Галатјаните 2:15-21
Галатјаните 2:15-21 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Јас и ти по раѓање сме Евреи, а не грешници од народите кои не Го познаваат Бога. Па сепак знаеме дека човек не се помирува со Бог преку придржување кон Мојсеевиот Закон, туку преку вера во Исус Христос. Затоа и поверувавме во Исус Христос, за да бидеме прифатени од Бог преку вера во Христос, а не преку придржување кон Мојсеевиот Закон. Никој нема да се спаси придржувајќи се до Мојсеевиот Закон.“ Кога ние, Евреите, почнавме да бараме помирување со Бог преку вера во Христос, сфативме дека и ние сме грешници. Дали тоа значи дека Христос не направи грешници? Се разбира, не! Ако јас урнам нешто, а потоа се обидувам повторно да го изградам, ќе испадне дека сум згрешил што сум го урнал! Кога се обидов да се придржувам до Мојсеевиот Закон, сфатив дека на тој начин никогаш нема да станам прифатлив за Бог. Затоа јас умрев за Законот, за да можам да живеам за Бог. Јас бев распнат со Христос, и веќе не сум јас тој што живее во моето тело. Христос живее во мене. Животот што сега го живеам, го живеам преку вера во Божјиот Син, Кој ја искажа Својата љубов спрема мене со тоа што го даде Својот живот за мене. Јас не можам да гледам како се омаловажува Божјата благонаклоност спрема нас! Зашто, да можевме да се спасиме со придржување кон Мојсеевиот Закон, тогаш немаше потреба Христос да се жртвува!
Галатјаните 2:15-21 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Ние сме родени како Јудејци, а не грешници од незнабошците. Но знаеме дека човекот не се оправдува преку делата на Законот, туку само преку верата во Христос Исус. Затоа и ние поверувавме во Исус Христос, за да се оправдаме преку верата во Христос, а не преку делата на Законот; зашто преку делата на Законот нема никој да се оправда. Ако, пак, барајќи да се оправдаме во Христос, и сами се најдовме грешници, не е ли тогаш Христос слуга на гревот? Тоа никако! Зашто, ако одново го градам она што сум го урнал, тогаш и сам станувам престапник; преку Законот умрев за Законот, за да живеам за Бога. Се распнав заедно со Христос; и јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене. А тоа што сега живеам во тело, живеам со верата во Синот Божји, Кој ме возљуби и Себе се предаде за мене. Не ја отфрлам благодатта Божја; зашто ако праведноста се придобива преку Законот, тогаш Христос залудо умрел.
Галатјаните 2:15-21 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Ние сме по раѓање Јудејци, а не грешници од народите. Но бидејќи знаеме дека човекот не се оправдува од делата на Законот, туку само преку верата на Исуса Христа, и ние поверувавме во Христа Исуса, за да се оправдаме од верата во Христа, а не од делата на Законот; зашто од делата на Законот нема да се оправда ниту еден човек. Па ако и ние самите, сакајќи да се оправдаме во Христа, се најдовме грешници, дали е тогаш Христос служител на гревот? Далеку од тоа! Зашто, ако повторно го ѕидам она што сум го разурнал, се покажувам како престапник: зашто јас умрев преку Законот за Законот, за да живеам за Бога. Со Христа сум распнат на крстот; и јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене: а животот што сега го живеам во телото, го живеам преку верата во Божјиот Син, Кој ме возљуби и Се предаде Себеси за мене. Не ја поништувам Божјата благодат, зашто ако правдата доаѓа преку Законот, тогаш Христос умрел напразно.