Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Создавање 16:1-16

Создавање 16:1-16 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Но Сараја, жената на Аврам, не му раѓаше. А имаше таа слугинка Египќанка, по име Агара. И му рече Сараја на Аврам: „Ете, Господ ми ја затвори утробата за да не раѓам; туку влези кај слугинката моја, можеби ќе добијам деца од неа.“ И Аврам ги послуша зборовите Сарајини. И така, откако Аврам преседе десет години во земјата хананска, Сараја, жената Аврамова, ја зеде слугинката своја, Египќанката Агара, и му ја даде на мажот свој Аврам за жена. И тој влезе кај Агара, и таа зачна; а кога виде дека зачна, ја презре господарката своја. А Сараја му рече на Аврам: „Нав­редата моја е вина твоја; јас ти ја препуштив во прегратки слугинката моја, а таа, откако разбра дека зачна, започна да ме презира. Господ нека суди меѓу мене и тебе!“ Тогаш Аврам ѝ рече на Сараја: „Ете, слугинката твоја е во твои раце, прави со неа што сакаш!“ И Сараја почна да ја угнетува, и таа избега од неа. Но ангел Господов ја најде кај из­ворот во пустината, кај изворот на патот за Сур. И ѝ рече: „Агаро, слугинко Сара­јина, од каде доаѓаш и каде одиш?“ А таа рече: „Бегам од Сараја, господарката моја.“ Ангелот Господов пак ѝ рече: „Врати се кај господарката твоја и по­кори ѝ се!“ И ангелот Господов уште рече: „Ќе го умножам многу потомството твое, така што не ќе може да се изброи.“ И пак ѝ рече ангелот Господов: „Ете, ти си бремена и ќе родиш син, и ќе го наречеш со името Исмаил; би­дејќи Господ ја чу маката твоја. Тој ќе биде силен како диво магаре: раката негова ќе се крева против секого, и сечија рака ќе се крева против него; и ќе живее пред лицето на сите браќа свои.“ Тогаш таа Го нарече Господа, Кој ѝ зборуваше: „Ти си Ел-Рои – Бог што гледа сѐ“, зашто рече: „Пред себе Го видов Бога и останав жива!“ Заради тоа тој извор се нарече Беер Лахај Рои – „Извор на живиот Кој ме гледа“, а се наоѓа меѓу Кадис и Беред. И му роди Агара на Аврам син; и му стави Аврам на синот свој, кого го роди Агара, име Исмаил. А Аврам имаше осумдесет и шест години кога Агара му го роди Исмаил.

Создавање 16:1-16 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Аврамовата жена Сара не му роди деца. А имаше слугинка Египетка, по име Агара. И Сара му рече на Аврама: „Гледаш, Господ ме направи неплодна. Влези кај мојата слугинка, можеби ќе добијам деца.“ Аврам ги послуша Сарините зборови. И така, откако Аврам престојуваше десет години во Ханаанската Земја, неговата жена Сара ја зеде Агара, Египетката, нејзина слугинка, и му ја даде на својот маж Аврам за сопруга. Тој влезе кај Агара и таа зачна. А кога виде дека зачна, гледаше со презирање врз својата господарка. Тогаш Сара му рече на Аврама: „Неправдата што ми се нанесува е твоја вина! Ти ја дадов мојата слугинка во твоите прегратки, но таа откако забележа дека зачна, ме гледа со презир. Господ нека биде судија меѓу нас!“ Тогаш Аврам ѝ одговори на Сара: „Ете, твојата слугинка е во твоја рака: постапи со неа како што сакаш.“ Сара се однесуваше со неа толку лошо што таа избега од неа. Господов ангел ја најде во пустината, при изворот - на патот кон Сур - и ја праша: „Агаро, Сарина слугинко, откаде доаѓаш и каде одиш?“ А таа одговори: „Еве, бегам од својата господарка Сара.“ А Господовиот ангел ѝ рече: „Врати се кај господарката твоја и покори ѝ се под нејзините раце! Ангелот Господен уште ѝ рече: „Ќе го умножам мошне твоето потомство; не ќе може да биде избројано поради множеството.“ Натаму Господовиот ангел ѝ рече: „Ете, ти си бремена и ќе родиш син. Дај му име Исмаил (Кого Бог Го Слуша), зашто Господ ја чу твојата мака. Тој ќе биде како диво осле: неговата рака ќе се крева на секого, и сечија рака на него; и тој ќе живее, во близина на сите свои браќа.“ Таа Го нарече Господа, Кој ѝ зборуваше: „Ти Си Сѐ видечки Бог (Ел Рои), зашто - таа рече - „Го видов Бога и после видувањето останав жива!“ Затоа изворот се вика Вир-Лахај-Рои - Кладенец на Животворниот Сѐ видечки Бог; а ене го меѓу Кадис и Варад. Агара му роди син на Аврама, а Аврам му даде име Исмаил, на синот што му го роди Агара. Аврам имаше осумдесет и шест години кога Агара му го роди Исмаила.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност