изобилство во сета Египетска Земја. А по нив ќе дојдат седум гладни години, кога ќе се заборави сето изобилство во Египетската Земја. Кога гладот ќе пустее низ земјата, не ќе се знае ни дека имало изобилство во земјата - заради гладот што ќе дојде - зашто ќе биде многу голем. А тоа што фараоновиот сон се повтори, значи дека Бог навистина се одлучи за тоа и дека наскоро ќе го спроведе. Затоа фараонот нека избере способен и мудар човек и нека го постави над Египетската Земја. Натаму, фараонот нека се погрижи да постави надгледувачи во земјата, што ќе собираат една петинка од сета жетва во Египетската Земја во седумте години на изобилството. Нека собираат од секого жито, во седумте добри години, што доаѓаат; нека, со фараоново овластување, собираат жито за храна и нека го чуваат во градовите. Собраниот вишок нека служи за исхрана во земјата во седумте години на глад, што ќе ја снајде Египетската Земја, така што земјата да не пропадне од гладот.“