Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Создавање 4:1-12

Создавање 4:1-12 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Потоа Адам легна со жената своја Ева, која зачна и го роди Каин, и рече: „Придобив човек од Господ!“ Го роди уште и братот негов Авел. И Авел стана овчар, а Каин беше земјоделец. По некое време Каин Му принесе на Господ дар од земните плодови; а и Авел исто така принесе од пр­вината на стадото свое и од нивната маст. И Господ погледна благонаклоно на Авел и на неговите дарови; а на Каин и на неговите дарови не погледна благонаклоно. Затоа Каин многу се разлути, и лицето му се намршти. Тогаш Господ му рече на Каин: „Зошто се лутиш? Зошто се помрачи лицето твое? Зарем, кога правиш добро, не си ведар во лицето? А ако не правиш добро, тогаш гревот е пред вратата; тој те влече кон себе, но ти надвладај го!“ И му рече Каин на својот брат Авел: „Да појдеме в поле!“ А кога беа во полето, Каин скокна на својот брат Авел, и го уби. Тогаш Господ му рече на Каин: „Каде е братот твој, Авел?“ А тој одговори: „Не знам; зарем јас сум чувар на брат ми?“ А Господ рече: „Што направи? Чуј! Крвта на братот твој вика од земјата кон Мене. Затоа да си проклет на земјата, што ја отвори устата своја да ја прими крвта на братот од раката твоја. Кога ќе ја обработуваш земјата, таа нема повеќе да ти дава изобилен род; ти ќе бидеш изгнаник и скитник по земјата!“

Создавање 4:1-12 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Адам ја позна својата жена Ева, а таа зачна и го роди Каина, па рече: „Добив машко чедо со помош на Господа!“ Потоа го роди Авела, братот Каинов; Авел стана сточар, а Каин земјоделец. И еден ден Каин Му принесе на Господа жртва од плодовите на земјата. А и Авел принесе од првородените на својот добиток, и од мрсното. Господ погледна милостиво на Авела и на неговата жртва, а ни поглед не сврти кон Каина и неговата жртва. Затоа Каин се налути многу, и лицето му се смени. И Господ му рече на Каина: „Зошто си лут? Зошто ти е сменето лицето? Зашто ако работиш право, светиш од насмеаност. А ако не работиш право, гревот ти лежи пред врата, што дебне врз тебе; но ти уште можеш да му се спротивиш.“ Каин пак му рече на својот брат Авел: „Ајде да излеземе!“ И откако се најдоа во полето, Каин скокна на брата си Авела и го уби. Потоа Господ го праша Каина: „Каде е брат ти Авел?“ „Не знам - одговори - зар сум јас чувар на својот брат?“ Господ продолжи: „Што направи? Слушај! Крвта на твојот брат вика кон Мене од земјата. Затоа биди проклет на земјата, што ја отвори устата за да ја прими крвта на брата ти, од твојата рака! Ќе ја обработуваш земјата, но таа веќе не ќе ти го дава својот род. Ќе бидеш вечен скитник на земјата!“