Создавање 15:1-21
Создавање 15:1-21 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
По оние настани беше упатено слово Господово кон Аврам во видение: „Не плаши се, Авраме! Јас сум ти закрила, и наградата твоја ќе биде многу голема.“ А Аврам рече: „Господи, зошто ми се Твоите дарови кога сум без пород, а наследник во мојата куќа е Елиезер од Дамаск?“ И пак рече Аврам: „Бидејќи, Ти не ми даде потомство, ете, затоа еден од слугите родени во куќата моја, ќе биде мој наследник.“ Но Господ пак проговори: „Нема тој да ти биде наследник, туку оној, кој ќе произлезе од тебе, тој ќе ти биде наследник.“ Па го изведе надвор и му рече: „Погледни на небото и изброј ги ѕвездите, ако можеш да ги изброиш.“ И му рече: „Толкаво ќе биде потомството твое.“ И Му поверува Аврам на Господ, и тоа му се засмета за праведност. И му рече: „Јас сум Господ, Кој те изведе од Ур Халдејски за да ти ја дадам оваа земја, да ја владееш.“ А тој рече: „Господи, Господи, по што ќе познаам дека ќе ја наследам?“ И му рече: „Принеси Ми јуница од три години, и коза тригодишна, и овен од три години, а и грлица и млад гулаб!“ И тој го зеде сето тоа, и ги пресече на половина и ги стави сите половини една спроти друга; само птиците не ги преполови. А птици грабливки слетуваа на лешевите; но Аврам ги бркаше. А кога сонцето беше на залез, го совлада Аврам длабок сон, и ете, го опфати голем мрак – и го обзеде ужас. И Господ му рече на Аврам: „Знај дека потомците твои ќе бидат придојдени во туѓа земја, ќе робуваат и ќе ги мачат четиристотини години. Но јас ќе го судам народот кај кого тие ќе бидат во ропство; потоа тие ќе излезат оттаму со големо богатство. А ти ќе отидеш кај татковците свои во мир, и ќе бидеш погребан во среќна старост. Тие, пак, во четвртото колено ќе се вратат ваму; зашто беззаконијата на Аморејците уште не го достигнале својот врв.“ А кога сонцето зајде и падна мрак, ете, дим како од печка и огнен пламен, помина меѓу оние делови. Во тој ден Господ направи завет со Аврам, велејќи: „На потомството твое му ја давам оваа земја од реката во Египет до големата река Еуфрат: Кенијците, Кенизијците, Кадмонијците, Хитијците, Перизијците, Рефаимците, Аморејците, Хананците, Гергесејците и Јевусијците!“
Создавање 15:1-21 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
По тие настани Бог му испрати слово на Аврама, во видение: „Не бој се, Авраме! Јас Сум твој штит; а твојата награда ќе биде многу голема.“ Аврам рече: „Господи Боже, што ќе ми се даровите, кога останав без пород; кога овој Елиезер, од Дамаск, ќе го наследи мојот дом?“ Аврам рече уште: „Ете, не ми даде потомство, и слугата роден во мојот дом ќе ми биде наследник.“ Ама Господ пак му испрати слово: „Тој нема да стане твој наследник; туку ќе те наследи твојот потомок, кој ќе произлезе од твоето бедро.“ Го изведе надвор и рече: „Погледај сега на небото и изброј ги ѕвездите, ако можеш да ги преброиш.“ И му рече: „Толкаво ќе биде твоето потомство.“ Аврам Му поверува на Господа и тоа му се засмета за праведност. Тогаш Тој му рече: „Јас Сум Господ, Кој те изведе од Халдејскиот Ур, за да ти ја предадам оваа земја во наследство!“ А тој рече: „Господи, Господи, по што ќе знам дека ќе биде моја?“ Господ му одговори: „Принеси ми тригодишна јуница, тригодишна коза, тригодишен овен, грлица и гулапче.“ Тој Му донесе сѐ тоа, ги расече наполовина и ги стави половините една спроти друга; птиците не ги пресече. Грабливи птици слетуваа на труповите, но Аврам ги растеруваше. При зајдисонце, длабок сон го опфати Аврама, а тогаш густ мрак се спушти врз него, полн со морничавост. И Господ му рече на Аврама: „Знај дека твоите потомци ќе бидат странци во туѓа земја; ќе робуваат и ќе бидат угнетувани четири стотини години; ама Јас ќе му судам на народот кому ќе му робуваат; и конечно ќе излезат со големо благо. А ти ќе отидеш при своите татковци во мир; ќе бидеш погребан во добра старост. Твоите потомци ќе се вратат тука во четвртото поколение, зашто уште не се исполни мерата на аморејските злодела.“ А кога сонцето зајде и падна густа темнина, ете, дим како од печка, а огнен пламен помина меѓу расечените делови. Во тој ден Господ склучи завет со Аврама, велејќи: „Му ја давам земјава на твоето потомство, од Реката во Египет до Големата Река, реката Еуфрат: земјата на: Кенејците, Кенезијците, Кедмонејците, Хетејците, Ферезејците, Рафаимците, Аморејците, Ханаанците, Гергесејците и Евусејците.“