Галатјаните 2:11-14
Галатјаните 2:11-14 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Но кога Петар дојде во Антиохија, јас бев принуден јавно да му се противставам, бидејќи заслужуваше да биде укорен! Имено, пред да дојдат неколкумина пратеници на Јаков, тој слободно јадеше со христијани од нееврејско потекло. Но кога овие дојдоа, се повлече и се одвои од неевреите, плашејќи се да не биде осуден од новодојдените браќа Евреи! Во тоа лицемерство му се придружија и другите Евреи христијани, па дури и Барнаба го вовлекоа во тоа лицемерство! Кога видов дека не постапуваат правилно и во согласност со вистинската Радосна вест, јас пред сите му реков на Петар: „Ти, иако си Евреин, се откажа од еврејските закони и живееш како неевреин. Како можеш сега да ги тераш оние што не се Евреи да живеат според еврејските правила!?
Галатјаните 2:11-14 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
А кога дојде Кифа во Антиохија, јас лично му се спротивставив, зашто беше заслужил осудување. Имено, пред да пристигнат некои од Јаков, тој јадеше заедно со незнабошците; а кога дојдоа, почна да се снебива и да се двои, бидејќи се плашеше од обрезаните. Заедно со него лицемереа и другите Јудејци, така што со нивното лицемерие беше заведен дури и Варнава. А кога видов дека тие не постапуваат точно според Евангелската вистина, му реков на Кифа пред сите: „Кога ти, кој си Јудеец, живееш како незнабошците, а не како Јудејците, зошто тогаш незнабошците ги принудуваш да живеат јудејски?“
Галатјаните 2:11-14 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
А кога Кифа дојде во Антиохија, му се спротивставив во лице, зашто требаше да биде осуден. Имено, пред да дојдат некои од Јакова, тој јадеше со многубошците, но кога дојдоа овие, тој се повлече и се отстрани, заради страв од обрезаните. И дволичеа со него и другите Јудејци, така што нивното лицемерство го заведе и Варнава. Кога видов дека не одат право според вистината на Евангелието, му реков на Кифа пред сите: „Ако ти, кој си Јудеец, живееш како народите; а не јудејски, како можеш да ги принудуваш народите да живеат јудејски.