Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Создавање 1:9-18

Создавање 1:9-18 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И Бог рече: „Нека се собере водата што е под небото на едно место, и нека се појави копно!“ И стана така. Копното Бог го нарече земја, а собраните води ги нарече – мориња; и виде Бог дека тоа е добро. И Бог рече: „Нека израсте од земјата зеленило – трева што дава семе, плодоносни дрвја кои во себе имаат семе!“ И стана така. Земјата пушти од себе зеленило: трева што дава семе според својот род, а и дрвја што раѓаат плод, чие семе е според нивниот род. И Бог виде дека тоа е добро. И настапи вечер, и настапи утро – трет ден. Потоа Бог рече: „Нека се појават светила на небескиот свод, за да го делат денот од ноќта и да бидат знаци, и за времињата, и за деновите, и за годините; и нека бидат тие светилници на не­бескиот свод, за да ја осветлуваат земјата!“ И стана така. Бог создаде две големи светила: поголемо светило да управува со денот, и помало светило да управува со ноќта; ги создаде и ѕвездите; и ги постави Бог на небескиот свод да ја осветлуваат земјата, и да управуваат со денот и ноќта, и да ја одделуваат светлината од темнината. И Бог виде дека тоа е добро.

Создавање 1:9-18 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

И Бог рече: „Нека се соберат на едно место водите под небото, и нека се покаже копно!“ И бидна така. Бог го нарече копното земја, а собраните води мориња. И Бог виде дека е добро. И Бог рече: „Нека изникне земјата со зеленило - со семеносна трева, со плодоносно дрво, кое - секое според својот вид - ќе донесува на земјата плод, што го носи своето семе во себе!“ И бидна така. И никна од земјата зеленило, трева што се осеменува, секоја според својот вид, и плодоносно дрво што раѓа плод, што го носи своето семе во себе, според својот вид. И Бог виде дека е добро. И бидна вечер, па утро - трет ден. И Бог рече: „Нека бидат светила на небесниот свод, за да го делат денот од ноќта, нека бидат за знаци, и за времињата, и за деновите и годините, и нека бидат за светила на небесниот свод за да ја осветлуваат земјата!“ И бидна така. И Бог направи две големи светила, поголемото да владее над денот, а помалото да владее над ноќта - и ѕвездите. И Бог ги постави на небесниот свод да ја осветлуваат земјата, да владеат над денот и ноќта и да ја одделуваат светлината од темнината. И Бог виде дека е добро.