Создавање 2:1-17
Создавање 2:1-17 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Така се довршија небото и земјата и сето нивно воинство. Седмиот ден Бог ги заврши делата Свои, што ги направи; и си отпочина во седмиот ден од сите дела Свои, што ги создаде. И Бог го благослови седмиот ден, и го освети, зашто во тој ден си отпочина од сите дела Свои, што ги направи и создаде. Ете така настанаа небото и земјата, во она време кога Господ Бог ги создаде земјата и небото. А уште не беа никнале полски грмушки и земни тревки, зашто Господ Бог уште не праќаше дожд на земјата, ниту, пак, имаше човек кој ќе ја обработува земјата, но се креваше пара од земјата и ја оросуваше површината на целата земја. И Господ Бог го создаде човекот од земен прав и му дувна во лицето дух животен; и човекот стана жива душа. И Господ Бог насади рајска градина на исток; и таму го насели човекот што го создаде. И Господ Бог направи да израстат од земјата секакви дрвја, убави за гледање и добри за јадење, и дрвото на животот среде рајот, и дрвото за познавање на доброто и злото. Од Едем извираше река за да го наводнува рајот, а потоа таа се раздвојуваше на други четири реки. Името на едната е Пишон; таа тече околу целата Хевилска земја, каде што има злато. Златото на таа земја е добро; таму има и бделиум и камен оникс. А на втората река името ѝ е Гион; таа тече околу целата земја Куш. Името, пак, на третата река е Тигар; таа тече на исток од Асирија. Четвртата река е Еуфрат. И го зеде Господ Бог човекот, го насели во Едемската градина, за да ја обработува и да ја чува. И му заповеда Господ Бог на човекот, велејќи: „Од секое дрво во градината можеш да јадеш, освен од дрвото за познавање на доброто и на злото; од него не јади; зашто во оној ден кога ќе вкусиш од него, ќе умреш.“
Создавање 2:1-17 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Така беа довршени небото и земјата со сето свое воинство. И на седмиот ден Бог ги заврши Своите дела, што ги направи. И се одмори во седмиот ден од сите Свои дела, што ги направи. И Бог го благослови седмиот ден, и го освети, зашто во него се одмори од сите Свои дела, кои ги создаде Бог и ги направи. Тоа се раѓањата на небото и земјата, кога беа создавани. Во денот кога Господ, Бог, ги правеше земјата и небото, уште немаше никакво полско растение по земјата, уште немаше никнато никакво зеленило, зашто Господ, Бог, уште не пушти дожд на земјата, и го немаше човекот да ја обработува земјата. Но се креваше пареа од земјата, и ја натопуваше почвата на целата земја. Господ, Бог, го обликува човекот од земниот прав и му дувна здив на живот во носалките. Така човекот стана жива душа. И Господ, Бог, насади градина на исток, во Еден, и таму го смести човекот, кого го обликува. Тогаш Господ, Бог, направи та од земјата изникна секое дрво - убаво за погледот и добро за храна - и дрвото на животот, среде градината, и дрвото за познавање на добро и зло. Река извираше од Еден за да ја натопува градината; оттаму беше раздвоена, и настанаа четири главни реки. Името на првата е Фисон, а ја обиколува целата Евилска Земја, во која има злато. Златото на таа земја е добро, а има таму и бделиј и ониксов камен. Името на втората река е Гион, а ја обиколува целата земја Хус. Третата река е Тигар, а тече на исток од Асирија; четвртата река е Еуфрат. Господ, Бог, го зеде човекот и го постави во Еденската Градина, за да ја обработува и да ја чува. Господ, Бог, му заповеда на човекот, велејќи: „Јади слободно од секое дрво во градината, но да не јадеш од дрвото за познавање на доброто и злото! Во денот кога јадеш од него, навистина ќе умреш!“