Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Излез 3:1-17

Излез 3:1-17 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Мојсеј го пасеше стадото на Јотор, тестот свој, свештеникот мидјански. Еднаш го одведе стадото далеку во пустината и дојде до Божјата планина Хорив. И му се јави ангел Господов во огнен пламен од средината на една грмушка. И виде тој, а тоа грмушката гори со оган, а не изгорува. И Мојсеј рече: „Да појдам да го видам ова чудо, зошто грмушката не изгорува?“ А кога Господ виде дека тој доаѓа да види, извика Господ од грмушката и рече: „Мојсеј, Мојсеј!“ А тој одговори: „Еве ме, Господи!“ А Тој рече: „Не приоѓај ваму. Собуј си ги обувките од нозете, зашто ова место, на кое стоиш, е света земја.“ И му рече: „Јас сум Бог на таткото твој, Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов.“ А Мојсеј го закри лицето свое, зашто се плашеше да погледне во Бога. И Господ рече: „Ги видов страдањата на народот Мој во Египет, и го чув пискотот негов од надзорниците. Позната ми е маката негова. Па слегов да го избавам од рацете египетски, и да го изведам од таа земја и да го воведам во земја добра и пространа, во земја, каде што тече мед и млеко, во земјата на Хананците, Хитиј­ците, Аморејците, Перизијците, Евеј­ци­те и Јевусијците. И еве, сега викотот на израелските синови стигна до Мене, и Јас го видов гнетот, со кој ги мачат Египќаните. А сега појди – Јас те испраќам кај фараонот, за да го изведеш од Египет народот Мој, синовите израелски.“ Мојсеј, пак, Му проговори на Бога: „Кој сум јас, та да одам кај фараонот, и да ги изведам синовите на Израел од земјата египетска?“ А Тој рече: „Јас ќе бидам со тебе, и еве ти знак дека Јас сум те испратил: Кога ќе го изведеш народот од Египет, ќе Му служите на Бога на оваа планина.“ А Мојсеј Му рече на Бога: „Еве, ќе појдам кај синовите израелски и ќе им речам: ‚Бог на татковците ваши ме ис­праќа кај вас.‘ И ако тие ме прашаат: ‚како Му е името‘, што ќе им речам тогаш?“ Бог му одговори на Мојсеј, велејќи: „Јас сум Оној, Кој вечно постои!“ Па продолжи: „Така ќе им кажеш на синовите израелски: ‚Оној, Кој вечно постои, ме испрати кај вас.‘“ И пак му рече Бог на Мојсеј: „Вака кажи им на синовите израелски: ‚Господ Бог на татковците наши, Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов ме испрати кај вас. Ете тоа е името Мое вечно, и тоа е споменот за Мене од колено на колено.‘ Оди и собери ги израелските ста­решини, и кажи им: Господ, Бог на татковците ваши, ми се јави, Бог Авраамов, Исаков и Јаковов, и ми рече: ‚Ве посетив и видов што ви се прави во Египет.‘ И реков: ‚Ќе ве изведам од маките египетски во земјата на Хананците, Хитијците, Аморејците, Перизијците, Евејците, и Јевусијците, во земја каде што тече мед и млеко!‘

Излез 3:1-17 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Мојсеј ги пасеше овците на деда си Јотор, мадијамски свештеник. Гонејќи го така стадото по пустината, дојде до Божјата Гора, Хорив. Господов ангел му се покажа во распламнат оган од една капина. Тој се загледа: целата капина во пламен, а сепак не изгорува. „Ајде да се доближам - рече Мојсеј - и да ја набљудувам оваа чудна глетка: зошто капината не изгорува.“ Кога Господ виде дека приоѓа да разгледа, Бог го повика од капината: „Мојсеј! Мојсеј!“ „Еве ме,“ се јави. „Не приближувај се наваму! - рече. - Собуј ги обувките од нозете! Зашто местото на кое стоиш е света земја. Јас Сум - продолжи - Бог на твојот татко; Бог Авраамов, Бог Исаков, Бог Јаковов.“ Мојсеј го засолна лицето: се плашеше да гледа во Бога. „Ги видов страдањата на својот народ во Египет - продолжи Господ - и му ја чув тужбата против неговите угнетувачи. Познати ми се неговите маки. Затоа слегов да го избавам од египетските раце и да го одведам во добра и пространа земја, во земја каде течат мед и млеко: во родниот крај на Ханаанците, Хетејците, Аморејците, Ферезејците, Евејците и Евусејците. Повиците на Израелевите синови стигнаа до мене. И Самиот видов како Египетците ги угнетуваат. Затоа, ајде! Јас те испраќам при фараонот да го избавиш Мојот народ, Израелците, од Египет.“ „Кој сум јас да се запатам при фараонот - Му одговори Мојсеј на Бога - и да ги изведам Израелците од Египет!“ „Јас ќе бидам со тебе - продолжи. - И ова ќе биде знак дека Јас те испратив: кога ќе го изведеш народот од Египет, ќе Му искажете почитување на Бога на оваа гора.“ Тогаш Мојсеј Му рече на Бога: „Ако отидам при Израелците и им речам: ‘Бог на вашите татковци ме испрати при вас’, и тие ме прашаат: ‘Како Му е името?’ - што ќе им одговорам?“ „ЈАС СУМ, КОЈ СУМ,“ му рече Бог на Мојсеја. Потоа продолжи: „Кажи им вака на Израелците: ‘ЈАС СУМ, ме испрати при вас.’“ Натаму Бог му рече на Мојсеја: „Речи им на Израелците вака: ‘Господ, Бог на вашите татковци, Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов, ме испрати при вас. Тоа е Мое име довека, така ќе Ме викаат од род до род.’ Оди, собери ги старешините на Израелците и речи им: ‘Господ, Бог на татковците - Бог Авраамов, Исаков и Јаковов - ми се јави и ми рече: „Ве посетив и разбрав што ви прават во Египет. Одлучив да ве изведам од египетската беда во земјата на Ханаанците, Хетејците, Аморејците, Ферезејците, Евејците и Евусејците - во земјата во која течат мед и млеко!“‘