Излез 5:1-23
Излез 5:1-23 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
А потоа Мојсеј и Арон дојдоа кај фараонот, па му рекоа: „Вака вели Господ, Бог Израелов – ‚Пушти го народот Мој, да празнува празник во Моја чест во пустината.‘“ Но фараонот рече: „Кој е тој Господ, за да го послушам гласот Негов, и да ги пуштам синовите израелски? Не Го познавам тој Господ, ниту ќе го пуштам народот израелски.“ А тие рекоа: „Бог на Евреите нѐ повика нас три дена пат да одиме во пустината, за да Му принесеме жртва на Господ, нашиот Бог, та да не ни испрати помор или убиство.“ Тогаш царот египетски им рече: „Зошто вие, Мојсеј и Арон, го одвлекувате народот од неговата работа? Одете да работите!“ И фараонот уште додаде: „Ете, сега кога народот се намножи во земјата, вие сакате да го натерате да не работи!“ И веднаш им заповеда фараонот на надзорниците над народот и на настојниците негови, и рече: „Отсега на народот нема да му давате плева за правење тули, како досега, туку сами нека одат да си собираат плева. А колку тули досега правеле, настојувајте толку да прават и отсега: ништо не намалувајте; бидејќи се без работа, па затоа викаат и велат – ‚Да одиме и да Му принесеме жртва на нашиот Бог.‘ Нека им се зголеми работата на тие луѓе, за да работат повеќе и да не се занимаваат со празни зборови.“ И излегоа надзорниците и настојниците, и му рекоа на народот: „Вака вели фараонот: нема да ви давам веќе плева; одете сами и собирајте си плева, каде што ќе најдете; а од работата нема ништо да ви се намали.“ И се разотиде народот по целата земја египетска за да собира стрника наместо плева. А надзорниците навалуваа, велејќи: „Вршете ги вашите определени работи секој ден, како и порано кога имавте плева.“ А настојниците од родот на синовите израелски, кои ги поставија над нив надзорниците на фараонот, беа биени и им се велеше: „Зошто ни вчера, ни денес не изработивте толку тули, колку што ви е определено, како што правевте порано?“ И отидоа настојниците на синовите израелски пред фараонот, па извикаа и рекоа: „Зошто постапуваш така со слугите твои? Плева не им се дава на слугите твои, а пак ни се вели: правете тули. И ете, ги бијат слугите твои. Го онеправдуваат твојот народ.“ Но тој им одговори: „Седите без работа, не работите, па затоа велите: ‚Да одиме да Му принесеме жртва на Господ.‘ Затоа сега одете, работете; плева нема да ви се дава, а вие определениот број тули ќе го предавате.“ И настојниците на синовите израелски се видоа во зло, бидејќи им беше речено: „Дневната количина на тулите не смеете да ја намалите.“ А кога излегоа откај фараонот, ги сретнаа Мојсеј и Арон, кои стоеја и ги очекуваа. Па им рекоа: „Бог нека види и нека ви суди што нѐ направивте омразени кај фараонот и кај службениците негови, и им дадовте меч во рацете, за да нѐ убиваат!“ Тогаш Мојсеј се обрна кон Господ и рече: „Господи, зошто го воведе во неволја овој народ? Зошто ме испрати мене? Зашто, откако излегов пред фараонот и проговорив во Твое име, тој уште полошо постапува со овој народ? Ти не го избави народот Свој!“
Излез 5:1-23 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Потоа Мојсеј и Арон отидоа и му рекоа на фараонот: „Вака вели Господ, Израелевиот Бог: ‘Пушти го Мојот народ да отиде и да прослави свеченост во Моја чест.’“ „Кој е Тој Господ за да Го послушам јас - одговори фараонот - и да ги пуштам Израелците? Јас не Го познавам Тој Господ, ниту ќе ги пуштам Израелците.“ „Бог на Евреите ни се јави - рекоа. Затоа пушти нѐ да одиме три дни одење во пустината и да Му принесеме жртва на Господа, својот Бог, за да не нѐ нападне со помор или со меч.“ Тогаш египетскиот цар им одговори: „Мојсеј и Арон, зошто го одвлечкувате народот од неговата должност? Одете на својата работа. Сега кога луѓето се умножија толку - продолжи фараонот - вие сакате да ги остават работите?“ Во истиот ден фараонот им заповеда на надгледувачите и бележниците: „Не набавувајте му на овој народ плева како досега. Нека одат сами и си ја собираат. А барајте од нив исто количество плитари, што го правеа и досега. Не намалувајте го! Мрзливци се. Затоа викаат: ‘Ајде да Му принесеме жртва на својот Бог.’ Наложете им работи на тој народ: нека работат, за да не обрнуваат внимание на клеветите!“ Така, дојдоа надгледувачите на народот и неговите бележници и му јавија на народот: „Фараонот порачува вака: ‘Нема повеќе да ви набавувам плева. Вие самите треба да одите и да ја барате, каде што ќе можете да ја најдете. Но затоа нема да ја намалам вашата работа.’“ Затоа народот се разотиде по целата египетска земја да собира слама место плева. А надгледувачите ги гонеа: „Секој ден треба да ја свршите истата работа како и тогаш додека ја добивавте плевата.“ А бележниците, кои фараоновите надгледувачи ги поставија над Израелците, ги тепаа и прекоруваа: „Зошто ни вчера ниту денес не направивте плитари колку и порано?“ Тогаш бележниците на Израелците отидоа и му се пожалија на фараонот: „Зошто постапуваш вака со своите слуги? Твоите слуги веќе не добиваат плева, а сепак од нас се бара: ‘Направете плитари!’ А и ги бијат твоите слуги, а виновен е твојот народ!“ „Вие сте мрзливци! Мрзливци! - одговори фараонот. Затоа и велите: ‘Ајде да Му принесеме жртва на Господа!’ Одете на работа! Плева нема да ви се дава, ама треба да го правите одреденото количество плитари.“ Бележниците на Израелците се најдоа во мака заради заповедта: „Не смеете да го намалите секојдневното количество на плитарите!“ Откако си отидоа од кај фараонот, ги најдоа Мојсеја и Арона, кои ги чекаа. „Господ нека ве има на око и нека ви суди! - им дофрлија. Нѐ замразивте кај фараонот и кај неговите дворјани; им дадовте меч во раката за да нѐ погубат.“ Мојсеј се врати при Господа и рече: „Зошто, Господи, му нанесуваш штета на Својот народ? Зошто ме испрати? Откога јас стапив пред фараонот и му проговорив во Твое име, тој постапува уште полошо со овој народ. А Ти не преземаш ништо да го избавиш Својот народ.“