Создавање 21:8-20
Создавање 21:8-20 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Детето порасна и беше одбиено од цицање. А Авраам приреди голема гозба во оној ден кога го одбија Исак. Виде Сара дека синот на Агара Египќанката, што му го роди таа на Авраам, се потсмева, па му рече на Авраам: „Истерај ја оваа робинка со синот нејзин, зашто синот на оваа робинка не бива да стане наследник со мојот син Исак!“ А тоа на Авраам му причини голема мака, поради синот негов. Но Бог му рече на Авраам: „Нека не ти е криво заради детето и робинката! Сѐ што ќе ти рече Сара, послушај го гласот нејзин, зашто по Исак ќе произлезе потомството твое. А и од синот на робинката ќе издигнам народ, зашто тој е семе твое.“ И Авраам стана утредента рано, зеде леб и мев со вода, и ѝ даде на Агара, ставајќи ѝ го тоа на грб, и детето, па ја отпушти. И таа тргна и се заскита по пустината кај Вирсавија. А кога снема вода во мевот, таа го остави детето под една грмушка, а самата отиде далеку, колку што со стрела може да се дофрли, и седна спроти него; зашто велеше: „Не можам да ја гледам смртта на моето дете!“ И седејќи спроти него, почна гласно да плаче. Но Бог го чу гласот на детето и ангел Божји ѝ викна на Агара од небото и ѝ рече: „Што ти е, Агаро? Не плаши се, бидејќи Бог го чу гласот на детето оттаму, каде што е. Стани, крени го детето и фати го за рака; зашто од него ќе направам голем народ.“ И Бог ѝ ги отвори очите, и таа виде извор со вода; и отиде, па го наполни мевот со вода, и го напои детето. А Бог беше со детето, и тоа порасна, и заживеа во пустината, и стана стрелец со лак.
Создавање 21:8-20 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Детето растеше и го одбија од градата. А во денот, кога го одбија Исака, Авраам даде голема гозба. Сáра виде како синот на Египетката Агара, кого му го роди на Авраама, се поигрува со нејзиниот син Исак, и му рече на Авраама: „Изгони ги слугинката и нејзиниот син, зашто синот на робинката не смее да биде наследник со мојот син - со Исака!“ Тоа не му беше мило на Авраама, зашто и Исмаил беше негов син. Но Бог му рече на Авраама: „Да не ти е тешко заради детето и заради својата слугинка; послушај сѐ што ти вели Сáра, зашто Исаковото семе ќе го овековечи твоето име. И од синот на твојата слугинка, ќе издигнам голем народ, зашто е твој потомок.“ Рано наутро Авраам зеде леб и мев со вода па ги даде на Агара; ги стави на нејзините раменици и ја отпушти. Таа скиташе ваму-таму по пустината Вирсавеа. Откако ја потроши водата од мевот, го остави детето под една грмушка, а самата отиде и седна наспроти, далеку колку што може лак да фрли. Велеше во себе: „Нејќам да видам како умира детето.“ Седејќи така, почна да плаче. Бог го чу плачењето на детето, и Божји ангел ја повика од небото Агара и ѝ рече: „Што ти е, Агаро? Не бој се! Зашто Бог го чу плачот на детето во неговата неволја! Стани! Крени го детето и утеши го, зашто од него ќе издигнам голем народ.“ Тогаш Бог ѝ ги отвори очите и таа забележа извор на вода. Отиде и го наполни мевот со вода, па го напои детето. Бог беше со детето, па растеше и порасте. Живееше во пустината и стана искусен во стрелање со лак.