Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Создавање 3:1-19

Создавање 3:1-19 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Но змијата беше полукава од сите ѕверови полски, што ги создаде Господ Бог; па ѝ рече на жената: „Вистина ли е дека Бог рекол да не јадете од ниедно дрво во рајот?“ А жената ѝ рече на змијата: „Ние јадеме род од секое дрво во рајот; – само од родот на она дрво среде рајот, – рече Бог, – не јадете од него и не допирајте се до него, за да не умрете!“ Тогаш змијата ѝ рече на жената: „Не, нема да умрете! Но Бог знае дека оној ден кога ќе вкусите од него, ќе ви се отворат очите, па ќе станете како богови и ќе знаете што е добро, а што зло.“ Кога жената, виде дека родот на дрвото е добар за јадење, и убав на изглед, и дека дрвото е пожелно поради тоа што дава знаење, набра род од него и го изеде, па му даде и на мажот свој, та и тој јадеше. Тогаш им се отворија очите на обајцата, и разбраа дека се голи; па исплетоа лисја од смокви и си направија опашала. Тогаш го чуја гласот на Господ Бог, кога Тој одеше низ рајот во времето на дневниот ветрец; и се сокрија Адам и неговата жена меѓу рајските дрвја. Но Господ Бог го повика Адам и му рече: „Каде си?“ А тој одговори: „Го чув одењето Твое низ рајот, па се уплашив, бидејќи сум гол, и се сокрив.“ И Тој рече: „Кој ти кажа дека си гол? Да не си јал од она дрво, од кое ти забранив да јадеш?“ Адам, пак, рече: „Жената, која ми ја даде Ти, таа ми даде плод од дрвото, и јас јадев.“ Тогаш Господ Бог ѝ рече на же­ната: „Зошто го направи тоа?“ Жената одговори: „Змијата ме измами, и јас јадев.“ На змијата, пак, ѝ рече Господ Бог: „Затоа што си го направила тоа, про­к­лета да си меѓу сите животни и сите полски ѕверови; помешечки ќе се влечеш и прав ќе јадеш сѐ до крајот на својот живот! И ставам непријателство меѓу тебе и жената и меѓу родот твој и породот нејзин. Тој ќе ти ја смачкува главата, а ти ќе го каснуваш во петата.“ А на жената ѝ рече: „Кога ќе бидеш бремена, ќе ти ги умножам и преумножам маките; со болки ќе раѓаш деца, и ќе се приклониш кон мажот свој, и тој ќе ти биде господар!“ Па потоа му рече на Адам: „Би­дејќи ја послуша жената твоја и вкуси од дрвото, од кое ти забранив и реков: – не јади од него – затоа земјата нека биде проклета за тебе; со мака ќе се храниш од неа сѐ до крајот на својот живот; трње и бодлики ќе ти раѓа; и ти ќе јадеш трева полска. Со пот на лицето свое ќе јадеш леб, сѐ дури не се вратиш во земјата, од која си земен; зашто си земја, и во земја ќе се вратиш!“

Создавање 3:1-19 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Змијата беше полукава од сите полски животни, што Господ, Бог, ги направи. Таа ѝ рече на жената: „Вистина ли е дека Бог рекол, - не ќе јадете од ниедно дрво во градината?“ Жената ѝ рече на змијата: „Смееме да јадеме плод од дрвата во градината. Само за плодот на дрвото што е среде градината Бог рече: ‘Не јадете од него! И не допирајте го, за да не умрете!’“ А змијата ѝ рече на жената: „Навистина, не ќе умрете! Туку Бог знае дека, во оној ден кога ќе јадете од него, ќе ви се отворат очите, и вие ќе бидете како Бога, распознавајќи го доброто и злото.“ Жената виде дека дрвото е добро за јадење, пријатно за очите и дрво пожелно за да се постане мудар: набра од неговиот плод и го јаде. Му даде и на својот маж, кој беше со неа, па и тој јадеше. Тогаш на двајцата им се отворија очите, и согледаа дека се голи. Сплетоа смоквини лисја и си направија прегачи. Тогаш го чуја гласот на Господа, Бога, Кој шеташе горе-долу во градината за време на денскиот ветрец. И се сокрија - човекот и неговата жена - пред Господа, Бога, меѓу дрвјата во градината. Господ, Бог, го повика човекот и му рече: „Каде си?“ Тој одговори: „Го чув Твојот глас во градината, се исплашив, зашто сум гол, и се сокрив.“ Тогаш му рече: „Кој ти кажа дека си гол? Да не си јал од дрвото, за кое ти заповедав да не јадеш?“ Човекот рече: „Жената, која Ти ми ја даде со мене, таа ми даде од дрвото, па јадев.“ Господ, Бог, ѝ рече на жената: „Што е тоа што го стори?“ „Змијата ме измами, па јадов,“- рече жената. Тогаш Господ, Бог, ѝ рече на змијата: „Бидејќи го направи тоа, проклета да бидеш меѓу сите ѕверови и меѓу секое полско животно! По мевот ќе се влечеш и прав ќе јадеш Сите денови на својот живот! Јас ќе поставам непријателство помеѓу тебе и жената, помеѓу твоето семе и Нејзиното Семе: Тој ќе ти ја сотрува главата, а ти ќе Му ја сотруваш петицата.“ А на жената ѝ рече: „Ќе ти ги умножам многу маките на твојата бременост, во маки ќе ги раѓаш децата. Твојот копнеж ќе биде кон мажот твој, а тој ќе владее над тебе.“ А на човекот му рече: „Затоа што го послуша гласот на својата жена, та јадеше од дрвото за кое ти заповедав велејќи: ‘Не ќе јадеш од него!’ Земјата ќе е проклета заради тебе: во мака ќе се храниш од неа сите денови на својот живот! Ќе ти раѓа трње и троскот, а ти ќе јадеш полски растенија. Со пот на своето лице ќе јадеш леб, додека не се вратиш во земјата, зашто од неа беше земен - прав си, и во прав ќе се вратиш.“

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност