Галатјаните 3:15-21
Галатјаните 3:15-21 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Браќа, зборувам како човек: и утврдениот човечки завет никој веќе не го растура ниту му додава нешто. Но ветувањата му беа дадени на Авраам и на семето негово. Не е речено: „И на семињата“, како за мнозина, туку како за еден: „И на семето твое“, кое е Христос. Ова сакам да го кажам: Заветот што Бог го даде не може да биде обезвреден од Законот, кој е настанат четиристотини и триесет години подоцна, така што ветувањето би можело да ја изгуби силата. Зашто, ако наследството е добиено по Законот, тоа веќе не е според ветувањето; а на Авраам Бог му го дари по ветување. Зошто е, пак, даден Законот? Тој е додаден поради престапите, додека не дојде семето, на кое се однесува ветувањето, и е предаден преку ангели, преку рака на посредник. Но посредникот не може да биде само посредник на еден, а Бог е еден. Па така, Законот противен ли е на Божјите ветувања? Никако! Зашто, ако беше даден закон, што ќе можеше да животвори, тогаш навистина оправданието ќе произлегуваше од Законот.
Галатјаните 3:15-21 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Драги пријатели христијани, да ви дадам еден пример од секојдневноста. Ако двајца луѓе склучат договор, никој од нив не може ниту да отстапи од него, ниту пак нешто да додаде кон него. Ветувањето му беше дадено на Авраам и на неговиот Потомок. Светото Писмо не вели „на твоите потомци“, како да се повеќемина, туку вели: „на твојот Потомок“, а тоа е Христос. Сакам да кажам дека Мојсеевиот Закон не може да го промени или поништи ветувањето што Бог го даде четиристотини и триесет години пред да Му биде даден Законот на Мојсеј. Ако добивањето на наследството зависи од придржувањето кон Мојсеевиот Закон, тогаш Божјото ветување не би играло никаква улога, а знаеме дека Бог му подари на Авраам наследство врз основа на Своето ветување. Тогаш зошто постои Мојсеевиот Закон? Тој им беше даден на луѓето за да сфатат дека се грешни. Тој беше на сцена се додека не дојде Потомокот за Кого беше дадено ветувањето. Постои уште една разлика. Ангелите му го дадоа Законот на Мојсеј, а тој им го пренесе на луѓето. Посредник е потребен кога има две страни, а при ветувањето дадено на Авраам, Бог дејствуваше самостојно. Тогаш, дали Законот е во спротивност со Божјото ветување? Никако! Ако Мојсеевиот Закон можеше да ни даде живот, тогаш луѓето ќе се помируваа со Бог со придржување кон Законот.
Галатјаните 3:15-21 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Браќа, зборувам по човечки: заветот што човек го потврдил, никој не го отфрла, ниту му додава нешто. А ветувањата им беа дадени на Авраама и на неговото семе. И не вели: „и на семињата“, како за мнозина; туку како за еден: „и на твоето Семе“ Кој е Христос. Го велам и ова: Законот што стана по четири стотини и триесет години, не го поништува заветот, кого Бог го потврдил порано, ниту го поништува ветувањето. Зашто, ако наследството доаѓа од Законот, тоа веќе не е од ветувањето; но Бог му го подари на Авраама преку ветувањето. Тогаш, зошто е Законот? Тој е определен со посредство на ангели, со рака на еден посредник, па е додаден заради престапите, додека не дојде Семето, Кому Му е дадено ветувањето. Посредник пак нема таму, каде што е само еден; а Бог е еден. Според тоа, дали е Законот противен на Божјите ветувања? Далеку од тоа! Зашто, ако беше даден закон, што може да даде живот, тогаш навистина праведноста би била од законот.