Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Создавање 2:4-25

Создавање 2:4-25 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Ете така настанаа небото и земјата, во она време кога Господ Бог ги создаде земјата и небото. А уште не беа никнале полски грмушки и земни тревки, зашто Господ Бог уште не праќаше дожд на земјата, ниту, пак, имаше човек кој ќе ја обработува земјата, но се креваше пара од земјата и ја оросуваше површината на целата земја. И Господ Бог го создаде човекот од земен прав и му дувна во лицето дух животен; и човекот стана жива душа. И Господ Бог насади рајска градина на исток; и таму го насели човекот што го создаде. И Господ Бог направи да израстат од земјата секакви дрвја, убави за гледање и добри за јадење, и дрвото на животот среде рајот, и дрвото за познавање на доброто и злото. Од Едем извираше река за да го наводнува рајот, а потоа таа се раздвојуваше на други четири реки. Името на едната е Пишон; таа тече околу целата Хевилска земја, каде што има злато. Златото на таа земја е добро; таму има и бделиум и камен оникс. А на втората река името ѝ е Гион; таа тече околу целата земја Куш. Името, пак, на третата река е Тигар; таа тече на исток од Асирија. Четвртата река е Еуфрат. И го зеде Господ Бог човекот, го насели во Едемската градина, за да ја обработува и да ја чува. И му заповеда Господ Бог на човекот, велејќи: „Од секое дрво во градината можеш да јадеш, освен од дрвото за познавање на доброто и на злото; од него не јади; зашто во оној ден кога ќе вкусиш од него, ќе умреш.“ И Господ Бог рече: „Не е добро за човекот да биде сам; да му создадеме помошник, сличен на него!“ Тогаш Господ Бог ги создаде од земјата сите полски животни, и сите небески птици, и ги доведе кај човекот за да види како ќе ги нарече тој, па, како што човекот ќе го нарече секое живо суштество, така да му биде и името. И им даде човекот имиња на сиот добиток, и на небеските птици, и на сите полски ѕверови; но за човекот не се најде помошник, сличен на него. Затоа Господ му прати на човекот длабок сон; па кога заспа, му извади едно ребро, и местото го пополни со месо. Од реброто, што го зеде од човекот, Господ Бог создаде жена и ја доведе кај човекот. А човекот рече: „Еве тоа е коска од моите коски, и плот од мојата плот. Нека ѝ биде името жена, зашто е земена од мажот!“ Затоа човекот ќе ги остави татко си и мајка си и ќе се прилепи кон жената своја; и ќе бидат едно тело. И беа обајцата голи, Адам и жената негова, и не се срамеа.

Создавање 2:4-25 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Тоа се раѓањата на небото и земјата, кога беа создавани. Во денот кога Господ, Бог, ги правеше земјата и небото, уште немаше никакво полско растение по земјата, уште немаше никнато никакво зеленило, зашто Господ, Бог, уште не пушти дожд на земјата, и го немаше човекот да ја обработува земјата. Но се креваше пареа од земјата, и ја натопуваше почвата на целата земја. Господ, Бог, го обликува човекот од земниот прав и му дувна здив на живот во носалките. Така човекот стана жива душа. И Господ, Бог, насади градина на исток, во Еден, и таму го смести човекот, кого го обликува. Тогаш Господ, Бог, направи та од земјата изникна секое дрво - убаво за погледот и добро за храна - и дрвото на животот, среде градината, и дрвото за познавање на добро и зло. Река извираше од Еден за да ја натопува градината; оттаму беше раздвоена, и настанаа четири главни реки. Името на првата е Фисон, а ја обиколува целата Евилска Земја, во која има злато. Златото на таа земја е добро, а има таму и бделиј и ониксов камен. Името на втората река е Гион, а ја обиколува целата земја Хус. Третата река е Тигар, а тече на исток од Асирија; четвртата река е Еуфрат. Господ, Бог, го зеде човекот и го постави во Еденската Градина, за да ја обработува и да ја чува. Господ, Бог, му заповеда на човекот, велејќи: „Јади слободно од секое дрво во градината, но да не јадеш од дрвото за познавање на доброто и злото! Во денот кога јадеш од него, навистина ќе умреш!“ И Господ, Бог, рече: „Не е добро човекот да биде сам, ќе му направам помошник соодветен нему.“ Тогаш Господ, Бог, ги обликува од земја сите животни во полето и сите птици во воздухот, и ги приведе при човекот, за да види како ќе ги нарече, па како човекот ќе го именува секое суштество, така да му биде името. Човекот им даде имиња на сиот добиток, на птиците во воздухот и на секое животно во полето. Но за човекот не се најде помош соодветна на него. Тогаш Господ, Бог, му нанесе длабок сон на човекот та тој заспа, и му извади едно од неговите ребра, а местото го исполни со месо. Од реброто што го зеде од човекот Господ, Бог, обликува жена и ја доведе при човекот. Тогаш човекот рече: „Сега најпосле, тоа е коска од моите коски, и месо од моето месо! Нека биде наречена Жена, зашто е земена од Мажот!“ Затоа човекот ќе ги остави татка си и мајка си, и ќе се прилепи кон својата жена; и тие ќе станат едно тело. А обајцата беа голи, човекот и неговата жена, но не се срамуваа.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност