Создавање 37:3-11
Создавање 37:3-11 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
А Израел го сакаше Јосиф повеќе од сите свои синови, зашто му се роди на стари години; и му направи шарена облека. А браќата, гледајќи дека таткото нивни го сака многу повеќе од сите свои синови, го замразија, така што не можеа со него да зборуваат љубезно. Притоа Јосиф сони сон и им го раскажа на своите браќа, а тие го замразија уште повеќе. И им рече: „Чујте го сонот што го сонив: врзуваме снопје во полето, и одеднаш мојот сноп се исправи, и застана прав, а вашите снопови се распоредија наоколу и му се поклонија на мојот сноп.“ Тогаш браќата му рекоа: „Зарем ти ќе царуваш над нас? Зарем ти ќе владееш над нас?“ Затоа уште повеќе го замразија, поради неговите соништа и поради неговите зборови. Потоа тој сони и втор сон, и им го раскажа и на браќата свои, велејќи: „Сонив уште еден сон, а тоа – сонцето и месечината и единаесет ѕвезди ми се поклонуваа.“ И му го раскажа на својот татко како и на браќата свои, но татко му го прекори и рече: „Каков е тој сон што си го сонил? Зар јас и мајка ти, и браќата твои, ќе дојдеме тебе да ти се поклониме доземи?“ И му позавидоа браќата негови; но татко му ги запомни тие зборови.
Создавање 37:3-11 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Јаков го љубеше Јосифа повеќе од кој и да е свој син, зашто беше дете на неговата старост, и тој му направи шарена облека. Но неговите браќа забележија дека татко им го љуби повеќе од сите други свои синови, па го замразија толку, што не можеа да му речат ни пријатен збор. Еднаш Јосиф сонуваше сон, и им го раскажа на своите браќа, а тие го замразија уште повеќе заради тоа. „Чујте го сонот - им рече - што го видов! Замислете! Врзувавме снопови во средината на полето, кога одеднаш мојот сноп се исправи и застана нагоре. Тогаш вашите снопови се собраа наоколу и му се поклонија на мојот сноп.“ Неговите браќа го прашаа: „Да не сакаш да зацаруваш над нас? Сакаш ли да ни бидеш господар?“ И го замразија уште повеќе, заради неговото раскажување на соништата. Тој виде уште еден сон и им го раскажа на своите браќа: „Сонував уште еден сон. Внимавајте! Сонцето, месечината и единаесет ѕвезди ми се поклонуваа длабоко!“ Кога му го раскажа тоа на својот татко, татко му го укори и му рече: „Што значи сонот што го сонуваше? Зар ќе дојдеме: јас, мајка ти и браќа ти, па да ти се поклонуваме до земја?“ И додека неговите браќа му беа лути, од завист, татко му размислуваше за сѐ.