Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Галатјаните 3:21-29

Галатјаните 3:21-29 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)

Тогаш, дали Законот е во спротивност со Божјото ветување? Никако! Ако Мојсеевиот Закон можеше да ни даде живот, тогаш луѓето ќе се помируваа со Бог со придржување кон Законот. Светото Писмо, меѓутоа, вели дека сите сме заробеници на гревот, па единствениот начин да го добиеме она што Бог го вети е преку вера во Исус Христос. Пред да ни се објави верата во Христос, како начин да бидеме прифатливи за Бог, Законот не чуваше како затвореници, под свој надзор. Така Законот ни беше воспитувач што не водеше кон Христос, за да се помириме со Бог преку вера. Сега кога ни се објави верата, веќе нема потреба Законот да ни биде воспитувач. Сите стануваме Божји деца, преку вера во Исус Христос. Сите што преку крштавање во името на Христос се идентификуваа со Него, станаа како Христос. Без разлика дали се работи за Евреин или за Грк, за роб или за слободен, за маж или за жена, сите што сте христијани сте еднакви пред Христос. Ако Му припаѓате на Христос, тогаш вие сте вистинските потомци на Авраам и вие ќе го добиете она што Бог му го вети.

Галатјаните 3:21-29 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Па така, Законот противен ли е на Божјите ветувања? Никако! Зашто, ако беше даден закон, што ќе можеше да животвори, тогаш навистина оправда­нието ќе произлегуваше од Законот. Но Писмото сите ги затвори под грев, па преку верата во Исус Христос да им се даде ветеното на оние кои веруваат. Пред да дојде верата, ние бевме под стража на Законот, заклучени за верата која требаше да се открие. И така, Законот беше за нас вос­пи­тувач да нѐ доведе до Христос, за да бидеме оправдани преку верата; а откако дојде верата, ние веќе не сме под раководство на воспитувач. Зашто сите сте синови Божји преку верата во Христос Исус; сите, што сте крстени во Христос, во Христос се облековте. Нема веќе ни Јудејци, ни Елини, ни роб, ни слободен; нема машко – женско; зашто сите вие сте едно во Христос Исус. А, ако сте, пак, вие Христови, то­гаш сте Авраамово семе, и по ветување наследници.

Галатјаните 3:21-29 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Според тоа, дали е Законот противен на Божјите ветувања? Далеку од тоа! Зашто, ако беше даден закон, што може да даде живот, тогаш навистина праведноста би била од законот. Но Писмото сите ги затвори под грев, и врз основа на верата во Исуса Христа ветувањето да им биде дадено на оние, кои веруваат. А пред да дојде верата, бевме под стражата на законот, затворени, до времето на верата која требаше да се открие. Така, Законот ни беше наш воспитач до Христа, за да се оправдаме преку верата. А сега дојде верата, и не сме повеќе под воспитувачот. Зашто, сите сте Божји синови преку верата во Христа Исуса, зашто сите, кои се крстивте во Христа, се облековте со Христа. Нема веќе ни Јудеец ни Грк, нема веќе ни роб ни слободен, нема веќе ни машко ни женско, зашто вие сите сте едно во Христа Исуса. А ако сте пак вие Христови, тогаш сте Авраамово семе, наследници по ветувањето.