Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Излез 2:11-19

Излез 2:11-19 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

По многу време, кога Мојсеј порасна, отиде меѓу браќата свои, и ја виде маката нивна. И забележа како еден Египќанец бие Евреин – еден од браќата негови. Се обѕрна на сите страни, и, кога виде дека нема никој, го уби Егип­ќа­нецот и го закопа во песокот. Утредента излезе пак и виде двајца мажи Евреи како се тепаат и му рече на оној, кој беше виновен: „Зошто го биеш ближниот свој?“ А тој одговори: „Кој те постави те­бе за старешина и судија над нас? Да не сакаш и мене да ме убиеш, како што го уби Египќанецот?“ Тогаш Мојсеј се у­плаши и рече: „Значи, се разбрало за ова!“ И фараонот чу за ова, па сакаше да го погуби Мојсеј. Но Мојсеј избега од фараонот и отиде во мидјанската земја, и седна крај еден извор. А свештеникот мидјански, пак, има­ше седум ќерки. И тие дојдоа и цр­пеа вода и ги наполнија поилата, за да го напојат стадото на својот татко. Но дојдоа овчари, и ги истераа, а Мојсеј стана и ги одбрани, им налеа вода и им го напои стадото. Тие се вратија кај таткото свој Рагуил, а тој ги праша: „Зошто толку бргу се вративте денес?“ Тие одговорија: „Еден Египќанец нѐ одбрани од овчарите, дури ни извади вода и ни ги напои овците.“

Излез 2:11-19 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Еден ден, кога Мојсеј веќе беше порастен, дојде меѓу своите браќа и ги виде нивните маки. Тогаш забележа како еден Египетец бие еден Евреин - негов брат. Се заврте ваму-таму и откако виде дека нема никој, го уби Египетецот и го закопа во песокот. Тој излезе и другиот ден и најде двајца Евреи како се тепаат. „Зошто го тепаш својот другар?“ - му рече на напаѓачот. Овој му одговори: „Кој те постави за наш старешина и судија? Имаш ли намера да ме убиеш и мене, како што го уби оној Египетец?“ Мојсеј се исплаши и си рече во себе: „Така! Сепак се научило.“ Кога фараонот го чу тоа, сакаше да го погуби Мојсеја. Затоа Мојсеј избега од фараонот и се засолна во Мадијамската Земја. Таму седна покрај еден кладенец. Мадијамскиот свештеник имаше седум ќерки. Тие дојдоа да нацрпат вода и да ги налеат поилата, за да го напојат стадото на својот татко. Но дојдоа и пастирите и ги истераа. Мојсеј стана, ги одбрани и им го напои стадото. Кога се вратија при својот татко Рагуил, тој ги праша: „Како се вративте денес толку брзо?“ Тие одговорија: „Еден Египетец нѐ одбрани од пастирите, и уште ни нацрпи вода и ни го напои стадото.“

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност