Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Излез 16:17-31

Излез 16:17-31 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И направија така синовите израел­ски: и собраа, кој повеќе, кој помалку. Па мереа со омер; и кој беше собрал повеќе, излишок немаше, а оној помал­ку, – немаше недостиг; секој имаше онолку, колку што можеше да изеде. И им рече Мојсеј: „Никој да не остава од тоа за утре!“ Но тие не го послушаа Мојсеј, туку некои оставија од тоа за утре, а тоа црвоса и се усмрде. И се налути Мојсеј на нив. И така тие го собираа секое утро рано, секој колку што може да изеде; а кога сонцето ќе изгрееше, тоа се топеше. А во шестиот ден собраа од тој леб двојно повеќе – по два омера за секого. И дојдоа старешините народни, па му јавија на Мојсеј. А тој им рече: „Еве што кажа Господ – утре е сабота, ден за одмор посветен на Господ; што ќе печете – печете, и што треба да варите – варете денес; а што ќе преостане, соберете го и чувајте го за утре!“ И оставија од него за утре, како што заповеда Мојсеј, и тоа не се усмрде, ниту имаше црвје во него. И Мојсеј рече: „Јадете го тоа денес, бидејќи денес е сабота Господова; денес нема да најдете од него во полето. Шест дена ќе собирате, а седмиот ден е сабота, тогаш ќе го нема.“ И на седмиот ден излегоа некои од народот да собираат, но не најдоа. А Господ му рече на Мојсеј: „До кога ќе се противите на заповедите Мои и на законот Мој? Ете, Господ ви дал денес сабота, затоа во шестиот ден и ви дава леб за два дена. Останете секој во својот дом, и во седмиот ден никој да не го напушта местото свое.“ И се одмараше народот седмиот ден. И синовите израелски тој леб го нарекоа мана. Тој беше бел како коријандрово семе, а по вкус – како медено колаче.

Излез 16:17-31 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Израелците направија така. Некои собраа повеќе, некои помалку. Кога измерија со гомор, се покажа дека немаше излишок оној кој собрал многу, а ниту недостиг оној кој собрал малку: секој собрал колку што му требаше за јадење. „Нека никој не остава ништо за утрото!“ им рече Мојсеј. Но тие не го послушаа Мојсеја; некои оставија и за утре. А тоа им црвоса и засмрде. Мојсеј се налути на нив. Така собираа секое утро колку што му требаше секому за јадење. И кога сонцето ќе огрееше, маната се растопуваше. Тогаш на шесттиот ден собраа двојно количество храна по два гомора на секој. Кога старешините на заедницата дојдоа да го известат Мојсеја, тој им рече: „Ова е Господова заповед: утре е ден на целосна почивка, сабота посветена на Господа. Испечете што сакате да печете; сварете што сакате да варите. Сѐ што ќе ви биде одвишок оставете го за утре.“ Тие го оставија тоа за утре, како што нареди Мојсеј, и ниту засмрде, ниту пак се појавија црви. „Јадете го тоа денес - им рече Мојсеј - зашто овој ден е сабота во чест на Господа; денес не ќе најдете мана во полето. Собирајте ја шест дни, а на седмиот, во сабота, ќе ја нема.“ Имаше некои што одеа и во седмиот ден да ја соберат, ама ништо не најдоа. Затоа Господ му рече на Мојсеја: „До кога ќе одбивате да им се покорите на Моите заповеди и на Моите закони? Погледајте! Затоа што Господ ви ја даде саботата, ви дава храна на шесттиот ден за два дни. Нека секој стои каде што е; нека никој не излегува од својот шатор во седмиот ден.“ Така народот се одморуваше на седмиот ден. Израелевиот дом ја нарече таа храна: мана. Беше како кориандрово зрно; бела, а имаше вкус на медено колаче.