Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Излез 16:1-8

Излез 16:1-8 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Од Елим се кренаа и целата заедница на синовите израелски дојде во пустината Син, која се наоѓа меѓу Елим и Синај, во петнаесеттиот ден од вториот месец, откако излегоа од египетската земја. И почна да се буни целата заедница на синовите израелски против Мојсеј и против Арон во пустината. И им рекоа синовите на Израел: „О, да бевме умреле од раката Господова во земјата египетска, кога седевме покрај котлите со месо и јадевме леб до насит! Нѐ изведовте овде во оваа пустина, за да го умрете целово ова множество со глад!“ А Господ му рече на Мојсеј: „Еве, ќе пуштам да паѓа леб од небото, и народот нека излегува секој ден и нека собира колку што е потребно за тој ден, за да го проверам ќе постапува ли според законот Мој или не; а во шестиот ден нека го зготват она, што го собрале, и тоа ќе стане двој­но од она, што го собираат секој ден.“ Тогаш Мојсеј и Арон му рекоа на целиот народ израелски: „Вечерва ќе познаете дека Господ ве изведе од земјата египетска, а утре ќе ја видите славата Гос­подова; зашто Тој го чу негодувањето ваше против Господ. Што сме ние, та да се буните против нас?“ Потоа Мојсеј рече: „Вечерва Господ ќе ви даде месо да јадете, а утре изутрина леб до наситка; зашто го чу Гос­под негодувањето ваше, што го сто­рив­те против Него. Кои сме ние? Вашето негодување не е против нас, туку против Господ.“

Излез 16:1-8 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Потоа тргнаа од Елим, и сета израелска заедница дојде во пустината Син, што е меѓу Елим и Синај, во петнаесеттиот ден на вториот месец по излезот од Египетската Земја. Целата израелска заедница почна да мрмори во пустината против Мојсеја и Арона. „Ох, да изумревме од Господовата рака во Египетската Земја, кога седевме покрај грнци со месо и јадевме леб до наситка! - им рекоа. Нѐ изведовте во оваа пустина за да го поморите со глад целово ова мноштво!“ Тогаш Господ му рече на Мојсеја: „Ќе направам да ви паѓа како дожд леб од небото. Народот нека отиде и собира секој ден, колку што му треба за ден. Така ќе ги искушам и ќе видам дали ќе се придржуваат до Мојот закон или не. А на шестиот ден, кога ќе го сместат собраното, ќе има двапати онолку, колку собираа за секој ден.“ Тогаш Мојсеј и Арон им проговорија на сите Израелци: „Вечерва ќе познаете дека Господ ве изведе од Египетската Земја, а наутро ќе ја видите, со свои очи, Господовата слава, зашто Господ ве чу како мрморевте против Него. Што сме ние да мрморите против нас? Вечерва Господ ќе ви даде месо да јадете - продолжи Мојсеј - а наутро леб до наситка, зашто Господ го чу вашето мрморење против Него. Што сме ние? Вие не мрморите против нас, туку против Господа.“