Галатјаните 6:11-18
Галатјаните 6:11-18 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Гледате со колкави големи букви ви пишувам кога пишувам со сопствена рака! Оние што се обидуваат да ве натераат да се обрежете го прават тоа само за да не бидат прогонувани поради проповедање дека спасението доаѓа само преку вера во Христовата жртва на крстот. Зашто ни самите тие, иако се обрежани, не се придржуваат кон целиот Закон. Тие сакаат да ве натераат да се обрежете, само за да се фалат дека ве придобиле. Што се однесува до мене, да не даде Господ да се фалам со нешто друго, освен со придобивките од крстот на нашиот Господ Исус Христос. Поради тој крст, умре во мене интересот за овој свет, а умре и интересот на овој свет за мене. Не е важно дали е човек обрежан или не. Важно е да се промениме, да станеме нови луѓе. На сите што ќе се придржуваат кон ова правило им посакувам мир и милост од Господ. Тие се новиот Божји народ. Отсега натаму никој нека не ми додева со вакви обвинувања, зашто јас на сопственото тело носам лузни што покажуваат дека Му припаѓам на Христос. Нашиот Господ Исус Христос нека ви биде благонаклонет, и духовно нека биде со вас, драги мои. Амин.
Галатјаните 6:11-18 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Гледајте со колку големи букви ви напишав со својата рака. Оние што сакаат да се фалат по тело, тие ве принудуваат да се обрезувате само за да не бидат гонети поради крстот Христов. Зашто, и оние што се обрезуваат, сами не го почитуваат Законот, а сакаат вие да се обрезувате за да се пофалат со вашето тело; а мене, да не ми даде Господ да се фалам со ништо друго, освен со крстот на нашиот Господ Исус Христос, преку Кого за мене светот е распнат, а и јас за светот. Зашто во Исус Христос ниту обрезанието има некаква сила, ниту необрезанието, туку новото создание. На оние што постапуваат и по тоа правило, и отсега натаму нека биде мир и милост, ним и на Израел Божји! И така, никој да не ми досадува веќе, зашто јас ги носам на своето тело белезите на Исус. Благодатта на нашиот Господ Исус Христос, нека биде со вашиот дух, браќа. Амин!
Галатјаните 6:11-18 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Видете, колкави букви ви напишав со сопствена рака! Сите оние, кои сакаат да се прават важни со телото, тие ве приморуваат да се обрезувате, само за да не бидат гонети заради Христовиот крст. Зашто ни самите тие, кои се обрезуваат, не го пазат Законот, а сакаат вие да се обрезувате, за да се фалат со вашето тело. А јас сум далеку од тоа да се фалам со нешто друго, освен во крстот на нашиот Господ Исус Христос, преку Кого светот е распнат за мене и јас за светот! Зашто ниту обрезанието е нешто ниту необрезанието, туку ново создание. И на сите, кои ќе го следат ова правило - мир и милост, на нив, и на Божјиот Израел. Во иднина никој да не ми досадува повеќе, зашто ги носам Исусовите рани во своето тело. Браќа, благодатта на нашиот Господ Исус Христос да биде со вашиот дух! Амин!