Излез 3:7-17
Излез 3:7-17 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И Господ рече: „Ги видов страдањата на народот Мој во Египет, и го чув пискотот негов од надзорниците. Позната ми е маката негова. Па слегов да го избавам од рацете египетски, и да го изведам од таа земја и да го воведам во земја добра и пространа, во земја, каде што тече мед и млеко, во земјата на Хананците, Хитијците, Аморејците, Перизијците, Евејците и Јевусијците. И еве, сега викотот на израелските синови стигна до Мене, и Јас го видов гнетот, со кој ги мачат Египќаните. А сега појди – Јас те испраќам кај фараонот, за да го изведеш од Египет народот Мој, синовите израелски.“ Мојсеј, пак, Му проговори на Бога: „Кој сум јас, та да одам кај фараонот, и да ги изведам синовите на Израел од земјата египетска?“ А Тој рече: „Јас ќе бидам со тебе, и еве ти знак дека Јас сум те испратил: Кога ќе го изведеш народот од Египет, ќе Му служите на Бога на оваа планина.“ А Мојсеј Му рече на Бога: „Еве, ќе појдам кај синовите израелски и ќе им речам: ‚Бог на татковците ваши ме испраќа кај вас.‘ И ако тие ме прашаат: ‚како Му е името‘, што ќе им речам тогаш?“ Бог му одговори на Мојсеј, велејќи: „Јас сум Оној, Кој вечно постои!“ Па продолжи: „Така ќе им кажеш на синовите израелски: ‚Оној, Кој вечно постои, ме испрати кај вас.‘“ И пак му рече Бог на Мојсеј: „Вака кажи им на синовите израелски: ‚Господ Бог на татковците наши, Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов ме испрати кај вас. Ете тоа е името Мое вечно, и тоа е споменот за Мене од колено на колено.‘ Оди и собери ги израелските старешини, и кажи им: Господ, Бог на татковците ваши, ми се јави, Бог Авраамов, Исаков и Јаковов, и ми рече: ‚Ве посетив и видов што ви се прави во Египет.‘ И реков: ‚Ќе ве изведам од маките египетски во земјата на Хананците, Хитијците, Аморејците, Перизијците, Евејците, и Јевусијците, во земја каде што тече мед и млеко!‘
Излез 3:7-17 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
„Ги видов страдањата на својот народ во Египет - продолжи Господ - и му ја чув тужбата против неговите угнетувачи. Познати ми се неговите маки. Затоа слегов да го избавам од египетските раце и да го одведам во добра и пространа земја, во земја каде течат мед и млеко: во родниот крај на Ханаанците, Хетејците, Аморејците, Ферезејците, Евејците и Евусејците. Повиците на Израелевите синови стигнаа до мене. И Самиот видов како Египетците ги угнетуваат. Затоа, ајде! Јас те испраќам при фараонот да го избавиш Мојот народ, Израелците, од Египет.“ „Кој сум јас да се запатам при фараонот - Му одговори Мојсеј на Бога - и да ги изведам Израелците од Египет!“ „Јас ќе бидам со тебе - продолжи. - И ова ќе биде знак дека Јас те испратив: кога ќе го изведеш народот од Египет, ќе Му искажете почитување на Бога на оваа гора.“ Тогаш Мојсеј Му рече на Бога: „Ако отидам при Израелците и им речам: ‘Бог на вашите татковци ме испрати при вас’, и тие ме прашаат: ‘Како Му е името?’ - што ќе им одговорам?“ „ЈАС СУМ, КОЈ СУМ,“ му рече Бог на Мојсеја. Потоа продолжи: „Кажи им вака на Израелците: ‘ЈАС СУМ, ме испрати при вас.’“ Натаму Бог му рече на Мојсеја: „Речи им на Израелците вака: ‘Господ, Бог на вашите татковци, Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов, ме испрати при вас. Тоа е Мое име довека, така ќе Ме викаат од род до род.’ Оди, собери ги старешините на Израелците и речи им: ‘Господ, Бог на татковците - Бог Авраамов, Исаков и Јаковов - ми се јави и ми рече: „Ве посетив и разбрав што ви прават во Египет. Одлучив да ве изведам од египетската беда во земјата на Ханаанците, Хетејците, Аморејците, Ферезејците, Евејците и Евусејците - во земјата во која течат мед и млеко!“‘