Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Создавање 37:19-28

Создавање 37:19-28 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И си рекоа помеѓу себе: „Ене го доаѓа, оној што сонува! Ајде сега да го убиеме и да го фрлиме во некоја од овие јами, па ќе речеме: крвожеден ѕвер го изеде. Тогаш ќе видиме што ќе стане од неговите соништа!“ Но, кога го чу тоа Рувим, посака да го спаси од рацете нивни, па рече: „Да не го убиваме!“ И уште им рече Рувим: „Крв да не пролевате; фрлете го во една од јамите во пустината, но не кревајте рака на него.“ А тој сакаше да го спаси од рацете нивни и да го врати кај татко му. И кога Јосиф дојде кај своите браќа, тие му ја соблекоа шарената облека, што ја имаше на себе. И го фатија, па го фрлија во една јама; а јамата беше празна; немаше вода во неа. Потоа седнаа да јадат леб. И кревајќи ги очите, видоа Јишмаелци како доаѓаат од Галаад со камилите свои, натоварени со миризливи смоли, балсам и темјан; го пренесуваа тоа во Египет. Јуда им рече на своите браќа: „Каква полза ќе имаме, ако го убиеме братот наш и ја сокриеме крвта негова? Ајде да им го продадеме на овие Јишмаелци, па да не клаваме рака на него, зашто брат ни е, наша крв е.“ И го послушаа браќата негови. Па кога мидјанските трговци минуваа покрај нив, тие го извадија Јосиф од јамата и им го продадоа на Јишмаелците за дваесет парчиња сребро; а овие го одведоа Јосиф во Египет.

Создавање 37:19-28 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Си рекоа еден на друг: „Ене го стигнува сонувачот! Ајде, да го убиеме сега и да го фрлиме во некоја јама! Можеме да речеме дека го изеде див ѕвер. Ќе видиме што ќе биде од неговите соништа!“ Но кога Рувим го чу тоа, се обиде да го избави од нивните раце. И рече: „Да не му го одземаме животот! Не пролевајте крв - зборуваше натаму Рувим. - Фрлете го во јама за вода во пустината, ама не кревајте раце на него!“ Така сакаше да го избави од нивните раце и да го одведе при таткото. Но кога Јосиф стигна при браќата, тие му ја соблекоа неговата облека, шарената облека што беше на него; го грабнаа и го фрлија во јама за вода. Јамата беше празна; немаше вода во неа. Потоа седнаа да ручаат. Кога ги подигнаа своите очи, здогледаа поворка Исмаилци, како доаѓаат од Галад. Нивните камили носеа: мириси, балсами и смирна, за да ги препродадат во Египет. Тогаш Јуда им рече на своите браќа: „Што ќе постигнеме ако го убиеме брата си, а ја скриеме неговата крв? Ајде, да го продадеме на Исмаилците; но да не дигаме рака на него. Зашто тој е наш брат, наше месо.“ Браќата го послушаа. Тогаш пристигнаа луѓе, мадијамски трговци. Браќата го извлекоа од јамата за вода и им го продадоа на Исмаилците за дваесет сребреници, а тие го одведоа Јосифа во Египет.