Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Излез 16:1-18

Излез 16:1-18 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Од Елим се кренаа и целата заедница на синовите израелски дојде во пустината Син, која се наоѓа меѓу Елим и Синај, во петнаесеттиот ден од вториот месец, откако излегоа од египетската земја. И почна да се буни целата заедница на синовите израелски против Мојсеј и против Арон во пустината. И им рекоа синовите на Израел: „О, да бевме умреле од раката Господова во земјата египетска, кога седевме покрај котлите со месо и јадевме леб до насит! Нѐ изведовте овде во оваа пустина, за да го умрете целово ова множество со глад!“ А Господ му рече на Мојсеј: „Еве, ќе пуштам да паѓа леб од небото, и народот нека излегува секој ден и нека собира колку што е потребно за тој ден, за да го проверам ќе постапува ли според законот Мој или не; а во шестиот ден нека го зготват она, што го собрале, и тоа ќе стане двој­но од она, што го собираат секој ден.“ Тогаш Мојсеј и Арон му рекоа на целиот народ израелски: „Вечерва ќе познаете дека Господ ве изведе од земјата египетска, а утре ќе ја видите славата Гос­подова; зашто Тој го чу негодувањето ваше против Господ. Што сме ние, та да се буните против нас?“ Потоа Мојсеј рече: „Вечерва Господ ќе ви даде месо да јадете, а утре изутрина леб до наситка; зашто го чу Гос­под негодувањето ваше, што го сто­рив­те против Него. Кои сме ние? Вашето негодување не е против нас, туку против Господ.“ И му рече Мојсеј на Арон: „Кажи му на целото општество на синовите израелски – ‚застанете пред Господ, зашто Тој го чу вашето незадовол­ство.‘“ И кога Арон му зборуваше на на­родот, тие погледнаа кон пустината, и ете – славата Господова се појави во облак. И му рече Господ на Мојсеј, ве­лејќи: „Го чув негодувањето на синовите израелски. Кажи им и речи: ‚Вечерва ќе јадете месо, а утре ќе се наситите со леб, и ќе познаете дека јас сум Господ, вашиот Бог.‘“ Вечерта долетаа потполошки и го прекрија логорот; а утрината беше паднала роса околу логорот. И, ете, кога се крена росата, а тоа: по пустината лежи валчест прав, нешто како бел сињак по земјата. И кога видоа синовите израелски, си велеа еден на друг: „Што е тоа?“ Зашто не знаеја, што беше тоа. А Мојсеј им рече: „Тоа е лебот, што ви го даде Господ да го јадете.“ Еве како заповеда Господ: „Соби­рајте од него, секој колку што му треба за јадење – по еден омер на лице, според бројот на членовите ваши; секој според бројот на домашните што ги има во шаторот, собирајте.“ И направија така синовите израел­ски: и собраа, кој повеќе, кој помалку. Па мереа со омер; и кој беше собрал повеќе, излишок немаше, а оној помал­ку, – немаше недостиг; секој имаше онолку, колку што можеше да изеде.

Излез 16:1-18 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Потоа тргнаа од Елим, и сета израелска заедница дојде во пустината Син, што е меѓу Елим и Синај, во петнаесеттиот ден на вториот месец по излезот од Египетската Земја. Целата израелска заедница почна да мрмори во пустината против Мојсеја и Арона. „Ох, да изумревме од Господовата рака во Египетската Земја, кога седевме покрај грнци со месо и јадевме леб до наситка! - им рекоа. Нѐ изведовте во оваа пустина за да го поморите со глад целово ова мноштво!“ Тогаш Господ му рече на Мојсеја: „Ќе направам да ви паѓа како дожд леб од небото. Народот нека отиде и собира секој ден, колку што му треба за ден. Така ќе ги искушам и ќе видам дали ќе се придржуваат до Мојот закон или не. А на шестиот ден, кога ќе го сместат собраното, ќе има двапати онолку, колку собираа за секој ден.“ Тогаш Мојсеј и Арон им проговорија на сите Израелци: „Вечерва ќе познаете дека Господ ве изведе од Египетската Земја, а наутро ќе ја видите, со свои очи, Господовата слава, зашто Господ ве чу како мрморевте против Него. Што сме ние да мрморите против нас? Вечерва Господ ќе ви даде месо да јадете - продолжи Мојсеј - а наутро леб до наситка, зашто Господ го чу вашето мрморење против Него. Што сме ние? Вие не мрморите против нас, туку против Господа.“ Потоа Мојсеј му рече на Арона: „Речи ѝ на целата израелска заедница: соберете се пред Господа, зашто го чу вашето мрморење!“ И додека Арон ѝ зборуваше на целата израелска заедница, тие се свртија кон пустината, и ете, Господовата слава се појави во облак. Тогаш Господ му се јави на Мојсеја и му рече: „Го чув мрморењето на Израелците. Речи им вака: ‘Вечерва ќе јадете месо, а наутро ќе се наситите со леб. Тогаш ќе познаете дека Јас Сум Господ, ваш Бог.’“ И навистина! Навечер се појавија потполошки и го покрија логорот, а наутро изобилна роса наросила сѐ околу логорот. Кога се крена навлаката од росата, по површината на пустината лежеше тенок слој, нешто како снегулки, како да се фатила слана по земјата. Кога Израелците го видоа тоа, се прашуваа еден друг: „Што е тоа?“ Зашто не знаеја што е. Тогаш Мојсеј им рече: „Тоа е леб, што Господ ни го набави за храна. А ова е заповедта што Господ ја издаде: ‘Соберете колку што му е потребно секому за јадење - по еден гомор на личност, секој според бројот на членовите што му се во шаторот.’“ Израелците направија така. Некои собраа повеќе, некои помалку. Кога измерија со гомор, се покажа дека немаше излишок оној кој собрал многу, а ниту недостиг оној кој собрал малку: секој собрал колку што му требаше за јадење.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност